Разговор помеѓу Сенка Анастасова и Џоди Дин на ПРВО ПА ЖЕНСКО

23.05.2023 17:06
Разговор помеѓу Сенка Анастасова и Џоди Дин на ПРВО ПА ЖЕНСКО

Во рамките на фестивалот за феминистичка култура и акција - ПРВО ПА ЖЕНСКО, кој се одржува во Музејот на Современата Уметност (МСУ), ќе имаме можност да присуствуваме на интересен настан (rad road talks), на кој ќе разговараат две истакнати филозофки: Сенка Анастасова и Џоди Дин. Настанот е закажан за 29 мај 2023 година, во 17 часот, а темата е интерсекционалниот хуманизам денес.

Џоди Дин е американска политичка теоретичарка, филозофка и професорка по политички науки и медиумска теорија, која се занимава со прашањата на капитализмот, комунизмот, демократијата и социјализмот. 

Сенка Анастасова е македонска филозофка и професорка по естетика и политичка филозофија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.  

Оваа средба Анастасова – Дин е воедно дел од долгогодишната соработка на овие две авторки во рамки на премислување на отпорот против капиталистичкиот систем, класата, расата, политичко-економските субверзии и социјалната реартикулација, како и (пост)колонијалните релации и современата феминистичка политичка теорија во САД и Европа. Οвој разговор е дел од серијата критичко-филозофски панел разговори што Анастасова ги води на различни локации низ светот, а оваа пролет ќе се случат во Скопје. Најпрво, Џоди Дин ќе оддржи свое предавање на тема: „Лекции од црните комунистички жени“.

Разговорот ќе се надоврзе и на најновата книга на Дин (што ја уредува заедно со Ч. Бурден-Стели), насловена како „Организирај се, бори се, победи: политички записи на црните жени комунистки“ ("Organize, fight, win: black communist women's political writings") во издание на Версо и на најновата книга на Анастасова од домен на феминистичката епистемологија, насловена како ‘’Политичка наратософија’’, во издание на Раутлиџ Прес, 2023.

Публикациите на Џоди Дин се позиционираат во иновативниот луциден пресек помеѓу слободата, солидарноста, политичката теорија, културните политики, уметноста и политиката, револуцијата, практиките на отпор, црната жена, трудовата политика, радикалната демократија, пост-демократија, анархо-фрагментизмот, новиот фашизам, како и истражување на новите облици на битка против капитализмот, во САД и Европа. Дин субверзивно ја мисли релацијата Исток - Запад, како и културологијата и политичката теорија, погледната низ оставината на комунизмот, критиката на дигиталниот феудализам, еколошката апокалиптика, новите медиуми и уметности, социјализмот, екстремната економска нееднаквост, комуниколошкиот капитализам, технократијата, Советскиот Сојуз, феминизмот и социјалната правда, а во овие неколку години нејзините истражувања се поврзани за политичките контексти во Југоисточна Европа.

Сенка Анастасова ќе го развие овој разговор со Џоди Дин, од позиција на членка на интернационалниот борд на Хипатија – Списание за феминистичка филозофија, САД.
Настанот е реализиран во соработка со ПРВО ПА ЖЕНСКО, МСУ и Ателјето за естетика и политичка филозофија.

 

ОкоБоли главаВицФото