1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Тина Тарнер, моќната пејачка чиј рапав вокал, сексуален магнетизам и експлозивна енергија - беа елементи што ја чинеа незаборавна изведувачка во живо и една од најуспешните музичарки на сите времиња, почина во средата во Киснахт во Швајцарија. Имаше 83 години.
Нејзиниот публицист ја објави веста за нејзината смрт, но не ја наведе причината. Пред неколку години доживеа мозочен удар и се бореше со болест на црниот дроб.
Тарнер се впушти во музичката кариера која траеше половина век, во доцните 1950-ти, додека се́ уште беше во средно училиште, кога почна да настапува со Ајк Тарнер и неговиот бенд the Kings of Rhythm. Првично настапуваше само повремено, но набрзо стана главна атракција на бендот - и сопруга на господинот Тарнер. Со нејзиниот потентен глас, кој звучеше како блуз вокал, и нејзиното френетично танцување, веднаш остави длабок впечаток кај својата публика.
Нивниот ансамбл набрзо се преименува како Ike and Tina Turner Revue и стана еден од најзначајните соул артисти во Црните концертни сали, кои ги нарекуваа „читлин* круговите“. Но откако Rolling Stones ги поканија да бидат нивна предгрупа - првично на британска турнеја во 1966-та, а потоа и на американска во 1969-та, белите љубители на музиката во двете земји почнаа да обрнуваат внимание.
Тина Тарнер инсистирала во нивниот репертоар да се додадат рок песни од Битлси и Стоунси, и со тоа допреа до огромен број на нова публика, а тоа им го донесе првиот Топ 10 хит со нејзината изведба на песната на Creedence Clearwater Revival - „Proud Mary” во 1971-та година а потоа и Греми награда за најдобар Ар Ен Би вокал од група.
Бракот на Тина и Ајк не беше толку успешен како што беше проектот Ike and Tina Turner Revue. Ајк Тарнер ја злоупотребуваше Тина и беше насилен. Откако го напушти бракот во нејзините триесетти нејзината кариера пропадна. Но нејзиниот соло албум “Private Dancer,” објавен 1984-та не само што ја врати во центарот на вниманието - туку ја однесе во стратосферата.
Работејќи со помлади текстописци и музичари, и потопомогната од звук со синтисајзери кој даде сјајна обвивка на нејзинио рапав наметлив глас издаде три огромни хитови: „Private Dancer“ - напишана од Марк Нопфлер од Dire Straits, „Better Be Good to Me” и „What’s Love Got to Do With It.”
Во 1985-та доби три Греми награди, а албумот се продаде во пет милиони копии и започна кариера на турнеи што ја етаблираше како светски феномен. Во 1988 настапуваше пред 180,000 луѓе на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро со што проби рекорд за најбројна публика која гледала соло артист. Откако нејзината турнеја „Дваесет и четири седум“ во 2000-та заработи повеќе од 100 милиони долари преку продажба на билети, влезе во Гинисовата книга на рекорди.
Тина Тарнер е родена како Ана Меј Булок во 1939-та во Браунсвил, Тенеси, и ги поминала своите најрани години на фармата Поиндекстер во Натбуш, каде пеела во хорот на локалната црква.
Татко ѝ Флојд работел како надзорник на фарма и имал сложена врска со својата сопруга Зелма Кири Булок.
„Бевме добро ситуирани фармери“ - рече Тарнер за Ролинг Стоун во 1986-та.
Ана и нејзината повозрасна сестра Елин биле оставени кај роднините додека нејзините родители работеле во воена база во Ноксвил за време на Втората светска војна. Семејството повторно се обединило после војната, но Зелма го оставила сопругот неколку години подоцна, па Ана живеела со својата баба во Браунсвил.
Ана сепак и́ се придружила на мајка си во Сент Луис каде што посетувала средно училиште. Таа и Елин почнале редовно да го посетуваат клубот Менхетен за да ги слушаат Ајк Тарнер и Kings of Rhythm.
„Сакав да се качам на сцената и да пеам тоооолку многу, но за да се случи тоа ми требаше цела година“ - се потсети Тина во „Јас, Тина: Мојата животна приказна“(1986).
Една вечер, додека бендот бил на пауза, тапанарот Јуџин Вашингтон и́ го додал микрофонот и таа почнала да ја пее “You Know I Love You“ на B.B. King која ја продуцирал Ајк Тарнер . „Кога ме слушна Ајк, рече ‘Боже мој!’, не му се веруваше дека тој глас доаѓа од ова кревко мало тело.“
Ајк Тарнер пак, во својот мемоар „Исповедите на Ајк Тарнер“(1999) напишал „Кога ги пишував песните на ум го имав Литл Ричард, но го немав Литл Ричард да ги испее. Мојот Литл Ричард беше Тина. Слушај внимателно кога пее Тина и кажи ми кого го слушаш? Литл Ричард во женски глас.“
Ајк Тарнер на својата штитеничка ѝ го даде името Тина - сега веќе и романтична партнерка - инспириран од телевизискиот карактер Шина - кралица на џунглата, и ја преименува групата Ike and Tina Turner Revue.
Нивната врска која прерасна во брак во 1962-та за време на едно кусо патување во Тихуана, Мексико, беше турбулентна. Тој беше диктаторски настроен, а понекогаш и насилен. Во 70-те стана беспомошно зависен од кокаин. Таа го остави во 1976-та, со само 36 центи и картичка за бензин во нејзинот џеб, а се разведе од него две години подоцна. Во 2007-та почина од предозирање со кокаин.
Во 1966-та година, Фил Спектор - легендарниот музички продуцент, ги слушнал Ike and Tina Turner Revue во Галакси клубот во Лос Анџелес после што им понудил 20 000 долари за да биде продуцент на нивната следна песна, под услов Ајк Тарнер да не присуствува на сесијата во студиото. Резултатот е „River Deep, Mountain High“ која често е цитирана како највисоката точка на патентираниот „ѕид на звукот“ на Фил Спектор. Песната не доживеа речиси никаков успех во САД, едвај достигнувајќи Топ 100, но беше голем хит во Велика Британија што го означи почетокот на втората кариера на Тина Тарнер.
„Ја сакав таа песна. Затоа што по прв пат во мојот живот, не беше само Ар Ен Би- имаше структура, имаше мелодија. Бев вокалистка и знаев дека можам да постигнам повеќе со својот глас само што никогаш немав шанса за тоа. ‘River Deep’ им покажа на луѓето за што се́ сум способна“ - напиша таа во својот мемоар од 1986-та.
Откако се разведе неуспешно се бореше да изгради соло кариера, се́ додека не ја почна соработката со Роџер Дејвис, менаџерот на Оливија Њутон-Џон, во 1979-та. Насочувана од Дејвис таа се врати на смелиот, хард-рок стил кој од неа направи ѕвезда која прејде од еден во друг жанр и во децениите што следеа ќе создаде една од најдолготрајните изведувачки на концертната сцена.
Тина и Ајк Тарнер(кој тогаш беше во затвор поради поседување на кокаин) во 1991-та беа воведени во Рокенрол куќата на славните. Тина повторно беше воведена како соло артист во 2021-та. Доби почест од Кенеди центарот во 2005-та и Греми за животно дело во 2018-та.
Во 1985-та стапи во врска со германскиот музички директор Ервин Бак, со кој се омажи во 2013-та откако се преселија во Киснахт и стана швајцарски државјанин. Зад себе ги остави Бак и двете деца - Ајк Џуниор и Мајкл.
*Chitlin - прасечки цревца, типично јадење во Црната јужњачка кујна.
извор: The New York Times