Аферата Џон Колтрејн

22.05.2023 11:37
Аферата Џон Колтрејн

Се сеќаваме на Ферус Мустафов, кој вчера почина на 72 години. Беше познат по чудесното свирење саксофон и кларинет.

 

Посветено на Ферус Мустафов

13 март 2018, Пазин

Во околината на Куќата за писатели во Пазин ечеше плочата „A Love Supreme“ на Џон Колтрејн. Соседите не ја препознаваа музиката, но набрзо сфатија дека вревата доаѓа токму од куќата. Нивното трпение и толеранција траеја околу половина час, но потоа еден од соседите се упати кон Куќата и заѕвони на ѕвончето. Му отвори гостинот, односно привремениот домаќин, 30-годишниот писател од Македонија. Беше разголен, само по боксерки, испотен и видно развеселен, сѐ уште потскокнувајќи и правејќи движења што повеќе наликуваа на остатоци од танц отколку на вистинска игра.


Соседот веднаш почна да се жали:

-Господине, не знам дали за вас ова е нормално, ама... - но беше брзо прекинат од развеселениот писател.

-Џон Колтрејн во Пазин! Џон Колтрејн во Пазин! Хахаха! Одиме? Одиме ли? Сите одиме! - радосно извикуваше писателот, разгаќен и веќе хистерично развеселен.

Откако соседот му даде до знаење дека името Џон Колтрејн не му значи ништо и едноставно сака вревата да престане, писателот малку се натажи, ја намали музиката и ја затвори вратата, шепотејќи некакво несмасно извинување.

Потоа стави слушалки на ушите и го пушти звукот до крај. Скокаше како луд на музиката на Колтрејн, до завршувањето на албумот. Сѐ околу него беше мирно и тивко.

                                        * * *

8 февруари 2013, Скопје

Засега непозанти крадци вчера вечерта му провалиле во автомобилот на Ферус Мустафов и му ги украле саксофонот и кларинетот како и чантата на неговата сопруга, објавува „Вест“.

Ферус за весникот вели дека бил на гости кај синот и го паркирал автомобилот пред зграда во Топанско Поле. Неговата сопруга ја заборавила чантата на седиште и тоа најверојатно ги привлекло крадците. Како што кажува Ферус за „Вест“, тие не скршиле ниту еден прозорец, а успеале да влезат во автомобилот и да му ги украдат инструментите заедно со чантата на неговата сопруга.

Вели дека му направиле штета од околу 6.000 евра, но дека тој е подготвен да плати дополнителна сума за крадците да му ги вратат инструментите бидејќи станува збор за ретки примероци кои не може да се најдат во Македонија и на кои е изгравирано неговото име, па поради тоа и не може да се продадат. Затоа, апелира до крадците да му ги вратат назад, а тој е подготвен да им плати.

Апелира и до колегите музичари, доколку им дојдат во раце инструментите да го известат, бидејќи е емотивно врзан за нив.


                                   

                                             * * *

14 март 2018, Пазин

Директорката на Музејот на град Пазин бесно се упати кон својата канцеларија, па го повика целиот музејски персонал. Со остар, војнички тон ги праша колегите дали можеби некој од нив е одговорен за невкусната шега и дека ако признае сега, ќе нема никакви последици, туку сите заеднички ќе се насмеат, па ќе продолжат по старо заборавајќи го инцидентот. Бидејќи лицата на вработените во музејот делуваа сосема уверливо кога велеа дека не знаат за што станува збор, директорката мораше да им каже самата.

-Кога последен пат сте поминале покрај музичката збирка? Дали го видовте стариот саксофон од лимениот оркестар во Пазин?
Меѓу вработените настана паника, зашто сите мислеа дека некој од инструментите е украден, или можеби оштетен. Им олесна кога директорката им кажа дека веројатно некој неодговорен посетител ја променил легендата под саксофонот, оставајќи белешка: „Саксофонот на Џон Колтрејн, кој го оставил како подарок на градот Пазин, каде настапил во 1965 година“. Вработените се изнасмеаја, но на директорката не ѝ беше до шега. Остана сама во својата канцеларија, во обид да разјасни што се случило, а подоцна, заедно со обезбедувањето, ги прегледуваше снимките од безбедносните камери. На нив немаше ништо сомнително. Дури, повеќето посетители на музејот делуваа незаинтересирани за овој експонат. Го исклучи компјутерот и еден час пред крајот на работното време, реши да престане со работа и да размислува. Не можеше да најде логично објаснување за она што се случило, па незадоволна, пешки тргна кон својот дом. Кога излезе од Каштелот, во кој беше сместен музејот, по неколку метри се сврте назад, па бесно се приближи до ѕидот го и скина плакатот, потоа ситнејќи го на мали парченца. На него пишуваше: Настап на легендарниот Џон Колтрејн во барот Бункер! 17 март, Пазин, 21 часот. Не пропуштајте!


                                         * * *


15 март 2018, Пазин

Од Куќата за писатели во Пазин, гостинот од Македонија повторно ги вознемируваше соседите со гласна музика, овојпат со звуците на чочекот Дада Сали на Ферус Мустафов. Опаааа, и-ха - викаше гласно, повторувајќи ги движењата кои повеќе личеа на некакви вежби препорачани од ортопед отколку на танц. Соседите повторно се вознемирија, но најмногу од сите директорката на Музејот на град Пазин; изворот на веселите звуци не беше оддалечен од музејот повеќе од 25 метри, а непреспаната ноќ не остави премногу толеранција кај директорката која сѐ уште беше опседната со настанот што не можеше да си го објасни. Затропа на вратата на Куќата за писатели, каде ѝ отвори резидентот од Македонија, повторно развеселен и расоблечен. Наместо да ја праша што сака, тој свиреше на својот воздушен саксофон, па замеша на ориенталните звуци. Заплисната од алкохолната пареа, директорката студено му рече дека ќе мора да заборави на своите гласни забави ако не сака да заврши во полициска станица. Тој се сневесели, рече дека веднаш ќе ја исклучи музиката, а пред да ја затвори вратата, ѝ се насмевна и некако значајно ја погледна. Директорката се упати кон музејот и на влезот виде дека е залепен нов плакат за концертот на Џон Колтрејн во Пазин. Овојпат само го одлепи и без да го кине, го фрли на земја.


                                         * * *


15 март 2018, Скопје

Ферус Мустафов брзаше кон скопскиот аеродром, плашејќи се дека ќе задоцни на летот до Загреб, од каде потоа со автобус требаше да продолжи до Пазин. Во главата си ја повторуваше содржината на кусото писмо кое без никаков поштенски печат го најде во своето сандаче:

Ти недостасува саксофонот, нели? Пет години не сте се виделе. Ако сакаш пак да го имаш, дојди во Пазин. На 17 март имаш настап во барот Бункер. Саксофонот ќе те чека на сцената. Не прашувај многу и не ја известувај полицијата. Во спротивно, заборави на инструментот“. Агушев чочек, Дада Сали или Тикино оро? Можеби Олимписки чочек, размислуваше Ферус за почетокот на настапот. Ќе реши подоцна. Има време до 17 март.


                                           * * *

16 март 2018, Пазин

Писателот од Македонија влезе во Музејот на град Пазин со шише вино во раката. Откако ги замоли, чуварите љубезно го пуштија до канцеларијата на директорката, на која ѝ се извини поради гласната музика од пред некој ден. Таа го прифати извинувањето, велејќи дека и самата претерала, дека има тежок период на работа, денови кои ја исцрпуваат и потоа навечер ја оставаат без сон, па ете, можеби претерала во својата реакција. Пријателски, се понуди лично да го прошета низ музејот и да му ги покаже поставките. Писателот најмногу се заинтересира за музичката збирка и старите инструменти од лимениот оркестар на Пазин. Погледот му застана врз стариот саксофон и легендата под него: Саксофонот на Џон Колтрејн.

-Не знаев дека Џон Колтрејн свирел во Пазин – ѝ рече насмевнувајќи се.

-Ах, легендата ли? Некаква глупава шега. Им реков на колегите да ја вратат вистинската. Ќе ги потсетам повторно. Колтрејн никогаш не бил во Пазин.

-А оние плакати за неговиот настап во Бункер?

-Пак некаква несолена шега.
Не беа сами во просторијата. Црномурест, низок човек, со фазонирана брада, веднаш до нив, со подзината уста гледаше во саксофонот.

-Џон Колтрејн! Џон Колтрејн. Џон Колтрејн... - повторуваше, последниот пат со шепот.

-Повели на 17-ти во Бункер, има концерт, му дофрли писателот од Македонија, кој го препозна Ферус Мустафов. Саксофонистот се насмевна и рече:

-Не е баш Колтрејн, ама вреди да се чуе - рече Ферус, рекламирајќи го потоа својот настап.
Потоа директорката и писателот му објаснија на Ферус Мустафов за промената на легендата под стариот саксофон и мистериозните плакати со најава на концерт на Џон Колтрејн. Сите се смееја, но директорката најмалку. Се сети дека под стариот саксофон сѐ уште стои подбивната легенда „Саксофонот на Џон Колтрејн“, па се јави кај еден од колегите.

-Ве замолив да ја промените легендата. Ве молам да го направите тоа побрзо. Доаѓаат посетители, па збунети се кога ја читаат онаа будалаштина за Џон Колтрејн.

-Но, директорке, вчера ја заменив.

-Тогаш, зошто сѐ уште пишува „саксофонот на Џон Колтрејн“?

-Не е можно. Ќе проверам.

Директорката повторно се вознемири, им се извини на гостите велејќи им дека мора да продолжи со работа, па се упати во својата канцеларија. Писателот не стигна да ѝ каже дека пред себе го гледа музичарот поради кој таа за малку ќе го пријавеше во полиција.

-Ќе дојдете на концертот? – ја праша Ферус, но таа само повтори „брзам, брзам“ и се изгуби во еден од ходниците.
Двајцата продолжија да разговараат за претстојниот настап, но Ферус не сакаше да открива премногу детали околу тоа зошто дошол да свири баш во Пазин и како испаднало настапот да биде токму во барот Бункер. Се разделија на паркингот пред музејот, писателот се упати кон Куќата, а Ферус кон барот.

Му се допадна како е уреден. Сакаше да му ја провери и акустиката, но со себе не носеше никаков инструмент. Очекуваше да настапи на својот стар саксофон, за кој му беше ветено дека ќе го чека на сцената во Бункер на денот на настапот. Се надеваше дека ќе ги затекне газдите, или барем ќе види некаква најава за својот концерт. Немаше ништо. Се обиде да поразговара со некои од гостите, попатно прашувајќи ги за смешните плакати кои најавуваат настап на Џон Колтрејн во 2018 година, токму во Пазин. Сите го гледаа чудно и никој не знаеше ништо за тоа.

На мобилниот телефон му пристигна порака од скриен број: „Излези од Бункер и престани да се распрашуваш. Си го сакаш саксофонот назад, нели? Врати се на 17 март, во 20:55. Почни да свириш точно во 21:00.“

Збунет и исплашен, остави пари на масата и брзо излезе од барот. Замислен шеташе низ градот, зјапаше по излозите и ѕидовите, но никаде немаше ни трага од плакатите за кои му зборуваа директорката на музејот и писателот. Вознемирен, се врати во својот апартман и се обиде да заспие, што му успеа дури по неколку часа.


                                     

                                          * * *


17 март 2018, Пазин

Ферус Мустафов влезе во Бункер точно во 20:55. Барот беше празен, со малку затемнето светло. Но, на местото предвидено за настап, на малата импровизирана сцена, сноп светлина јасно го осветлуваше неговиот стар саксофон. Немаше многу време за радост, зашто се ближеше терминот за настап. Се сети на пораката со речиси заканувачки тон, во која непознатиот испраќач инсистираше на точен почеток на настапот - 21:00! Не му беше драго што треба да свири во празен бар. Ниту шанкерот не беше на своето место. Го зеде саксофонот в раце, пушти некоја солза, но брзо се созеде, ги намести прстите во почетната позиција за Дада Сали, но кога дувна, низ инструментот пролетаа непознати звуци. Прекина да свири, мислејќи дека саксофонот е оштетен, но го разгледа внимателно и виде дека сѐ е во ред. Повторно се обиде да го засвири чочекот Дада Сали, но од инструментот излегуваа сосема други тонови. Овојпат не прекина, туку продолжи да свири. По неколку секунди, во барот влегоа и првите гости – писателот и директорката на музејот. Го поздравија со насмевка и застанаа да го слушаат. Гостинот од Македонија се насмевна зашто ги препозна звуците од „А Love Supreme“, а и директорката го погледна значајно.

Ферус свиреше без пауза околу половина час. Реши дека е време да здивне и очекуваше некаков знак дека сѐ е во ред и наскоро ќе може да си замине со саксофонот. Немаше никаква порака на телефонот. Посака да се напие нешто. Од шанкерот немаше ни трага ни глас. Отиде во тоалетот, се напи вода наведнувајќи се кон чешмата, а кога се врати, на еден од шанк-столовите седеше црномуресто момче облечено во морнарска униформа, кое исто така држеше саксофон во рацете.

Ферус се зачуди, но не рече ништо, ниту му пристапи на колегата. Продолжи да свири на истиот начин, дувајќи во инструментот и слушајќи ги звуците за кои немаше никаква претстава како и зошто настануваат. Музичката забуна продолжи уште неколку минути, кога чудниот гостин од шанкот му се придружи, свирејќи од своето место. Комбинацијата беше ужасна. Тотална дисхармонија, неверојатна неусогласеност. Но, кога Ферус ги препозна првите ноти од Дада Сали што доаѓаа од саксофонот на црнецот, престана да свири. Замолча, го слушаше и почна да се смее. Смеата заразно го зафати и црниот морнар, па и тој престана да свири и почна гласно да се кикоти. Се погледнаа во очи, си намигнаа и почнаа повторно да свират.
Ферус по третпат се обиде да го засвири чочекот Дада Сали, и кога дувна низ саксофонот, инструментот конечно беше послушен и од него излезе веселата мелодија. Таинствениот морнар се надоврза во некаков друг стил, што овојпат не звучеше натрапнички, туку уште повеќе го збогатуваше звукот; писателот и директорката на музејот кои и понатаму беа единствената публика тотално полудеа – скокаа на чудниот ритам, ги свиваа и извиваа телата, мавтаа со рацете и го клоцаа задушливиот воздух со нозете. Тоа траеше десетина минути, а потоа и двајцата саксофонисти престанаа да свират.

Писателот со раката им даде знак да го следат, а тие ја прифатија поканата што не ја разбираа баш најточно. Заедно со директорката, сите четворица се упатија кон куќата.


                                            * * *


18 март 2018, Пазин


Писателот спиеше во куќата и почувствува удари од тупаници врз главата. Тупаниците удираа врз влезната врата, но во состојба на таков мамурлак, тоа за него беше речиси исто. Стана од креветот, разголен, само во своите боксерки и ја отвори вратата. Пред куќата го чекаа петнаесетина лути соседи кои му дадоа до знаење дека синоќешната врева ги надминува сите граници на пристојно однесување и дека трпението веќе им е при крај, а случка како синоќешната не смее да се повтори.

-О, нема, нема да се повтори - рече писателот со тага во гласот и без да им се извини ја затвори вратата. Ги собираше празните стаклени шишиња од подот и се обидуваше да се сети на крајот на веселата ноќ. Го памтеше настапот на Ферус, звуците од саксофонот на непознатиот црнец во морнарска униформа што му се придружи, моментот кога од Бункер тргнаа кон Куќата за писатели, мелодиите што двајцата саксофонисти ги свиреа во малиот простор чија адреса ја прифати како домашна, танцот на веселата директорка на музејот ослободена од сите грижи, неговите дивјачки движења и потскокнувања... но не се сеќаваше како сето тоа заврши. Го вклучи компјутерот, овојпат тивко засвири „A Love Supreme“ од Колтрејн, а писателот повторно легна во креветот и заспа.

Во меѓувреме, директорката седеше во својата канцеларија, мамурна, и го пиеше веќе третото кафе. Освен трагите на умор, на нејзиното лице се забележуваше некаква надмена насмевка, типична за луѓето кои поседуваат тајна недостапна за другите.
Без да тропне на вратата, во канцеларијата влета еден од кустосите. Задишан, со загрижен израз на лицето, по малку уплашен, рече:

-Директорке, вчера лично ја заменив легендата кај стариот саксофон од лимениот оркестар на Пазин. Ама, денес, таму пишува нешто друго!

Директорката не рече ништо. Стана и се упати кон музичката збирка, а кустосот одеше зад неа.

„Саксофонот на Ферус Мустафов и Џон Колтрејн, кои имаа заеднички настап во Куќата за писатели на 17 март 2018“.

-Нека стои – рече директорката, и некако помирливо се насмевна. – Нека стои.

Расказот е напишан на 13 март 2018 во Пазин, за време на резиденцијалниот престој во Куќата за писатели.

илустрации: Mikyung Lee. 

ОкоБоли главаВицФото