Нуркаат пет часа дневно, немаат слезенка, ушни тапанчиња, држава: Приказна за неверојатниот народ Бајау

31.05.2023 01:27
Нуркаат пет часа дневно, немаат слезенка, ушни тапанчиња, држава: Приказна за неверојатниот народ Бајау

Народот Бајау живее во водите на југоисточна Азија, немаат своја држава, не гледаат во часовник и не слават родендени. Секој ден се во вода речиси по пет часа, ловат риба уште од осум години, а слезенките им се двапати поголеми од просечен човек. Некои сметаат дека таканаречените номади всушност еволуирале за да живеат на море.

Точното потекло на овој народ не е познато. Знаеме дека се етничка група со малајско потекло и дека веројатно се последните „морски луѓе“. Во минатото постоеле многу народи кои целиот живот го поминале на вода.

Првите морски народи биле освојувачите кои во 12 и 13 век напаѓале бројни градови на источното Средоземје. Староегипетските списи откриваат дека тие народи му влевале страв во коските на копненото население. „Дојдоа од морето со своите борбени бродови и никој не можеше да им се спротивстави“, е само една од фразите запишани во споменатите списи.

Народот Бајау не е насилен како своите предци, главна занимација им е ловењето риба, а во тоа се толку добри што уште како деца ловат риба со копја уште од првиот обид.

Иако немаат сопствена држава, народот ја развил културата преку фолклорот и богатата традиција. Со генерации преку устно предание се пренесува приказната за човекот кој се викал Бајау. Голем, крупен маж кои луѓето го гледале во вода. Имено, кога некој голем Бајау ќе влезел во вода, површината на водата се излевала, па така на луѓето им било многу полесно да ловат риба.

Научничката Мелиса Илардо поминала одредено време со овој народ за да го истражи нивниот неверојатен начин на живот. Раскажа како изгледа еден ден со врвниот нуркач Паи Бајубу.

Беа во вода кога Паи здогледа школка. Не помина ни секунда, а тој веќе беше на дното. Под вода се движеше подобро отколку на копно, а контролата на дишењето и телото беше навистина неверојатна. Паи постојано е во чамец, а на брегот доаѓа само за да тргува или да се засолни од голема бура. Дури и храната ја собира под вода, а интересно е тоа што, како и повеќето негови сонародници, Паи нема ушни тапанчиња. Уште на рана возраст на некои деца им ги дупнуваат ушните тапанчиња за да им биде полесно да нуркаат.

Не им претставува проблем да нуркаат 70 метри под вода, а од опрема користат само дрвени очила и подводни пушки кои ги прават самите. За пет часа, колку што поминуваат под вода секој ден, ловат помеѓу 2 и 18 килограми риба и октоподи. Просечен човек може да остане под вода околу 30 секунди, а Паи под вода се задржа три минути. „Го фокусирам умот на дишењето. Нуркам само кога сум опуштен“, вели Паи.

Мелиса Илардо, која инаку е генетичарка, се фокусирала на истражување на жителите на селото Јаја Бакти во Индонезија. Во 2015 година нашла докази дека луѓето Бајау се генетски прилагодени за живот на море. Кога отишла да нурка со нив, со себе носела ултразвучен апарат и ги скенирала телата на 59 селани. Тогаш сфатила дека Бајау имаат необично големи слезенки - двојно поголеми од просечен човек, но и од селаните од соседното село кое живее на копно.

„Слезенката делува како складиште на црвени крвни зрнца кои носат кислород. Кога цицачите го задржуваат здивот слезенката се собира, исфрла клетки и го зголемува нивото на кислород до 10 проценти. Затоа најдобрите нуркачи имаат најголема слезенка“, објасни Илардо.

Меѓутоа, слезенките кај народот Бајау не се големи само заради тренингот. Илардо и нејзиниот тим од Универзитетот во Копенхаген открија дека дури и мештаните кои не нуркаат имаат несразмерно големи слезенки. Откриле дека за тоа е заслужен генот кој е особено активен во штитната жлезда и го контролира ослободувањето на хормоните. Токму тие хормони ја зголемуваат слезенката.

Како и многу номадски групи и Бајау се соочуваат со бројни стигми од околното население. Некои сметаат дена не се веродостојни, а други пак се борат против нивните традиционални „љубовни напитоци“. Тие живеат на работ на општеството па често се создава впечаток дека им треба помош. Токму таа помош ги нарушува нивните животни навики зашто овој народ живее навистина среќен живот. Тие се задоволни под своето небо.

Илардо ги опишува како најљубезниот народ кој некогаш го запознала и напоменува дека е загрижена за нивната иднина. „Нивниот традиционален начин на живот полека исчезнува. Неколку владини програми ги принудија номадите да излезат на брегот и веќе не сакаат да ги одржуваат нивните плутачки домови. Некогаш самите ги граделе своите домови, а потоа ги обвиниле дека заради нив е загрозен опстанокот на дрвјата што ги користеле.“

Ниедна владина програма нема да може да ги реши проблемите на овој народ. Единствено може да го реши препознавањето на народот Бајау како граѓани со права и сопственост над морето во кое живеат за да се обезбеди усогласеност помеѓу традицијата и опстанокот на овие посебни луѓе.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://punkufer.dnevnik.hr/