Марко Петрушевски (1975. ‒ 2023.)

17.05.2023 14:25
Марко Петрушевски (1975. ‒ 2023.)

 

Пред неколку дена почина Марко Петрушевски, поет, филмски творец, актер, критичар, есеист, радио водител, преведувач... Еден од најинтересните и најнеобичните ликови во нашиот град. Во продолжение пренесуваме три негови песни и кратката творечка биографија. Дeновиве на Окно ќе објавиме и други работи од неговото творештво.

 

Марко Петрушевски (26.11. 1975. ‒ 13.05. 2023.)

Поетската збирка, „Еден млад збунет човек“, ја објавил во 2001 година и ја добил наградата за дебитантска поетска книга на Струшките вечери на поезијата.

Пишувал за списанието „Маргина“. Кратки раскази и записи објавувал на порталот „Окно“. Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).

За Темплум ги приредил и превел (заедно со Владимир Јанковски) расказите на Чарлс Буковски, во книгата „Љубов за 17,5 долари“ (едиција Магма, 2004).

Снимил и неколку кратки филмови (Понеделник, Телефонска секретарка...); учествувал во неколку серии (Втора смена, До ре ми, Бушава азбука...). Како дете често настапувал како актер во програмите на Радио-телевизија Скопје. Работел во филмското студио „Ед Вуд“, снимал видеа и скечеви. 

Пишувал филмска критика, главно во месечникот „Форум“.

Во Центарот за родови студии водел заеднички курс (со Жарко Трајаноски) „Сексуалност, род, филм“ + заеднички филмски дијалози во Форум + фото-стрип во Форум, во 7‒8 продолженија.

Работел и како водител во радиото „Канал 103“.

Магистерски труд на постдипломските студии по фолклористика: „Психоаналитичката фолклористика на Алан Дандес“. Завршил два факултетa во Скопје: Општа и компаративна книжевност и Факултет за драмски уметности. Кратко време работел во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“.

Почина во Скопје, на 13 мај 2023.

 

Етапи

во „фиќото“ на дедо ми

моите родители,

дечко и девојка сеуште,

ги споила љубов и страст

и така на светот

дојдов јас

на креветот во спалната

татко ми и мајка ми

ја вршеле својата брачна должност

и ‒ ете го мојот помал брат

мене и брат ми нè испратиле

кај баба

па татко ми

ја оплодил мајка ми

уште еднаш

зашто таа сакала и девојче

набрзо по раѓањето на мојата сестра,

моите родители

купија видео.

 

Сакам да ме боли како порано

кога ќе ме остават,

не ме боли како порано

се сеќавам се будев уплакан

слабеев по десет кила

месеци ми требаа

да се соземам

сега ‒ тапа празнина

само тапа празнина

сто пати

поодвратна

од здрава црна болка

земам камен

и силно се удирам

по глава

ама, тоа не е тоа

моето крваво чело

не може

да го врати

времето назад

 

Изгубениот џемпер

Го заборавив џемперот

во една пицерија,

џемперот

што ти ми го подари

и што одлично ми стоеше

во комбинација со кошула.

Се вратив после

и го барав

но ми рекоа

го нема

не го виделе

не бил тука.

Сега

седиме заедно

и јас те молам

за прошка

и те прашувам

ќе ме сакаш ли

ваков

никаков

обезџемперен,

а ти

ми ја бушавиш косата

и ми велиш

не зборувај глупости

но јас гледам

јас чувствувам

погледот ти бега

некаде далеку

далеку

 

Марко Петрушевски на Окно

Фотографиите на Небојша Гелевски се од поетскиот слем натревар одржан во културниот центар Точка на 30 март 2004. Марко Петрушевски победи на тој поетски натпревар.

ОкоБоли главаВицФото