Луј Брај: животот на иноваторот кој го има создадено брајовото писмо

26.05.2023 10:44
Луј Брај: животот на иноваторот кој го има создадено брајовото писмо

Луј Брај е роден на 4-ти јануари 1809 година во градот Кувре, недалеку од Париз.
Поради незгода ослепел уште во својата трета година, па знаењето прво го стекнувал само устно. Меѓу своите врсници се истакнувал по способноста за лесно и брзо учење, па на десетгодишна возраст добива стипендија од Кралското здружение за слепи младинци во Париз, каде што го продолжува своето образование.

Во новото училиште повеќето од наставниците им се обраќале на учениците само устно и ги учеле да читаат испакнати букви според методот што го вовел основачот на училиштето, Валентин Ави. Бидејќи испакнатите букви се добивале со натиснување на бакарна жица на хартијата, овој систем не им дозволувал на учениците да научат да пишуваат. Покрај овој метод, постоел и систем за „ноќно пишување“, кој го измислил капетанот на француската армија, Шарл Барбие. Овој систем кој се состоел од 12 испакнати точки го користеле војниците на бојното поле за да пренесат тајни информации бидејќи не вклучувале устна комуникација.

Луј Брај се запознал со овој систем во 1821-та година кога капетанот Барбие го посетил училиштето за слепи деца во Париз. За помалку од три години, Луј Брај создал нов систем за пишување за слепите лица, намалувајќи ги дванаесетте точки на Барбие на шест, и правејќи подобрувања што овозможиле побрзо читање. Новиот систем бил именуван според неговото име „Брајова азбука - Брајово писмо“

Брајовата азбука ја објавил во 1829 година под наслов „Метод за пишување зборови, музика и полифонија со помош на точки“, наменета и подготвена за слепите лица. Во 1837-та година додал симболи за математика и музика на неговата азбука. Сепак, јавноста била скептична за неговата азбука, па учениците морале сами да ја учат „Брајова азбуката - Брајово писмо“. Неговиот систем на пишување за слепи бил и официјално признат во Франција во 1854-та година, две години по неговата смрт.

Денес, машините за пишување и електронските машини се користат со Брајовата азбука - Брајово писмо.

По завршувањето на студиите Луј Брај предавал на Кралскиот институт во Париз. Покрај тоа бил успешен виолончелист и оргулист, па свирел оргули во црквите низ Франција. Брај починал од туберкулоза во Париз 1852 година. На стогодишнината од неговата смрт, во 1952-та година, неговото тело било ексхумирано и повторно погребано со сите почести во Пантеонот во Париз.

 

ОкоБоли главаВицФото