
Во многу демократии ширум светот настапува la lutte finale, „последната и одлучна тешка битка“. Незаборавниот стих од рефренот на старата социјалистичка химна, Интернационалата, добро опишува поголем дел од современата демократска политика.
Кога ја најави својата кампања за претседателските избори во 2024 година, Доналд Трамп на своите следбеници им рече дека пред нив е јасен избор - или ќе му обезбедат победа или „нашата земја ќе биде засекогаш изгубена“. Како што рече, пред нас е „одлучна битка“.
Сличен восклик можеше да се слушне и во Париз, каде стотици илјади луѓе со недели протестираа против одлуката на претседателот Емануел Макрон да ја зголеми старосната граница за пензија од 62 на 64 години. Демонстрантите и без тоа не беа наклонети кон неговиот империјален „јупитеровски“ стил на владеење.
„Одлучната битка“ се води во Израел, каде голем број Израелци се решени да ја спречат десничарската влада на Бенјамин Нетанјаху да го реформира, или како што тие гледаат на тоа, да си го потчини правосудството. Во Турција е сега или никогаш, каде на изборите се случува пресметка помеѓу автократот Реџеп Таип Ердоган и кандидатот на демократската опозиција.
Дали учесниците на овие собири и демонстрации и покрај своите искрени уверувања, навистина веќе немаат што да изгубат? На почетокот на април, откако гласав на петтите парламентарни избори во Бугарија во изминатите две години, се запрашав дали оваа ревност во спасувањето на демократијата е компатибилна со демократската управа како таква. Дали демократијата може да функционира ако мнозинството граѓани веруваат дека поразот на изборите значи губење на нивната земја?
Францускиот мислител од 19 век, Алексис де Токвил, сугерираше дека на демократската политика ѝ е потребна драма. Но исто така, демократијата треба и да се де-драматизира. Би требало еден ден по изборите да престанат сите предизборни најави за пропаст и несреќа, Sturm und Drang изборни кампањи, проблемите повторно да станат решливи и целиот свет како магија да се врати во своите текови. Функционалната демократија бара политички актери обучени според методот на Бертолд Брехт, а не Константин Станиславски. Што значи дека би требало да бидат способни да се дистанцираат од себеси во кампањите.
Но се чини дека магијата на постизборното враќање во нормалност е изгубена. Демократската политика денес ја обзема чувството на крајна ургентност, без простор за компромиси. Тоа е политика на конфликт на две апокалиптични имагинации.
На левицата климатските активисти веруваат дека доколку не реагираме веднаш, можеби веќе не утре, но секако задутре, веќе нема да има човечки живот на Земјата. Нативистичката десница, пак, не се води од стравот за крајот на животот како таков, туку од стравот од губење на „нашиот начин на живот“.
Двете страни го споделуваат чувството дека учествуваме во „одлучна битка“. И иако ги поврзуваат мноштво реални грижи кои бараат итна општествена акција, радикализмот стана подразбирачки начин за решавање на сложените односи и конфузијата на современиот свет.
Проблемот е во тоа што демократијата не може да функционира ни кога влоговите се премногу ниски ни кога се премногу високи. Таа го губи кредибилитетот само кога ќе се смени власта, а сè друго останува исто. Но исто така ја губи самоконтролата кога промената на власта менува сè.
Во демократијата губитниците на изборите го признаваат поразот првенствено зашто губењето не значи дека изгубиле премногу. А следните избори никогаш не се премногу далеку.
Големата вештина на демократијата е секогаш да ја задржи отворена иднината. Работа на изборите е лудилото да го претворат во разум и страстите да ги преточат во интереси. Гласачкото право му дава глас на секој граѓанин, но му ја ускратува можноста да го претстави интензитетот на своите уверувања. Подеднаква тежина имаат и гласот на фанатикот за кој изборите се прашање на живот и смрт, и гласот на некој што едвај знае за кого и за што гласа.
Гласањето на изборите има двоен карактер во резултатот: ни овозможува да ги смениме оние што се на власт и така нè штити од претерано репресивна држава; воедно ги држи страстите под контрола и нè брани од претерано експресивниот граѓанин. Идеално, демократијата прави апатичните да се заинтересираат за јавниот живот, додека ги смирува страстите на радикалите.
Кога изборите се обичен карневал на страсти, делотворното владеење е невозможно. И иако е вистина дека живееме во вознемирувачки времиња низ кои одѕвонува повикот за радикална акција, c’est la lutte finale е погрешен рефрен.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Malin Bülow
Извор: https://www.ft.com/