Џон Мекфол: првиот и единствен пара-астронаут на Европската вселенска агенција

23.05.2023 18:18
Јавајќи ја „кометата - блуеница*“ со првиот астронаут со попреченост Џон Мекфол

Џон Мекфол е првиот пара-астронаут на Европската вселенска агенција, избран да учествува во истражување колку е изводливо некој со физичка попреченост да живее и работи во вселената. BBC News му се придружи на параболичниот лет, каде што тој ја искуси бестежинската состојба по прв пат.

Во еден момент Џон Мекфол лежи на подот на леталото. Следниот момент, тој почнува да лебди нагоре, се́ уште во хоризонтална положба, навидум левитирајќи кон плафонот.

Тој изгледа вчудоневиден - сите, на овој далеку од нормален лет изгледаат така, како што полека се издигнуваат во воздухот. Сензацијата да се биде во бестежинска состојба, да не се биде и понатаму приклештен од гравитацијата е извонредна.

Се чувствуваш сосема вон контрола - затоа што и си. Дури и најмалото движење наспроти нешто што е цврсто, те катапултира околу кабината, па отскокнуваш и се судираш во ѕидови и луѓе. Тоа е како да си во флипер машина, но во забавено движење.

На лицето на Џон почнува да се појавува насмевка - тој почнува да се смее. „Брилијантно е! Ова е неверојатно!“ - вели тој.
Одненадеж, бестежинската состојба ја снемува и тој се струполува на земјата.

Џон е кандидат да биде астронаут, но има една разлика - тој имал амуптација. Кога имал 19 години ја изгубил својата нога во сообраќајна несреќа со својот моторцикл, па сега користи протеза со софтистицирана технологија.

Тој сега е регрутиран од ЕСА (Европската вселенска агенција) за да учествува во револуционерно истражување кое ќе оценува како да ги направи вселенските летови достапни за луѓе со физички попречености.

„Видов дека ЕСА има оглас за астронаут со физичка попреченост,“ вели, „ па кога ги видов или прочитав спецификациите кои се потребни за личноста која ја бараат, си реков „Леле, па тоа сум јас - би сакал да го пробам ова.“

Џон е навикнат да се турка себеси до крајни граници. Откако ја изгубил својата нога и научил да оди одново но со протеза, тој почнал да трча - најпрво за забава, а потоа натпреварувачки. На Параолимписките игри во Пекинг 2008 година доби бронзен медал во трчање на 100 метри .

Тогаш одлулил дека сака да стане доктор и во моменов работи како ортопед на трауматолошкото одделение во Хемпшир, но морал привремено да ја прекине неговата медицинска кариера затоа што можноста да работи со ЕСА била премногу добра за да ја одбие.

„И тоа како ги следам своето срце и својата љубопитност“ објаснува тој „ но и својата страст за науката но и животот.“

Му се придружив на Џон, качувајќи се на посебно адаптирано летало за да може да се впушти во параболичен лет. Како што леталото се придвижува стрмно нагоре, ние ја искусуваме екстра гравитацијата - околу двојно посилна од вообичаено - каде што целото тело е приклештено на подот.

Тогаш, како што леталото се подготвува да пикира назад, има момент кога сме во бестежинска состојба, кој трае околу 20 секунди. Не дека гравитацијата ја снема, се́ уште сме врзани за законите на физиката. Всушност, ние сме во слободен пад - како и леталото околу нас - но ова ги репродуцира условите на нулта гравитација. Леталото го повторува овој маневар одново и одново.

Има причина зошто параболичните летови се со прекар „комети-блуеници“ - тоа е така затоа што чувството е како да се возиш на тобоган издигнат во воздухот. За среќа, не ми е лошо, но со сигурност можам да кажам дека не сум природно надарен астронаут.

Се сопнувам, губам контрола, врескам, барам да дојде помош. Но завршувам приклештен на плафонот - додека не заврши периодот на нулта гравитација , и се струполувам како вреќа со компири.

Протезата која ја носи Џон технолошки е многу комплексна, има вградено микропроцесор, хидраулика, жироскоп, мерачи на забрзување и други сензори.

„Сите овие работи заедно го известуваат коленото да знае каде е кога е во вселената и колку брзо се исправува или витка“ - вели Џон.

Тој проценува колку добро функционира неговата протеза во невообичаена околина, а предизвикот доаѓа кога настапува бестежинската состојба.

„Веројатно ќе видиш дека лебдам а ногата ми е исправена. Тоа е така, зашто нема гравитација,“ објаснува. „Па затоа ми е потешко да се завртам брзо - мојата нога не може да се свитка . Се навикнувам и се обидувам да сфатам како да се движам во нулта-г, но секоја парабола е можност за учење.“

 Џон мисли дека неговата протеза можеби е премногу технолошки софистицирана за ова опкружување, но некоја која е поедноставна може да се справи подобро. И тоа е целата поента на овој проект со ЕСА: да се сфати точно што треба да биде адаптирано за личност со физичка попреченост да може да функционира непречено во вселената. Тоа ќе покрие се́, од тренинг пред почетокот на мисијата, до воочување доколку вселенското летало би требало да биде модифицирано за да се приспособи на потребите на Џон.

Но тој кажува дека секојдневието во микрогравитациска средина се́ уште е најголемата непознаница.

„Дали ќе носам протеза? И доколку носам протеза, дали ќе мора да имам нешто што ќе се прилагоди на варијациите на волуменот на зараснатиот дел на ампутираната нога. Дали ќе бидам во можност да трчам на лента за трчање во вселената? Дали ќе треба да се адаптира скафандерот кога ќе ги правиме нашите вселенски прошетки? Доколку треба, на кои начини?“- се прашува - „ Немаме одговори за сите овие прашања “.

Џон е акутно свесен дека неговата попреченост е специфична за него, и дека треба да го земе тоа во предвид кога ќе ја спроведува студијата.
„Немам повреда на ‘рбетниот столб, немам церебрална парализа или спина бифида. Па си мислам, како ова би можело се однесува на другите попречености - но мора да почнеме некаде.“

Но, истовремено има и пошироко влијание. Џон се надева дека проектот ќе ги редефинира очекувањата на луѓето: за што се́ се способни оние со физичка попреченост .

Како што летот се ближи кон својот крај, Џон продолжува да работи и да ги подобрува своите вештини во нулта-гравитација. Тој сега се движи лесно и може дури и да се приземји стоејќи, додека јас секојпат се струполувам на подот..

Кога проектот ќе заврши , Џон нема гаранција дека ќе биде пратен на мисија во вселената. Но штом леталото ги почна своите припреми за приземјување, го прашувам дали ова искуство му го има разбудено апетитот за вселената, или пак, го има натерано да се двоуми за неговата нова работа.

„Ми разбуди уште повеќе глад и предизвика возбуда“ кажува тој со огромна насмевка „Едноставно е прекрасно - едвај чекам.“

*Кометата - блуеница е жаргонски термин поврзан со летала со намалена гравитација, и накратко обезбедува речиси бестежинска средина со летање на параболична патека. Се користи за обука на астронаути или за истражување, но може да предизвика и гадење и повраќање кај некои од патниците.

извор: BBC News 

 

ОкоБоли главаВицФото