1025 hPa
63 %
17 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 10:22
Томас Квастхоф е роден со инвалидитет како последица на употребата на лекот талидомид кој го користела мајка му како лек против утринска мачнина. Талидомидот предизвикал факомелија, вродено пореметување кое се карактеризира со недостаток на делови во рацете или нозете. Првата година од животот ја поминал во гипс, за да му се исправи десното стапало кое било свртено наназад. Следните шест години бил во резиденцијална установа за деца со инвалидитет.
-Мајка ми се чувствуваше виновна уште од моментот кога сум роден. Иако стотици пати ѝ реков дека не треба да се чувствува така, таа сè уште чувствуваше вина, па се обидов да ѝ покажам дека од својот живот и талент го извлеков најдоброто.
Во тринаесеттата година почнал да посетува приватни часови по пеење, но музичките конзерваториуми одбивале да го примат зашто заради инвалидитетот не може да свири инструменти. Три години учел право, а во слободното време пеел во џез бендови. Неговата музичка кариера почнува 1988 година кога освојува награда на меѓународен музички натпревар во Минхен. Две години подоцна се вработил како радио водител.
Во 1966 година стигнува во жижата на јавноста, по освојувањето на наградата Шостакович, како и главната награда на Меѓународниот фестивал во Единбург. Успесите се нижеле еден по друг, за најпосле да добие ангажман во Њујоршката филхармонија. Следела првата од вкупно три Греми награди, а следните години станува еден од најценетите светски класични вокали кои патуваат ширум Америка и Европа, настапува со големи оркестри и диригенти и учествува на многубројни музички фестивали.
Свесен е дека дел од публиката можеби доаѓа на неговите настапи зашто е заинтригирана од неговата лична приказна, но верува дека тоа сепак е мал дел од публиката и не се согласува дека инвалидитетот го дефинира, ниту дека му го одредува изборот на улогите. Ја одбил улогата на грбавиот во операта Риголето, како и улогата на злобното џуџе во Вагнеровиот Прстен. -Повеќе сакам да глумам кралови - вели.
-Така сум одгледан. Моите родители и брат ми не ме третираа како лице со инвалидитет. Пријателите на брат ми беа и мои пријатели. Секогаш бев дел од нормалниот семеен живот.
-Во првите 18 години повеќе живеев на мрачната страна отколку на ведрата, особено за време на пубертетот кога момците запознаваат девојки. Стоев настрана. Сакав да студирам музика но универзитетите ме одбиваа зашто не можам да свирам инструменти. Клучот не е во тоа што се случуваат вакви нешта, туку во тоа како се соочуваш со нив и што извлекуваш од секоја ситуација.
-Секогаш сакав да бидам прифатен како уметник кој има инвалидитет, наместо да ме гледаат како лице со инвалидитет кое е уметник.
Томас Квастхоф се повлече од музичката сцена во 2012 година, по смртта на неговиот брат со кој беше мошне близок. Тврди дека психолошката траума од тој настан ги намалила неговите пејачки способности.
-Три дена откако дознав дека брат ми има рак на белите дробови и дека му преостануваат не повеќе од девет месеци живот, го изгубив гласот. Докторите ми го прегледаа грлото и велеа дека сè е во ред. Но срцето ми беше скршено, а кога тоа е скршено... Гласот е огледало на душата.
Сепак останува активен во музиката, подучува, повремено настапува и диригира. Објави автобиографија со наслов Гласот (The Voice).
-Постигнав сè што сакав во животот. Бев успешен пејач и станав професор по музика; 15 години сум во брак и имам прекрасна и паметна пасторка; живееме во прекрасна куќа во Берлин. Што да кажам? Познавам многу колеги кои се многу помалку задоволни.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://portaloinvalidnosti.net