За Марче (1975-2023)

22.05.2023 13:57
За Марче (1975-2023)

 Не се сеќавам како се запознавме со Марче. Во Универзитетска библиотека или ви кафана? Марче му беше прекар на Марко Петрушевски. Прекарот укажува на отвореноста, искреноста, на детето во него, што до последните денови не се изгуби.

Тогаш беше „љубител на добрата капка“, како и јас, но не се здруживме поради тоа туку поради хуморот, насекаде што го гледавме. Не беше тоа обичен хумор, со вицеви и досетки, туку хумор со фантазија, со измислување. Со поставување сцени како за скеч. Оти Марче размислуваше филмски. Мислите му беа слики. Така што, се најдовме и на темата филм. И самиот автор на неколку филма тогаш имаше колекција од барем илјада филмови; немаше доволно меморија па многу од нив ги складиравме ние другарите. Филмовите беа добри, то ест мене ми беа добри, имавме сличен вкус. Но, Вуди Ален не можам да го прескокнам. Марче му беше голем фан. Му се допаѓаа сите филмови на Ален, вклучувајќи ги и лошите. Бергман исто го сакаше и имаше теза дека и Ингмар Бергман и Вуди Ален цело време снимаат еден филм. Тврдеше и дека францускискиот филм е супериорен во однос на другите.



Марче имаше и колекционерски дух. Имаше многу музика, многу стрипови и, најбитно, многу книги. Во „најдобрите времиња“ читаше сто страници за три часа. Некогаш читаше по два романа дневно. Мислам и дека беше еден од најдобрите познавачи на теоријата на книжевноста кај нас. Освен книжевност мошне го интересираше и социјалната теорија: Маркс, Диркем, Вебер, Парсонс... А после и Лакан, Дерида, Бодијар...

Едно време се расправавме околу тоа дали психологијата е наука. Јас го убедував дека не е, тој тврдеше дека е. На крај се сложивме дека осцилира меѓу биологијата и социологијата. Доста имаше такви расправии „до доцна во ноќта“, што би рекол Цицерон.

Неговото големо познавање на психоанализата (не претерувам) понекогаш ми одеше на нерви. Нема-нема ќе го зацитира Фројд, т.е., велеше, „чика Фројд“.



Иако беше атеист, имаше разбирање за верниците, и за улогата на религијата во оштеството. Секогаш кога напаѓав некој, тој наоѓаше било каква мала причина да ги одбрани. Не осудуваше никого. Таквите луѓе се многу ретки, особено во времево во кое што живееме.

Памтам и една негова помрачна реченица: „Ние седиме на клупа и пиеме, а стоката се коти“. Духовито ми е тоа, но укажува и на мрачната страна на Марче која не се сведуваше на груба критика или разочараност. Повеќе беше некаков светоглед, близок за нас „семантички изместените“. А НИЕ сме малку.



Фотографиите се од филмот „Седмиот печат“ (1957) на Ингмар Бергман.

ОкоБоли главаВицФото