Роман на годината: „Синовите на Адам“ од Михајло Свидерски и „Хотел меѓу две војни“ на Александар Русјаков

25.05.2023 05:54
Роман на годината: „Синовите на Адам“, Михајло Свидерски и  „Хотел меѓу две војни“, Александар Русјаков

Оваа недела ви носиме извадоци од романите на Михајло Свидерски и Александар Русјаковски кои се натпреваруваа за наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ која е во соработка со Окно. 

„Синовите на Адам“, Михајло Свидерски, „Восток“

Нозете ми се враќаат назад, ходникот никогаш не ми бил толку долг, до недоглед, тромо се движам кон вратата, во мене илјада светови се борат еден со друг, чувствувам дека ова не е нешто добро, рацете ми треперат, часот е почнат, тој ме чека надвор, стрелките на часовникот што за големиот одмор никако не се придвижуваа сега како да се бркаат со времето, сѐ поминува толку брзо, не слушам ништо околу себе, ниту соучениците кои џагорат, ниту автомобилите од улицата од спротива, одненадеж почувствував силно тапкање по рамото, тука ли си, ме прашува професорот и гледа во мене, и јас гледам во него и ништо не одговарам, како да сакам да му кажам дека нешто ќе се случи, а не можам да изустам ниту збор, тој се смее, ме одминува и седнува на своето место. Зарем не виде дека сум преплашен, не го виде ли стравот во моите очи, трепетот, сета оваа неизвесност што владее со мене, ме одмина толку студено и незаинтересирано, се чини дека нему му е важно само присуството на часот, евиденцијата, она што секојдневно рутински го работи, без нималку човечност, емпатија и сострадување. Ѕвони, удира тој звук на самотија и на празнина, како најава за најлошото.

Да одиме, вели Симон, нѐ чека такси. Влегуваме во таксито, ништо не зборуваме, јас седам назад, а тој на предното седиште. Таксистот е сосема смирен, пуши цигара и низ отворениот прозорец ја држи раката надвор, вози со леснотија, како да знае каде одиме и што ќе се случи. Се качуваме кон Водно, ова е елитниот дел на градот, си мислам во себе, куќите изгледаат величествено, оградени со високи огради, покрај оградите паркирани луксузни автомобили, дворовите се полни со зеленило. Застануваме на раскрсница, Симон го плаќа таксито, му остава и бакшиш. Доаѓај по мене, вели, убави се куќите, а? Убави се одговарам, пешачиме по уличките, некоја чудна тишина се провира меѓу нас и одеднаш ми вели, сакаш ли да влеземе во некоја од овие куќи, ќе крадеме ли, прашувам, тој саркастично се смее, нема да крадеме вели, си имал ли ти секс некогаш, ме прашува, не, никогаш, одговарам отсечно, овде живеат богати жени, тие сакаат млади момчиња, ја гледаш оваа куќа, ми покажува со прстот, госпоѓата што живее таму сака да биде со тебе, од каде ме знае таа мене, исплашено прашувам, која е таа, и зошто ме бара мене, тој се смее, сака да биде со муслиман, тоа ја возбудува. Што ќе правам јас со неа, прашувам, а Симон се смее, ќе ја ебеш вели, потоа таа ќе ти даде пари, и толку, многу едноставно. Само мора да бидеш чист, избањат, со чисти гаќи и чорапи, и не заборавај, нема поставување прашања,заборави на имињата и на адресите, не плаши се, ме успокојува, а тоа го кажува толку слободно, отворено, како добро да ги познава. Одиме низ населбата, по угорнините, погледнувам нагоре кон небото и ја барам својата ѕвезда, ѕвездата Северница.

Ноќта останав буден.Пред да зазори ме фати некој лесен сон, само колку да ги затворам очите.

Слушам како по скалилата се качува воспитувачот, буден сум, ќе мора да станам, а овој ден не сакам да почне, воспитувачот поминува околу креветите и нервозно ги повлекува чаршафите, ги фрла на земја, за секој од нас да стане од кревет. Нѐ повикува еден по еден, Муџахид,Фехми, Јасер, Емрах, Седат, Џесур, мене, слегуваме, почнува нашата рутина со редицата за абдест, никогаш не сум посакувал намазот да трае толку долго, да нема крај, а сега сѐ е толку брзо, поминува за час, се борам со времето, но, како и секогаш, ме одминува како сенка, ги заборавив молитвите, мислата ми заминува и се губи во просторот, лебди над мене како плашило и ме демне, намазот завршува, ја вртам бројаницата, триесет и три пати Субханалах, триесет и три пати Елхамдулилах, триесет и три пати Алаху Екбер, ама стравот никако не ме напушта, сѐ подлабоко тече во мене, како река што ништо не може да ја запре. Одземи го од мене ова чувство на неспокој, Господару на световите и на секое создание, направи ме бестрашен. Ако е можно да не паднам во грев, да ме одмине злото, да не се извалкам пред тебе, да не ме надвладее желбата за материјалното повеќе отколку верата во тебе.

 Плачам под тушот, мора да сум чист, со чиста долна облека и со чисти чорапи. Сепак, решив да одам.



Хотел меѓу две војни“, Александар Русјаков, „Арс Либрис“

Соба од стакло. Најчудниот аквариум. Неколку мига стои и со зачуден восхит гледа околу себе. Просторијата навистина е стаклена. Сѐ во неа е од стакло. Големото биро на средина. Фотелјата зад бирото. И ѕидовите се од затемнето стакло. Една чудна полица на која има мали стаклени фигури, и таa стаклена. Дојде кај бирото и чукна на него. Интересно, си рече. На допир е стакло, ама удирајќи дава звук што не го чул досега. Најинтересни се рибите. Оти сите стаклени површини, вклучувајќи ги бирото, фотелјите, полиците, исполнети се со вода и во нив пливаат риби. Стотици мали риби во секакви бои какви што никогаш не видел. И во ѕидовите ги има.Неверојатно, помисли, некој тука навистина има силна фантазија.
Не може да сфати од каде доаѓа музиката.Вниманието му го привлече прозорецот. Голем прозорец со кружна форма.Полека пристапи. Погледна низ него. Виде брег на океан. Силно разбранет. На плажата нема никој. Небото е тмурно, наоблачено.

-Малку сте пораниле – чу зад себе.

Женски глас.Се заврти. За малку не подзина. Пред него стои нешто чудесно. Жена речиси два метра висока. Никогаш не видел такво тело, таква совршена конструкција. Нестварно за него е што може цела да ја види таа совршеност. Затоа што високата жена носи фустан до над колена сосем проѕирен како што е сѐ друго во собата.Покриени се само меѓуножјето и градите, ама и тоа што ги покрива е со боја на кожа. Двете долги нозе, струкот, рамењата, сѐ е разголено пред неговите очи. Косата кратка и светла, машки потстрижана.Лицето нежно, порцеланска убавина. Потсетува на скандинавска божица, помисли, таа е сопственик на Валхала, хотелот меѓу две војни. Жената се смешка на неговата првична избезуменост.

-Сакам кога е тмурно и облачно над мојот океан – му рече доаѓајќи до него – a рибиве ако те чудат, илузија се. Ми се допаѓа просторот да е во движење. Ако ви пречат, ќе ги тргнам.

-Не пречат – рече не можејќи да го тргне погледот од неа.

-Тогаш да седнеме – рече жената.

Се заврти и појде кон бирото. И одзади е проѕирна, помисли. Безобразно се загледа во задникот. Бил со многу жени, ама не може да се сети дека видел олку нестварна заобленост.Зјапам, си рече, но кога е откриено, сама покажува. И тој појде по жената. Му покажа на една од фотелјите. Сомничаво погледна на нивната стаклена проѕирност.

-Нема да се скрши – жената чита мисли – слободно седнете.

Мустафа внимателно седна. И повторно се збуни. Почувствува удобност како никогаш дотогаш. Се опушти во фотелјата. Проѕирната божица не седна зад бирото, туку на фотелјата до него.Толку високо ги прекрсти нозете што колената му дојдоа толку близу, само малку да се наведне би можел да ги бакне. Види безобразна, помисли, па таа сака да ја сруши сета моја концентрација.

-Значи вие сте директорка на овој хотел – почна веднаш да зборува за да си ја врати довербата.

-Повеќе сакам да се нарекувам менаџер – се насмеа таа со заводлива насмевка на блудница што те повикува да поминеш ноќ со неа. – Или едноставно службеник. Но, тука титулите се неважни. Моја задача е да ви дадам одговори. Претпоставувам имате илјадници прашања.

Мустафа се насмеа. Навистина досега имаше илјадници прашања. Ама наеднаш низ умот му се плетка само едно. Дали може да помине ноќ в постела со оваа девојка? Така е тоа со мажите, си рече за себе, имаш нестварно многу прашања, ама се појавува убава жена, брише сѐ што те измачува и толку, ти си опседнат само со нејзината убавина. Девојката од Валхала повторно се насмевна

- Знам дека во моментов имате само едно прашање – рече развлекувајќи ги зборовите – и јас ќе ви одговорам. Најмногу од сѐ сакате да знаете како стигнавте тука. Мртов сте.

Претходните извадоци на романите во конкуренција за наградата „Роман на годината“ од 2022 можете да ги најдете овде. 

 

ОкоБоли главаВицФото