Има ли одмор без класен конфликт?

26.05.2023 02:19
Има ли одмор без класен конфликт?

Малкумина од нас - институционално или индивидуално - се сеќаваат како изгледаше историската траекторија која нè доведе до идејата според која пет дена неделно и осум часа дневно е количина на труд соодветна за човекот (западен). Иако бројни луѓе ги дадоа животите, на самите работни места и на барикадите, за нашата замисла за трудот и работното време чија политичка димензија одамна е заборавена. Како да дошло до судбинско коинцидирање помеѓу цивилизациската пристојност, анатомската детерминираност и менаџерските капацитети на вработените во одделите за човечки ресурси. Ако ништо друго, дали тоа го докажува и фактот дека веќе со децении ништо не се менува кога е во прашање „правилото“ за пет дена и осум часа?

Секако, тој факт пред сè ги докажува ослабувањето на синдикалното движење и значајната промена во односите на моќта помеѓу капиталот и трудот. Но и покрај тоа што кај овој тренд на ослабување не се гледа посериозно отстапување, идејата на значаен исчекор кога станува збор за работното време во последно време циркулира во светските и домашните медиуми. Станува збор за идејата за четиридневна работна недела која се претставува како следното големо нешто во светот на работните односи. Во статиите кои според тонот и сензибилитетот потсетуваат на оние за некаква нова skincare рутина или организацијата на храната во вашиот ладилник, се споменуваат експерименти со четиридневна недела, се истакнува задоволството на сите вклучени - работодавачи и вработени - и се поттикнуваат читателите и самите да пробаат нешто такво. Додуша, не баш сите читатели: очигледно мора да бидете сопственик на фирма за самите да пробате нешто такво. Ако како работник самоиницијативно го пробате тоа многу лесно би можеле да се изборите за недела со нула работни денови.

Како што се обиде да назначи овој обид за духовит сарказам, замката лежи во забележливиот расчекор: и работодавачите и работниците се задоволни со четиридневната работна недела, но всушност само работодавачите можат да ја иницираат. Треба да се поздрави и поддржи секој тренд кој води кон скратување на работното време, но исто така треба да се преиспита и секој таков тренд кој не произлегол од класен конфликт. Меѓу другото, тоа за вас и за нас го направи Ерик Левиц на Intelligencer. Во својата анализа Левиц се занимава со американската економија, но и без некакви преведувачки маки можат да се извлечат заклучоци и за нашиот двор. Значи, кога станува збор за самиот тренд и иницијативата, треба да се земе предвид специфичниот контекст во кој се прошири и големата секторска изолираност кога станува збор за популарноста и обидите за реализација.

Резултатите од експериментот покажуваат дека во повеќето случаи не се работи за четиридневна работна недела онака како што ја замислува секоја рационална личност: едноставно, еден ден остануваш дома и не одиш на работа. Често се работело за награди за продуктивност или распоредување на слободните часови на подолг период така што просечното забележано намалување на работната недела изнесувало четири часа. И секако, тоа е успех, но не гарантира ништо дека во променетите околности на пазарот на труд, како што е на пример растот на невработеноста, овој тренд ќе се задржи. Како што наведува Левиц, согласноста на одреден број фирми во специфични сектори како што се маркетингот или стручните услуги на намалување на работната недела, пред сè е мотивирана од ситуацијата на пазарот на трудот и пандемискиот увид во продуктивноста на трудот во таквите сектори. Исфрлањето на непотребните состаноци и разговори на работното место го намалува бројот на работни часови, а не ја загрозува продуктивноста. Таквата елиминација на непотребните работни часови не може да функционира во сите сектори: во некои како што се болниците е потребна постојана услуга, а во некои индустриски и услужни сектори работниците се платени по час и пониската саатница значи поголема финансиска неизвесност, а не подобра рамнотежа помеѓу работното и слободното време.

Значи, за да се прошири идејата за четиридневна работна недела во економијата и таа да стане политичко барање, а не совет за животен стил, неопходни се синдикална организираност и јакнење на работничкото движење. Намалувањето на работната недела со иста надница подразбира вработување дополнителни работници и со самото тоа зголемување на трошоците за капиталистите. Никој нема да се согласи на нешто такво без притисок. Исто така, би било нужно да се влијае на инвестициските одлуки: ако поголем дел од производството за поширок спектар на основни потреби е автоматизирано, тогаш како е можно да немаме време за одмор? Секако, одговорот се крие во логиката на профитното работење: капиталот влегува во други општествени пори и бара нови прилики за профит, а без продажба на сопствена работна сила не е можно да се „ужива“ во поширокиот спектар на основните потреби. Едноставно, општеството и економијата не се проектирани за да се одлучува демократски за потребите и инвестициите. А тука станува збор за политички амбиции кои во моментов не се на репертоарот. Дотогаш, ја поддржуваме идејата за намалување на работната недела, но и се сомневаме во обидите кои не се резултат на класен конфликт.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Tang Yau Hoong

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото