Во сеќавање на Марко Петрушевски

18.05.2023 00:11
Во сеќавање на Марко Петрушевски

Отсекогаш сум мислел дека Марко Петрушевски ги гледа нештата попрецизно и појасно од она што можеби другите ги гледаат. И можеби таа негова проникливост го доведуваше да биде во позицијата на која ние останатите поретко се осмелуваме да застанеме.

Длабок и аналитичен (и кога се зборува за него, ова навистина не се флоскули), но на непретенциозен, духовит начин. Беше од оние луѓе кои секогаш ќе се одлучат и најсериозните работи да ги раскажат со голема доза на хумор и смеа. Неговиот хумор беше луциден, пробиваше и истовремено просветлуваше. Секако, тоа се однесуваше и на самиот него, па себеси никогаш не се поштедуваше и со задоволство се прикажуваше во истото комично светло.

Умееше да раскажува, имаше вродено (кај него тоа толку беше природно што не личеше дека некаде го научил) чувство за доловување на ситуација, лик, драмски момент. Еден од неговите таленти беше глумата, па приказните и ситуациите ги раскажуваше често глумејќи, доловувајќи го оној за кого зборуваше или поигрувајќи си со својата улога на раскажувач.

Како и секој добар раскажувач, имаше своја перспектива. Јас најмногу уживав во неговата перспектива кога зборуваше за некои негови омилени филмови, книги, теориски перспективи. Еден од тие моменти беше во октомвриската сесија во 2001 година, кога случајно се погоди заедно да го полагаме испитот Роман на XX век кај професорката Маја Бојаџиевска. Заедно бевме во кабинетот на Маја и тој доби прашање да зборува за „Во потрага по загубеното време“ од Марсел Пруст. Речиси сите студенти во тоа време учевме од повеќе или помалку слични извори, читавме слична придружна литература за авторите, слични есеи. Она што ме воодушеви кај Марко е тоа што почна да зборува за Марсел Пруст и неговиот опус на сосема поинаков начин од сето она што го имавме читано за Пруст. Малку изместено, малку надвор од „канонот“ на кој се читаше и толкуваше Пруст. Толку свое, толку типично на „Марко Петрушевски начин“. Не школски, не академски, но прецизно, забавно и, пред сè, живо.Таа негова гледна точка, таа негова перспектива секогаш беше на некаква граница на играта, хуморот, иронијата, па можеби и на гротеската. Неговиот хумор, како и неговата личност, сакаше да релативизира, да ги поместува местата на она што е горе и она што е долу, на граница на некој цинизам и, на моменти, апсурд и безизлезност, па понекогаш и со поминување на таа граница.

Во тоа негово однесување често личеше на некој лик од филмовите на Вуди Ален, еден од неговите омилени филмски режисери во времето кога почесто се среќававме. Тоа беше периодот од крајот на минатиот и почетните години на овој век, кога беше „дел од инвентарот“ на НУБ „Св. Климент Охридски“, во тоа време пред мобилните телефони, кога беше доволно да отидеш во некоја од читалните на библиотеката за да го пронајдеш. Секогаш читаше многу и читаше различни книги. Никогаш не беше фокусиран само на една област или на еден естетски и филозофски пристап. Одвиваше нештата да ги гледа според една теорија, според една перспектива. Ги паметеше книгите што само еднаш ги прочитал, без да има потреба дополнително да ги чита и така да се присетува на нив. Ми подари една книга од Барико со зборовите дека ја прочитал и дека веќе не му треба, зашто „ја знае“. Една друга книга ми подари, затоа што се присетил дека десетина година порано сум „дигнал фама“ околу таа книга, па сега ми ја дава да ја препрочитам. Со суптилна посвета дека можеби мојата реакција била претерана...
Имаше талент за јазици, за имитирање на тоналитетот и изразот на актерите, гласот го користеше како свој инструмент. Еднаш во неговата куќа во близина на Универзалната сала гледавме некој американски филм во кој се зборуваше на акцент и беше фасцинантно како го симнуваше говорот на ликовите... да ги затворевте очите немаше да ја почувствувате разликата меѓу говорот на актерите и неговиот. Веројатно тоа го имаше научено во периодот кога како дете беше ангажиран во некои детски серии и емисии на Македонската телевизија или на детската радиодрама.

Во еден период од нашата дружба го сакаше Буковски. Беше еден од преведувачите на збирката раскази „Љубов за 17 ½ долари“ што во 2004 година ја објави Темплум. Но, и неговата љубов кон Буковски не беше некоја некритична љубов. Знаеше да биде ироничен и кон Буковски, иако чувствуваше емпатија кон неговата животна судбина. Со задоволство ја цитираше реченицата напишана на неговиот гроб „Не се обидувај“. Но, и со полунасмевка.

Полунасмевка, иронија, хумор, прецизен тоналитет на гласот и мислата и сини очи кои проникливо го гледаат она што можеби и ние другите би можеле да го видиме ако се задлабочиме малку повеќе. Ете, тоа е моето сеќавање за Марко Петрушевски, човекот кој можеби видел некоја вистина за нештата, па потоа не можеше да побегне од тоа што го видел.

Трите фотографии се од филмот Crimes and Misdemeanors на Woody Allen

ОкоБоли главаВицФото