Кратка белешка за Вардар

23.05.2023 12:29
Кратка белешка за Вардар

 

Кога ќе помислите дека нешто е невозможно, само сетете се на симпатичното пресреќно распеано лиценце на Нијаз Јусуфи во неделата на стадиончето во Кавадарци. И на Грне, онаков созреан, голем и исцрпен, како еден по еден ги гушка играчите, речиси задушувајќи ги во градите. Или на Бајо, дотеран за пригодата, како со раширени раце успорено чекори по тревата, како во некој старовремски филм во кој на крајот доброто победува.

Некој би рекол дека победа во неделата се подразбира и дека едноставно не можеше да се случи поинаку. Дека Вардар секако мора да се врати во Прва лига и дека, што и да биде, крајот мора да биде среќен. Ама, ние што следиме, уште повеќе тие што директно учествуваа во овој подвиг, знаеме дека ништо не мора и дека, барем последниве три години, безброј пати во целосно неверување сме стоеле простум пред колосална рамнодушност на судбината. Затоа првиот гол на Дарче Размоски во четвртата минута ни изгледаше како чудо. И вториот. И третиот на капитенот Глишиќ од слободен, со финтата на Николовски. И радоста изгледаше како чудо за сите кои се навикнаа на страдалничка љубов.

Вардар пред две години испадна од Првата лига откако стана неинтересна играчка за газдата. Остана без академијата, без закупен стадион, без место за тренинг, без дресови, без топки, без превоз без - колку само сега тоа звучи иронично, но тоа беа првите симптоми - котизација за Европа. Го примаа пријателски клубови на тренинг и го тренираа пријателски тренери, на гостински натпревари го возеа пријателски шофери. Го спонзорираа Комити, кои организираа купување билети во претплата и обезбедија дресови за играчите, кои претходно играа, каква тажна слика беше тоа, со црни ленти врз имињата. Последните натпревари во Првата лига беа агонични, речиси без тренинзи, како споро тркалање во темнина. Град Скопје не собра сили да го раскине договорот навреме и да го врати клубот под своја управа. Кога тоа конечно се случи, се појави нов газда чиј ентузијазам издржа едвај една година.

Сакав да кажам, кога ќе мислите дека нешто е невозможно, сетете се на Комити. Нивниот ангажман овие три години би можел да се искористи за повторно градење на идејата за општо добро во услови кога е таа е целосно отстранета од колективното живеење. И можеби за преобмислување на облиците на управување со тие општи добра. Комити повторно организираа солидарен фонд и инспирираа двајца градоначалници да помогнат без да ги оптоварат општинските буџети. Сетете се и на играчите, волонтери и луди херои, исто како европските ракометни шампиони на Вардар пред некоја година, кои дванаесет месеци се хранеа и живееја исклучиво од чистата тврдоглава љубов на вечниот капитен и на групата што не престана да ги полни второлигашките игралишта. И така, кога ќе помислите дека нема место надвор од студениот рамнодушен капиталистичкиот универзум, нека ви текне колкумина упорно и бесплатно го сакаат Вардар.

Сликата е преземена од официјалниот фејсбук профил на ФК Вардар.

Слични содржини

Општество / Свет / Спорт
Општество / Балкан / Спорт
Спорт
Општество / Балкан / Спорт / Историја

ОкоБоли главаВицФото