Ин мемориам: Џевад Карахасан (1953-2023)

24.05.2023 01:38
Ин мемориам: Џевад Карахасан (1953-2023)

Во петокот Џевад Карахасан почина на 70-годишна возраст. Овој југословенски и босанско-херцеговачки писател, драматург, есеист и романсиер е роден во Дувно, 1953 година. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Сараево, студирал компаративна книжевност и театрологија, а докторирал на Филозофскиот факултет во Загреб. Книгите на Карахасан се преведени на дваесет светски јазици.

Војната во БиХ во 1992 година го затекна на позицијата професор, подоцна декан на Академијата за изведувачки уметности во Сараево, но една година подоцна замина во Австрија. „Џевад Карахасан беше еден од најреномираните и најпочитуваните писатели на Балканот и регионот. Карахасан пишуваше романи, драми, есеи и теоретски дела.Заедничко за сите овие жанрови се извесната доза на просветителство, стремежот да посредуваат помеѓу Истокот и Западот, или Исламот и Христијанството“.

Во изјавата за смртта на Џевад Карахасан, Андреа Маер, австрискиот државен секретар за уметност и култура, го истакна следново: „Несомнено беше еден од големите современи европски писатели. Во време на поделби во неговите дела повика на дијалог. Ќе ни недостига гласот на разбирањето и толеранцијата“.

Соочувајќи се со тешката болест, тој за своето искуство за Радио Сараево го кажа следното:

„Денес на луѓето се гледа како извор на капитал, додека порано беше нормално болеста да се смета како составен дел од животот. Карактерот на една личност се покажува во болестите од кои ќе страда. На моја возраст, доколку човекот беше здрав, тоа ќе беше надвор од карактерот. Нашата култура не́ уверува дека болеста е нешто страшно, но болеста е составен дел од животот“.

Од друга страна, заклучи писателот: „смртта е нешто што е сигурно за сите нас“. Тој посочи дека сме опседнати со идеологијата на здравјето.

„Ни се наметна неподнослива кич идеја за животот. Сето тоа е во рамки на односот кон луѓето како извор на капитал. Компаниите ни покажуваат дека не́ третираат како нивна сопственост. Државата се грижи за нашето здравје... затоа што болеста чини пари. Доколку сме болни, помалку произведуваме, а богатите копилиња заработуваат од нас. Човекот треба да се справи со прекрасната сложеност на светот. Сè е во согласност со моделот што го имаме во аритметиката: не комплицирајте, поедноставувајте“, вели Карахасан.

На прашањето на новинарот Бојан Муњин како е можно еден човек, особено на Балканот, да биде приврзан со својата култура и да биде патриот на својот народ, а во исто време да размислува етички и да ја почитува „сета комплексност на животот“, во интервју за Новости пред три години, тој го рече следното:

„Мислам дека овде е многу важно да живеете конкретен живот и да не си дозволите поедноставувања, кои секогаш одат заедно со разни генерализации. Ако си забраните да размислувате исклучиво во категории како Срби, Хрвати, Бошњаци - или Африканци, Германци и Американци - и секогаш мислите на конкретни луѓе Јован, Иван, Џемаил или Владимир, со тоа сте ги избегнале таквите генерализации. Јас сум благодарен што имам драги пријатели и соговорници од различни етнички групи или религии, а токму овие соговорници ме спасија од опасноста на гневот и омразата кон другите. Како можам да им бидам гневен на Католиците кога го имам отец Мило Бабиќ, професор на фрањевската теологија во Сараево кој е најдобриот пријател што може некој да го посака за себе. Или додека го имам прекрасниот пријател Драган Томашевиќ не можам да зборувам за Србите - поедноставено. Ова е особено важно во овие времиња кои немаат смисла за нијансите на поединечното, туку се обидуваат да ја воведат диктатурата на поимот генерализација. Од такви диктатури ќе ве спасат вистинскиот живот и конкретни луѓе.“

Фрагмент од „Семе на смртта“ на Џевад Карахасан, можете да прочитате на Окно на следниот линк. 

извор: portalnovosti.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото