Лиричната апстракност на сликарот Таки Павловски

19.05.23 15:20

Таки Павловски, македонскиот сликар со шест децениски творечки опус, почина на 84 годишна возраст, на 18-ти мај. Роден е на самиот почеток на Втората светска војна во с. Желино (Костурско) и се смета себе како „дете на прогонот и вечниот немир“. 

„Моето детство беше растргнато, разграбено, уништувано. Тоа беше време на војни и прогони.“

Одлучувачките моменти за определност кон уметноста како животен повик, биле соочување со сликите на Димитар Пандилов и изложбата на скулпторот Хенри Мур во Скопје во 1956. Павловски спаѓа во генерацијата на уметници кои се појавуваат кон крајот на шеесеттите години од минатиот век, генерација која носи драматични промени во сфаќањето на уметноста.

Продлабочувањето и исцрпувањето на можностите на апстрактниот израз и можностите за разгранување во -до тогаш - неистражени насоки ги преокупира уметниците од генерацијата на Павловски. 

„Сликата, мојата слика, е дневен запис. Мојата слика не е илустрација. Моите појдовни котви се како настанот да го запишам како јас да го доживувам. Тоа не може да го стори камерата, тоа не може да го објасни илустрацијата. Тие се раскажување за состојбите на моите сограѓани, коментар за одењето во црква, гледањето на еротски филмови. Сликата не сака невистини. Продолжувам да ја барам мојата слика. Не сакам гледачот да биде рамнодушен кон неа - настојувам сликата да говори, да кажува за вистината... Сакам таа да биде сведок за нашето битисување во времето.“ 

ОкоБоли главаВицФото