Теодор Богоевски: „Додека сите сакаа да ме излечат, јас барав лек за општеството“

16.05.2023 18:17
„Додека сите сакаа да ме излечат, јас барав лек за општеството“(интервју со Теодор Богоевски)

Теодор Богоевски, советник на претседателот на Владата за лица со попреченост, својата повеќегодишна заложба за креирање на стратегии и политики за општествено унапредување и интегрирање на лицата со попреченост го сублимираше во книгата „Политичка партиципација на лицата со попреченост“. делото ќе биде промовирано на 18 мај во 12 часот во „Музејот на современа уметност“.

Овој сеопфатен труд во книгата е систематизиран темелно, од неговата лична засегнатост со проблематиката, до истражувањата кои преку востановена методологија можат да доведат до конкретни решенија. Во интервјуто за НоваТВ, со Богоевски разговаравме за мотивот за делување во оваа насока, активизмот, проблемите со кои се соочува и оптимизмот со кој пристапува на оваа тема. 

Сѐ почна летото 2008 година, пред точно 14 години, по пад во Охридското езеро кога го скршив четвртиот вратен пршлен. Тогаш имав 16 години и одвај чекав да се осамостојам и да бидам независен и возрасен. Претходно, како и сите вие сигурно, никогаш се немав замислено во количка, во мојата глава тоа беше нешто само за стари луѓе. Да се навратам на летото, како дирекна последица од повредата се здобив со парализа на сите четири екстремитети или стручно кажано квадриплегија. Скоро секундарно со времетраење од точно еден момент, од дете со темперамент и функционално тело, станав дете со целосна зависност од општеството. Благодарејќи на новата состојба, не само што се најдов во една комплетно нова ситуација на која требаше да се навикнам, добив и нови погледи на едно ново општество на кое требаше да се прилагодам. Сфатив дека општеството и тоа како не е исто за сите. Оддеднаш бев во можност да ги видам и почуствувам сите бариери кои тоа ги има во однос на лицата со попреченост. Сфатив дека додека не ти се одземат основните права, не си ни свесен дека си ги имал и колку вредни биле тие. Пандемијата можеби беше еден добар пример преку кој може секој да сочуствува со барем еден мал сегмент од ограничувањата со кои се соочуваат лицата со попреченост. Само што за лицата со попреченост нема „вакцина“ што ќе им ги отвори можностите за интегрирање во општеството, а и никој нема да се засегне да ја створи ако не ја створиме самите ние.“, пишува Богоевски во воведот на книгата.

НоваТВ: Според резимето станува збор за опсежен и темелен приказ кон темата „Политичката партиципација на лицата со попреченост“. Колку нашето општество е доволно информирано за оваа тема и воопшто за поимот на попреченоста и нејзиното место во општеството?

Богоевски: Во медиумите и јавниот простор сеуште среќаваме опинионмејкери кои се служат со аблеистички терминологии кои припаѓаат на некое друго време што е само еден од многуте показатели за слабата информираност за поимот на попреченоста. A правилното дефинирањето на попреченоста е многу важен сегмент од борбата за инклузија на лицата со попреченост. Затоа што тоа е основа врз која Владата и општеството генерираат стратегии и политики за задоволување на потребите на лицата со попреченост. Што се однесува до темата ова е прва што ја поврзува политичката партиципација на лицата со попреченост со партиските подгрупи и како таква допрва ќе треба да биде запознаена од општеството.

НоваТВ: Кој беше Вашиот мотив за оваа книга?

Богоевски: До мои 16 години бев лице без попреченост. Тогаш веќе во средно училиште како и сите мои врсници природно сметав дека имам капацитет да се надоградувам, да вложувам во своето знање и да се стекнам со вештини со што ќе можам да допринесам за својот личен развој и за развојот на моето опружување, додека за лицата со попреченост имав стереотипи. Стереотипи дека се неработоспособни, дека немаат капацитет да се надоградуваат. Се до 2008 кога по повреда на 4ти вратен пршлен останав неподвижен од вратот надолу, по што ми остана само минимално движење во десната рака. Но со новонастаната ситуација не исчезна чуството дека имам капацитет да се доразвивам само што овојпат бев попречен. Тогаш сфатив дека општеството е тоа кое не ми дозволува да се надоградувам и да ги истакнам своите квалитети. Додека сите сакаа да ме излечат јас барав лек за општеството. И така прв од мојата фамилија се зачленив во политичка партија чија идеологија сметав одговара со моите барања како лице со попреченост. Сметајќи дека општествените промени се можни само одвнатре, за што и всушност служат политичките партии. Кога дојде време да одберам тема за мојот магистерски труд решив тоа да биде токму политичка партиципација на лицата со попреченост со цел да го најдам најефикасниот, легитимен механизам за вклучување на лицата со попреченост во органите на одлучување и за меѓу другото да си одговорам дали тогаш на 18 години сум го одбрал вистинскиот пат.

НоваТВ: Колку лицата со попреченост се интегрирани во политиката на државата?

Богоевски: За мене интегриран значи да си дел од процесите со моќ за делување. Иако и епистемологијата ни потврдува дека лицата со попреченост и нивните блиски се најкомпетентни да ги лоцираат системските недостатоци поради кои се на маргините на општеството. До овој момент лицата со попреченост воопшто не се интегрирани во политиката на државата. Да, се носат закони, акти, правилници за лицата со попреченост, сега повеќе и подобри од било кога но за сите нив крајната одлука ја имаат лица без попреченост. Лицата со попреченост преку невладините организации се само необврзувачки патокази (билборди) додека патот го трасираат и возат лица без попреченост.

НоваТВ: Правите компарација на други видови малцински подгрупи во политичките партии. Кој се позитивните исходи од употребата на овие механизми?

Богоевски: Како што кажав ова е прв труд кој ја разгледува можноста од формално застапување на лицата со попреченост во политичките партии. Во однос на другите малцински подгрупи Сузан Е. Скароу, Томас Погунтке и Пол Д. Веб, во 2017 спроведоа анализа на податоците содржани во Датабазата на Политички Партии (ДБПП) која содржи податоци за 122 политички партии во 19 демократии за периодот од 2011 до 2014. При тестирањето дали формалните механизми за поврзување даваат суштински ефекти, емпириската анализа покажува дека формирањето на подорганизации е позитивно поврзано со усвојувањето на квоти за гарантирање на присуството на членовите на групите во партиските тела и изборните листи. Оваа мерка најмногу ја користат Социјалдемократските и Зелените партии, во согласност со постоечките истражувања. Но еве да го земеме примерот во нашата држава повеќето партии се поврзани со младите и жените давајќи им формален статус во партијата и права за пристап до телата за одлучување. Со пристап до одлучувачките органи овие подгрупи можат директно да влијаат на програмите и политиките на партиите, да даваат насоки и да лобираат политики во интерес на позициите кои ги застапуваат.

НоваТВ: Каков е Вашиот впечаток во однос на солидарноста и свесноста кај лицата со попреченост за севкупно политичко и општествено интегрирање?

Богоевски: Лицата со попреченост воглавно со неколку мали исклучоци делуваат исклучиво преку граѓанскиот сектор, во облик на невладини организации и здруженија. И Конвенцијата во членот 29 ги обврзува државите потписнички активно да промовираат учество во невладини организации/здруженија и да иницираат основање и пристапување во организации на лица со попреченост. Со што невладините организации и здруженија се ставени во главен фокус кога станува збор за инклузија на лицата со попреченост во јавниот и политичкиот живот. Партиципација, основање и пристапување до политички партии воопшто не е споменато иако тие се единствениот легитимен мост до органите кои носат одлуки за јавниот и политичкиот живот. Да, во преамбулата се признава вредноста на постојните и потенцијалните придонеси на лицата со попреченост, како и тоа дека нивното целосно учество ќе придонесе за унапредување на нивното чувство на припадност и за значајно унапредување на човековиот, социјалниот и економскиот развој на општеството. Впрочем затоа се зема во предвид дека лицата со попреченост треба да имаат можност за активно вклучување во процесите на решавање за политиките и програмите, вклучувајќи ги и оние кои непосредно ги засегнуваат. Но како тоа би било возможно без партиципација во политичките партии, имајќи предвид дека живееме во преставничка демократија каде согласно Уставот власта и припаѓа на партијата односно партиите кои ќе го освојат мнозинството гласови на непосредни избори.

илустрација: Тони Хитон

 извор: novatv.mk

ОкоБоли главаВицФото