Американските војни убија милиони

29.05.2023 00:28
Американските војни убија милиони

Откако Соединетите држави ја започнаа „глобалната војна против тероризмот“, од директни и индиректни последици предизвикани од војните умреа повеќе од 4,5 милиони луѓе. Ова го заклучи американскиот културен антрополог Стефани Савел во својот неодамна објавен извештај кој се занимава со „директното умирање“ во војните по 11 септември 2001 година. Савел е кодиректорка на проектот „Цената на војната“ на Универзитетот Браун, а во извештајот насловен „Како смртта ја надживува војната: Рефлексијата на војните по 11 септември на човечкото здравје“, тврди дека во статистиките системски се премолчуваат токму индиректните жртви на воените операции. Кога тие ќе им се додадат на директните жртви, бројот на убиените драматично се зголемува од официјалната проценка на околу 900 000 директно убиени во борбите на 4,5 милиони мртви.

Савел во истражувањето ги опфаќа војните во Авганистан, Пакистан, Ирак, Сирија, Јемен, Либија и Сомалија. Тврди дека до индиректна смрт доаѓа заради колапс на економијата, небезбедност на храната, уништување на јавната здравствена инфраструктура, загадување на околината, раселување и континуирана траума која вклучува здравствени проблеми, сексуално насилство и насилство во семејството. Наведува дека за разлика од дирекната смрт која престанува со завршувањето на директните борби, индиректната има тенденција на раст со текот на времето, на пример во Авганистан, каде војната започна во 2001 година, а официјално заврши летото 2021 година. „Во земјите како што е Авганистан, кој дваесет години беше под окупација на американската војска, се поставува прашањето дали која било смрт што се случува денес може да се смета за неповрзана со оваа војна“, тврди авторката. Стручњаците проценуваат дека „разумна конзервативна проценка за секој современ воен конфликт е дека на секоја директна смрт доаѓаат четири индиректни“. Колку населението е посиромашно поголема е индиректната смртност, при што во директните борби повеќе гинат мажите, додека жените и децата диспропорционално умираат од индиректните последици од воените конфликти.

Бидејќи станува збор за конфликти со бројни завојувани страни во комплексни геополитички околности, авторката во своето истражување не им припишува директна одговорност на ниеден од актерите. Но нејзиното истражување уште во насловот јасно сугерира дека американската војна против тероризмот е темелниот контекст во чии рамки се случува секој од овие поединечни конфликти. „Иако не се единствените кои се одговорни за овие разорувања, САД имаат голема обврска да вложуваат во хуманитарна помош и обнова во поствоените зони и би требало да преземат многу поголема одговорност од она што го прават сега“, се наведува во извештајот. Савел пишува дека пресметките за бројот на воените жртви се генерално контроверзни, особено кога се земаат предвид индиректните последици со кои се занимава нејзиниот извештај. Еден од поеклатантните примери за овие дискрепанции е војната во Ирак, за која научното списание The Lancet процени дека од 2003 до 2006 година заради военото насилство умреле 600 000 луѓе, додека проектот Iraq Body Count наведува 300 000 до денес.

Во Јемен, пак, „изгладнувањето се применува како метод на војување“, па ОН наведува дека таму до 2021 година се убиени 337 000 луѓе, од кои „речиси 60 проценти од индиректни причини како недостаток на храна, вода и здравствена заштита“. Еден од индикаторите за размерите на предизвиканата штета од војната се однесува на акутната потхранетост на децата. Кумулативната статистика за наведените конфликти покажува дека во состојба на акутен недостаток на храна живеат 7,6 милиони деца, кои затоа се поизложени на ризик од смрт, на пример, заради ослабен имунолошки систем. Во Авганистан, каде економијата колабираше по повлекувањето на американската војска и доаѓањето на власт на талибанците, повеќе од половина население живее во екстремна сиромаштија, а десетици илјади деца помлади од пет години умираат од неизлечиви болести како морбили и колера.

Кога станува збор за психолошките последици од војната, во извештајот се објаснува дека „анксиозноста и депресијата се два до четири пати позачестени кај популациите погодени од војни во однос на глобалниот просек“. Притоа, тоа повеќе се однесува на жените „заради родово условеното насилство кое расте во воени времиња“. Авторите забележуваат и дека посттрауматскиот стресен синдром е особено присутен во областите изложени на континуирани напади на беспилотни летала, како што е на пример пакистанскиот Вазиристан, на границата со Авганистан. „Хроничната анксиозност и константниот страв“ се изразено распространети меѓу локалното население заради двојните напади со дронови во кои мети на вториот напад се луѓето кои им помагаат на жртвите од првиот, се наведува во извештајот.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Darryl Cagle

Извор: https://www.portalnovosti.com/