Светулките од исчезнатиот свет

19.05.2023 13:08
Светулките од исчезнатиот свет

Вториот дел од скопскиот градски парк пред земјотресот беше како прашума: имаше делови натскриени со крошни што правеа долу влажен самрак среде ден; имаше езерца и канали што беа плавени речиси секоја година, та во нив опстојуваше една цела барска биоценеза; имаше ливади што се шаренееја секое лето од милијарди разнобојни пеперутки; имаше на вардарските брегови вирови длабоки и мрачни, врбјаци густи, речни островца на кои неретко ќе видевме диви гуски, шатки, лебеди, а старите скопјани зборуваа и за пеликани. Можеби последниве и не беа толку сигурни посетители на скопската парковска прашума, но во неа во моето детство вирееја повеќе животински и билни видови отколку, ми се чини, денес ги има на целиов континент.

Сепак, веројатно најголемата атракција на таа градска дивина беа неколкуте ноќи во почетокот на летата, кога самракот ќе го запоседнеа светулките. Денес светулките во Скопје постојат само во детските книги, и, се разбира, во сеќавањата на постарите што во педесеттите и раните шеесетти години од минатиот век го живееја своето детство. Овие неугледни опнокрилци кои никогаш не ги забележувавме дење, знаеја да излезат ненадејно, некогаш во незамисливи ѕвездени бројки, да го осветлат темниот скопски парк-прашума, и да направат вистинска магија, која ние што живеевме во близината на паркот ја чекавме со нетрпение.

Глетката беше нереална: светулките летаа ниско, буквално во висина на човек, и како што паркот воопшто не беше осветлен, тие со своето маѓепство – да произведуваат чудесна жолтозелена светлина од своите мешиња, во дамари, во некаков постојан ритам, ќе го исполнеа целиот видик со илјадниците светнувања на сосем црната позадина, што изгледаше како да го симнале ѕвезденото небо долу меѓу нас спобудалените деца. И додека возрасните уживаа во глетката, ние машките деца трчавме восхитени и со раце ги ловевме светулките, безбели ќе направевме од нив наше трајно светлечко богатство. Но, моравме да бидеме нежни со нив, зашто малку погрубата рака ќе предизвикаше кај светулките протестно прекинување на магијата. И така нежно фатените светлечки бубачки ги лизнувавме по грбот и крилјата, и ги лепевме на нашите тела како украс. Светулките продолжуваа да светкаат и кога ќе ги наредевме на челата и вратовите на девојчињата што не се гадеа од инсектите, и тие шетаа со дијадеми и ѓердани што светкаат како горски кристали, со ледена жолтеникаво зелена ѕвездена светлина.

Но, светулките заретчија по земјотресот, и заедно со пребогатата разновидност на животинскиот метрополис веќе во доцните шеесетти го напуштија скопското поле. Со нив како да исчезна и еден цел свет, маѓепсаниот свет на нашите среќни детства, исчезнатиот свет пред потопот на интензивната урбанизација и индустријализација на градот. Неретко си припомнувам на овие слики, што светкаат некаде во синапсите на мојот мозок, со тивка жал што не сум Фелини, за да ги овековечам во мојот скопски „Амаркорд“. Исчезнувањето на светулките од мојот свет, како никогаш и да не биле, од денешна перспектива изгледа како почеток на серијата на исчезнувања на световите што ме опкружуваа и гушкаа, во кои се чувствував безбеден и среќен.

По светулките исчезна и целото старо Скопје, а некоја деценија подоцна исчезна и југословенската татковина што ја чинеше целата наша младешка вселена. Во тоа исто време полека исчезна и целиот светски поредок уреден по Втората светска војна, а неговото исчезнување уште не се прифаќа, не се ни перципира, па дури ни признава. Исчезнувањето на двополарниот геополитички светски поредок, што се случи уште пред три децении, почнавме да го забележуваме – и тоа малкумина, никако не сите – дури деновиве, кога почна со воени грмотевици да се ниша, крцка, урушува, и монополарниот свет што дојде по него, најавувајќи го веќе и своето исчезнување во следните децении.

Што тргна така безнадежно по лошо, очигледно незабележително и подмолно, но од самите почетоци во 80-тите и 90-тите години, кога светот ја славеше есхатолошката теорија на Фукујама за крајот на историјата. Фукујама, очигледно под влијание на Хегеловата и Марксовата дијалектика, современата послевоена историја на светот ја согледувал како битка на двата поларизирани блока, на капитализмот и социјализмот. Па кога социјализмот колабираше на глобално ниво, гаснејќи се со имплозија токму во земјата во која првпат ја заблесна вселената 70 години порано, Фукујама го прогласи крајот на историјата зашто веќе не постоеја спротивностите во чијашто врелина на меѓусебната борба таа се коваше. Денес е сосем јасно дека работите тргнаа погрешно, и тоа токму тогаш кога се очекуваше сè да се развива во розово, помирувачко, хуманистичко, глобализациско сценарио.

Првичниот грев на крајот на Студената војна е погрешното сфаќање на историскиот момент, и тоа од обете страни во војната: Западот крајот на војната го доживеа како апсолутна и конечна победа над Русија, а Русија го протолкува крајот на војната како идеолошко помирување кое од непријател ќе ја претвори во рамноправна членка во клубот на големите капиталистички земји. Практично и едните и другите – спротивставените страни во војната – тргнаа по сосем погрешни патеки. Западот наместо да ја надгради социјалдемократската парадигма на капитализмот по Втората светска војна и со тоа да обезбеди помирливо вообединување во глобализација која ќе се самоостваруваше со мултилатерална соработка на сите, го одбра рептилскиот неолиберализам, неоимперијализам и агресивен експанзионизам, кој завладеа сурово со целата планета. Постсоцијалистичкиот свет со Русија во среде, упадна во дивјачка приватизација што сакаше да го состаса предаторскиот капитализам на Западот, па влезе во ретроградни процеси на идентитетски преродби, верска фундаментализација и феудализација на примитивниот капитализам, додека демократијата ја испомеша со ултранационализам. Денешниот свет, наместо солидарни и соработливи социјалдемократии на двете или на сите страни, прерасна во свет на непомирливи екстреми, создаден од идеолошки на ист начин изопачени империјализми што вршат воена агресија кон сите што им се на патот, а правото на посилниот го сметаат за основен принцип на меѓународните односи.

Рептилскиот нагон да голта сè пред себе е идеолошката срцевина на глобалниот неолиберализам, па како што пишува Бранко Милановиќ, „локалното владеење на најбогатите и глобалното владеење на најмоќните, се денес толку идеолошки вкоренети, што се чини дека нема изгледи во догледно време да дојде до промени што ќе доведат до остварувањето на еднаквоста помеѓу луѓето и државите“. Прогресивната мисла е обезвреднета и искоренета, еднаквоста стана незамислива, а на светот се спушта – во името на „слободата“ – црниот мрак на следниот среден век. Црниот мрак кој светулките веќе никогаш нема да го красат.

Слики: Bella Ormseth


Извор за текстот:
Слободен печат

Слични содржини

Европа / Балкан / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Балкан / Книжевност / Историја
Балкан / Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото