Долар и дваесет центи

23.05.2023 19:05
Долар и дваесет центи

Најмногу го сакаше крајот на летото, есента не ја сакаше, а можеби веќе дојде есен, сеедно. На плажата стана посвежо и тој уживаше да шета покрај водата, откако ќе зајде сонцето, тогаш ја нема толпата, а водата е тишина и нечистотија. Понекогаш му се чинеше дека водата е смртоносна, па на галебите не им се спиеше или ги мрзеше да спијат. Галебите слетуваа и се нафрлаа врз него, врз неговите очи и душа, на она што остана од неговата душа, од него.

Ако не ти останало многу душа а ти го знаеш тоа, значи уште имаш душа.

Тогаш седнуваше и гледаше некаде над водата, во далечината, а кога со тап поглед зјапаш некаде над водата тогаш сè ти изгледа некако нестварно. Eте да речеме вака, си биле две држави како Кина или САД или си било некое место наречено Виетнам или ете и тој некогаш бил дете, не, престани да мислиш на тоа, тоа и не е толку нестварно, детството ми беше вистински пекол, тоа не можеше никогаш да го заборави, а не можеше да го заборави ни времето кога беше возрасен; сето тоа рмбање и сите тие купишта жени, а потоа, одвреме-навреме, ни жена ни работа.

Скитник во својата шеесетта година. Докусурен. Ништожен. Имаше еден долар и дваесет центи. Му ја исплатија неделната пензија. Океанот… Размислуваше за минатото, за жените, некои од нив беа мед и млеко, а некои беа ситни души и гребаторки, имаше шлакнати, навистина луди, господ да те чува од такви. Соби и кревети, куќи и божиќни прослави, ситни тезги и потпевнувања, болници и затапеност, празни денови, празни ноќи, никаква смисла, никаква цел.

Имаше шеесет години и вредеше долар и дваесет центи.

Тогаш ги слушна, беа некаде зад него, се смееја. Носеа ќебиња, шишиња пиво, кафе и сендвичи. Се кикотеа. Две млади момчиња, две млади девојки, витки, еластични тела. Луѓе што немаат проблеми. Некој од нив го забележа.

„Еј, што е ОНА?”

„Не знам.”

Тој не се ни помрдна.

„Човек ли е тоа?”

„Дише ли? Може ли да ебе?”

„Што да ебе? Кого?”

Почнаа да се смеат.

Тој го зеде од земјата своето шише во кое имаше останато уште малку вино.

„СЕ ПОМРДНА! Види го ти него, ПА ТОЈ МОЖЕЛ ДА МРДА!”
Стана и го истресе песокот од панталоните.

„Има раце, нозе! Има и лице!”

„ЛИЦЕ?!”

Повторно се закикотеа. Не можеше да сфати. Младите луѓе не се такви. Младите луѓе не можат да бидат зли. Какви луѓе се овие?
Им пријде.

„Не е срамота да се биде стар.”

Едно од момчињата го заврши своето пиво и го фрли шишето во песокта.

„Срамота е да се потроши животот така, за ништо, а ти ми изгледаш сосема истрошен.”

„Е синко, не сум уште за фрлање.”

„Ако некоја од девојкиве ти се натрти, кажи што би ѝ направил, а, дрто магаре?!”

„Род, не зборувај така!”

Тоа го рече девојката со долга црвена коса, додека си ја средуваше косата што ѝ се вееше на ветрот. Изгледаше како и таа да се ниша на ветрот, со зариени ножни палци во песокот.

„Што ќе направиш, геријатријо? Што ќе направиш? А? Што ќе направиш ако ти се натрти некое од курвичињава?!!”
А тој стана, ги заобиколи и се упати кон шеталиштето.

„Род, зошто се однесуваш така со старчето? како не ти е жал? понекогаш, ТЕ МРАЗАМ!”

„ДОЈДИ ВАМУ, КУЧКО!”

„НЕ!”

Се сврте и гледаше како Род ја брка девојката. Девојката врескаше, а потоа се кикотеше. Род ја фати и двајцата паднаа во песокот, се бакнуваа и се смееја. Виде како другиот пар се бакнува, стоејќи.

Помина преку кејот, седна на клупа, го истресе песокот од стапалата, потоа ги облече чевлите. Десет минути подоцна беше во својата соба. Се испружи на креветот. Не го запали светлото.
Некој тропна на вратата.

„Господине Снид?”

„Да?”

Вратата се отвори. сопственичката, госпоѓа Конерс. Таа имаше над шеесет и пет години, не можеше да ѝ го види лицето во мракот. Му беше мило што не можеше да го види.

„Господине Снид?”

„Да?”

„Направив малку супичка, убава супичка. Да ви донесам една чинија?”

„Не, не можам.”

„Ама ајде, господине Снид, супата е одлична, многу е вкусна. ќе ви донесам.”

„Па, добро, донесете… ако веќе толку сакате…”
Стана, седна на столот и чекаше. таа ја остави вратата отворена и во собата продираше светлина од дворот. Сноп светлина, а од снопот малечок зрак му паѓаше токму преку нозете и скутот, и токму под тоа слабо зракче таа ја стави супата.
Чинија супа и лажица.

„Ќе ви се допадне, господине Снид, јас готвам добра супа.”

„Ви благодарам.”

Седеше и гледаше во супата. Беше жолта како мочка. Без месо. Седеше и гледаше во окцата маснотија по површината на супата. Седеше некое време. Потоа ја извади лажицата од чинијата и ја стави во фиоката.

Дојде до прозорецот, ја тргна завесата и ја истури супата на земја. Ја стави и чинијата во фиока, ја затвори вратата и повторно легна.

Беше помрачно од кога било.

Ја сакаше темнината, таа имаше смисла.

Наслушнувајќи внимателно, го чу шумот на океанот. Некое време наслушнуваше, а потоа длабоко воздивна и умре.

Превод: Марко Петрушевски
Слики: Gérard DuBois
Извор: Чарлс Буковски - Љубов за 17,5 долари (Темплум, 2004)

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото