1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
На парламентарните избори кои се одржаа во неделата на 21 мај надмоќно мнозинство гласови освои конзервативната Нова демократија (НД) на досегашниот премиер Киријакос Мицотакис. Но ова мнозинство сепак не е доволно за Нова демократија веднаш да формира влада па кон крајот на јуни се очекува втор круг од изборите.
Нова демократија освои 40 проценти од гласовите, двојно повеќе од левичарската Сириза со 20 проценти, додека социјалдемократите од ПАСОК добија 11 проценти.
На овие избори првпат се гласаше според системот на пропорционална застанепност, според кој за освојување мнозинство во парламентот е потребно да се добие просто мнозинство од гласовите, а во случај на ниедна партија да не ѝ појде од рака следува или формирање коалиција или втор круг избори.
Мицотакис се одлучи за второво, уверен дека ќе добие доволно гласови за самостојно формирање влада, бидејќи новите изборни правила пропишуваат и дека партијата која ќе освои најмногу гласови во вториот круг добива дополнителни места во парламентот.
„Политичкиот потрес кој се случи денес ни зборува дека е потребно да се забрза процесот на дефинитивно решение за нашата земја што побрзо да добие искусна рака на кормилото“, порача Мицотакис по затворањето на гласачките места.
Ова беа први парламентарни избори откако меѓународните финансиски институции престанаа да спроведуваат строг надзор над грчката економија наметнат во рамки на програмата за помош („бејлаут“) за време на речиси десетгодишната криза. Мерките на таканаречената тројка - Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија и Европската централна банка - почнаа да се спроведуваат во 2010 година, откако на Грција заради презадолженост ѝ се закануваше банкрот. Речиси сите пари (90 проценти) кои тројката ѝ ги позајми на Грција се потрошени за спасување на банките, а наметнатите услови збришаа четвртина од економијата, уништен е јавниот сектор, невработеноста изнесуваше 25 проценти а кај младите повеќе од 50 проценти. Истражувањата покажаа и 35-процентен пораст на стапката на самоубиства меѓу работоспособната популација во првите две години од мерките за штедење.
Пред изборите, водечките медиуми како Економист и кај нас Јутарњи лист, бомбастично објавија дека „болниот од југот на Балканот“ најпосле е „спасен“ зашто „по една деценија затегнување на ременот и итни економски мерки, земјата се опорави“. „Грците возбудено очекуваат троен Б минус, што е инаку најниската позитивна инвестициска оценка на рејтинг агенциите“, извести возбудениот Јутарњи лист, објаснувајќи и дека посакуваниот рејтинг е условен со „продолжување на реформите и политичка стабилност“ на новата влада.
Изминативе две години БДП се зголеми за 8,4 односно 5,9 проценти, долгот се намали на 171 процент, а директните странски инвестиции минатата година се зголемија за 50 проценти. Туризмот речиси го достигна нивото од пред пандемијата, четирикратно се зголеми продажбата на недвижности на странци во однос на предкризната 2007 година, а Грција сега може да продолжи да се задолжува по слични услови какви што има Италија.
Идилата што ја пропагираат овие медиуми „единствено“ ја расипуваат последиците на бруталните мерки за штедење заради кои Грција и денес има една од највисоките стапки на сиромаштија во ЕУ. И покрај тоа податоците на Фајненшл Тајмс покажуваат дека минималната плата денес е пониска за 30 проценти, а просечната за 25 проценти од 2010 година, а и покрај растот БДП сè уште е на 80 проценти од пред кризата.
Освен што ќе продолжи со мерките за штедење, премиерот Мицотакис, банкар образован на американскиот Харвард, во предизборната кампања вети и дополнително намалување на даноците и зголемување на странските инвестиции, како и поголем фокус на националната безбедност односно јакнење на полициските и воените капацитети.
Владата на Мицотакис веќе започна и продлжување на челичната, пет метри висока бариера на границата со Турција, чија вкупна должина ќе изнесува речиси 80 километри. Бидејќи се работи за наворешна граница на Европската унија, министерот за внатрешни работи Такис Теодоракис во јануари во посета на градилиштето ги поведе амбасадорите на низа европски земји.
Физичката забарикадираност од оваа страна на европската граница го симболизира враќањето на Грција во водечките економско-политички текови на ЕУ, за што многу придонесе и крахот на веродостојноста на Сириза. Тоа започна во 2015 година, кога тогашната влада на шефот на Сириза, Алексис Ципрас, ги прифати условите на тројката иако на референдум 62 проценти од граѓаните гласаа против мерките за штедење и излегување од еврозоната.
И покрај тоа Нова демократија водеше во анкетите дури и во времето на најлошата железничка несреќа во историјата на Грција, во која загинаа 57 лица. По несреќата се случија масовни протести и беше поднесена тужба од семејствата на жртвите неколку дена пред изборите против Мицотакис и низа други функционери. На Нова деомкратија не ѝ наштети ни минатогодишниот скандал со прислушкувањето, кога премиерот призна дека државната разузнавачка агенција прислушкува новинари и опозициски политичари, меѓу кои и претседателот на ПАСОК, Никос Андроулакис.
Во декември минатата година белгиската полиција ја уапси грчката потпретседателка на Европскиот парламент, Ева Каили, заради сомнеж за корупција и перење пари со цел Катар да биде домаќин на светското фудбалско првенство. Каили е членка на ПАСОК, некогаш водечка социјалдемократска партија, која Сириза дефинитивно ја замени на тоа место.
Во парламентот влегоа и комунистите (ККЕ) со малку повеќе од седум проценти гласови и една партија од екстремната десница, додека Мера 25 на поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис не го премина изборниот праг од три проценти.
Пред изборите Врховниот суд ѝ го забрани учеството на Националната партија, наследниците на неонацистичката Златна зора, откако нејзиниот коосновач Илиас Касидиарис беше осуден на 13 години затвор заради клучната улога во оваа злосторничка организација.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.portalnovosti.com/