1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
Иван Шопов
Се сеќавам на возбудата кога во средно училиште во раце ми падна збирката „Еден збунет млад човек“ од Марко Петрушевски. (Цаци, фала!) Искрено им завидував на сите што имаа свој примерок, додека јас морав да се задоволам со фотокопија. Збирката ја обожаваа и оние што (барем декларативно) мразеа поезија... На неговите стихови се навраќав со насмевка. И понатаму ќе го правам тоа, само што насмевката отсега неминовно ќе содржи и тага.
Ненад Стевовиќ
Марко имаше чиста душа и беше племенит човек. Неговиот хумор беше редок и уникатен, ми се чини често карактеристичен за тажните луѓе.
Кога во 2001 во Аз-буки ја објавивме „Еден збунет млад човек“ бев сведок на нешто навистина ретко, како една поетска книга инстантно ги освојува младите читатели, песните напамет се кажуваа...За многу од моите помлади пријатели оваа збирка е незаборавен дел од нивната младост. Направи тогаш Марко и промоција во Салон 19,19, беше супер а на крајот имаше томбола со откачени и духовити награди а првата награда беше „вечера со авторот“. Ја освои една симпатична девојка и на Марче му светнаа очите :)
Милан Дамјаноски
Марко Петрушевски беше еден од најкреативните, највпечатливите, најбистрите и најдуховитите луѓе и души од нашата генерација, секогаш присутен во етерот и на сцената низ многуте проекти и креативни изблици кои ги имаше, од кои стихозбирката „Еден млад збунет човек“ можеби остави најголема трага.
Покрај јавниот аспект на неговата креативност, кој ни останува да го споделуваме и цениме, мене засекогаш ќе ми останат во спомен долгите муабети и дружби во бифето на Универзитетската библиотека негде на крајот на еден и почетокот на друг век, кои беа исто таков извор на знаење, ризница на мудрости и вицови, еден мелем на душата, колку и книгите кои тогаш со страст ги читавме и голтавме.
Марко, на крајот, беше еден вистински ренесасен човек фатен во едно долго и мачно транзициско време кое не знаеше да ги искористи и цени неговите многу таленти.
Владимир Јанковски
Умееше да раскажува, имаше вродено (кај него тоа толку беше природно што не личеше дека некаде го научил) чувство за доловување на ситуација, лик, драмски момент. Еден од неговите таленти беше глумата, па приказните и ситуациите ги раскажуваше често глумејќи, доловувајќи го оној за кого зборуваше или поигрувајќи си со својата улога на раскажувач.
Таа негова гледна точка, таа негова перспектива секогаш беше на некаква граница на играта, хуморот, иронијата, па можеби и на гротеската. Неговиот хумор, како и неговата личност, сакаше да релативизира, да ги поместува местата на она што е горе и она што е долу, на граница на некој цинизам и, на моменти, апсурд и безизлезност, па понекогаш и со поминување на таа граница.
Полунасмевка, иронија, хумор, прецизен тоналитет на гласот и мислата и сини очи кои проникливо го гледаат она што можеби и ние другите би можеле да го видиме ако се задлабочиме малку повеќе. Ете, тоа е моето сеќавање за Марко Петрушевски, човекот кој можеби видел некоја вистина за нештата, па потоа не можеше да побегне од тоа што го видел.
Сашо Насковски - Шекспир
Не се сеќавам како се запознавме со Марче. Во Универзитетска или ви кафана? Намерно пишувам Марче, тоа му беше прекар. Укажува на отвореноста, искреноста и на детето во него, што до последните денови не се изгуби. Тогаш беше „љубител на добрата капка“, како и јас, но не се здруживме поради тоа туку поради хуморот, насекаде. Не беше тоа обичен хумор, со вицеви и досетки, туку хумор со фантазија, со измислување. Со поставување сцени како за скеч. Оти Марче размислуваше филмски. Мислите му беа слики. Така што, се најдовме и на темата филм. И самиот автор на неколку филма тогаш имаше, да не претерам, колекција од барем илјада филмови. Имаш колекционерски дух. Многу музика, многу стрипови и, најбитно, многу книги. Во „најдобрите времиња“ читаше стотина страници за три саата. Некогаш читаше по два романа дневно.
Николина Андова-Шопова
КНИГА
Го средуваат мртовецот
Како кога се враќа прочитана книга
во библиотеката
Ги лепат скинатите страници, ја бришат неговата кожа
и отпечатоците од прстите на сонот кога заспале
читајќи
Се сеќаваат на добрите делови, на моќните цитати
на деловите од приказната кои ќе ги запомнат
и оние кои ќе исчезнат пред да ги заборават
Мислат на дамките
што ги оставиле низ неа
и си ја лажат совеста дека никогаш никој
нема да ги види
Фотографиите се од филмот Annie Hall (Woody Allen, 1977)
Приредил: Н. Г.