Извадоци од романите „Број 77“ на Мирјанка Селчанец и „Продолжи да одиш“ на Елена Симоновска

01.06.2023 10:51
Извадоци од „Број 77“ на Мирјанка Селчанец и „Продолжи да одиш“ на Елена Симоновска

  „Број 77“, Мирјанка Селчанец, „Андриано“

Замина девојката по улицата „ЈНА“, откако повторно ѕвонеше на вратата од семејството Тодорови. На „ЈНА“ виде десетина големи станбени згради, во кои живееја воени лица. Беа во урнатини.

Истата слика ја виде лутајќи и по улицата „Илинденска“, па на плоштадот „Слобода“, плоштадот „Маршал Тито“... Тука го догледа прво лустерот што висеше во Големата сала од Офицерскиот дом каде таа пееше предминатата есен, а Симе ја следеше свирејќи на клавирот со своите вешти, долги прсти...

Со очи полни со солзи го сврте погледот кон небото и... го догледа Калето со урнатините од зградата на Историскиот музеј...

Во неа веќе немаше солзи за да плаче... Во грлото ѝ стоеше само некаква грутка што ни се голташе, ни се плукаше...
Потоа погледот ѝ запре врз војниците и цивилите кои буричкаа низ урнатините на хотел „Македонија“. Хотелот, можеби, во себе криеше многу жртви – што персонал, што гости. Ама, тие кои раскопуваа, буричкајќи во надежта, бараа некои живи маченици, кои пискаа, чекајќи да вдишат од врелиот воздух во градот на грозомората...

Нозете од Љубинка К. продолжија кон аголот на Ристиќевата палата, каде со ужас го догледа искршениот излог од книжарницата „Култура“ со испопаѓани книги од полиците и внатре, а и во излозите... Го измина „Громби“, „Краш“, „Путник“, „Коштана“...

По тротоарот - урнатини... А погледот, кренат нагоре, прикажуваше слики од нечии разголени интими на домашните секојдневија, со испопаѓани делови од намештај...

Наеднаш, левата боса нога од Љубинка К., чија сандалка се изгубила некаде при трчањето, се сопна од нешто, застана и виде: една прекрасна голема кукла со руса коса, со фустанче, со затворен лев капак од окото, а другото око отворено и без една нога – лежеше кај напукнатиот излог со испопаѓани сандали и машки чевли во „Пеко“. Другото око од куклата, ширум отворено, сино, стаклено, гледаше некаде како да си ја очекуваше својата малечка сопственичка која, изгледа, никогаш повеќе нема да се врати и да си ја земе...

Од под урнатините на хотелот „Бристол“ Љубинка К. слушаше гласови, повици за помош од потиснатите... Ушите од Љубинка К., чувствителни на звуци, ги распознаваа лелеците... Душата ѝ се кинеше од болката што ѝ се дуеше во градите, небаре надуен балон што може или да одлета угоре или – да пукне.

В миг, Љубинка К. почувствува дека под мишката ја гребе весникот „Нова Македонија“ што цело време го носела со себе. Пак отрча до блиското паркче од изутрина, седна на некоја друга клупа со сенка за... барем малку да се одмори.
Веќе минуваше втор ден како ништо немаше ставено в уста, освен една чаша збајатена вода што ѝ ја даде тетка Павла.
На дрвото под кое седеше догледа изнапишан плакат, па стана и прочита:

„Организирани се три санитетски
пунктови во: ДРЖАВНА БОЛНИЦА,
ВОЕНА БОЛНИЦА И
ГРАДСКА БОЛНИЦА“

Очите ѝ се загледаа во подолу закачениот плакат, каде прочита:

“...три пункта за прифаќање и
сместување на населението:
ВОДНО, ГРАДСКИ ПАРК
и ДОЛНО ВОДНО“


„Продолжи да одиш“, Елена Симоновска, „Збор“

Точно два месеца од сообраќајката, воедно и од разделбата со Филип. На бирото букет цвеќе и писменце. Видно збунета го зеде писменцето и го отвори:

-Два месеца без тебе, како две години. Дали некогаш ќе ми простиш? Ќе чекам и цел живот ако треба. Те сакам.

Најдолу пишуваше: Филип.

-Значи никогаш не забележа дека не сакам букети!

За секоја годишнина и некои други поважни датуми ѝ купуваше букет цвеќе, а таа ќе му се заблагодареше, но во себе си велеше дека не сака букети. Софија сакаше повеќе саксиско цвеќе, бидејќи ѝ беше предизвик да го сочува, а букетот за неколку дена овенуваше и таа мораше да го фрли.

-Нема, никогаш нема да ти простам! Требаше да мислиш на тоа онаа вечер. Ама ти не мислеше на мене тогаш, имаше „попаметна работа“. Сега јас немам време за тебе, Филип! И немој повеќе да ми праќаш цвеќиња! И онака никогаш не ги сакав букетите!

Зборуваше гласно сама со себе. Сара мислеше дека разговара на телефон со некој, па подзастана на вратата пред да влезе. За брзо сфати дека не разговара на телефон, туку сама со себе и влезе во канцеларијата.

-Што правиш? Мислев зборуваш на телефон, а ти со кого зборуваш? Со самата себе?

-Да, со самата себе!

-Букет? Од кого е?

Софија ѝ ја подаде картичката. Прочита и ја погледна в очи.

-Не гледај ме така! Е не можам повеќе! Не можам да го издржам ова!

Почна да плаче и продолжи да зборува и да вика.

-Што сака сега? Што сака од мене веќе? Јас сакам да го заборавам, нели сфаќа? Сега ли му текна да го посвети животот чекајќи ме? И тоа чекајќи ме да му простам! Нема да му простам! Ме повреди! Ме изневери! Лесно ли е да се помине преку неверство и да се прости? А потоа да се правиме како тоа да не се случило, така? Абе со кое право ми го прави ова? Со која храброст!? Тој многу добро знае дека нема да му простам! Го знае мојот став околу неверствата! Не ми е јасно што сака да постигне сега? Да му се стрчам во прегратки? Тоа ли го очекува? Во тие прегратки јас нема да се вратам никогаш! Валкани се и тие, валкани со друга! Не ги сакам повеќе!!!

-Добро Софија, смири се душо, – ја гушна Сара.

- Не мораш ништо, само смири се. Негово е да се обидува, твое е да останеш смирена и да го „убиеш“ со твојата ладнокрвност. Верувај ми, тоа ќе го уништи. Научен е тој да има топлина и љубов со тебе. Оваа Софија тој не ја познава. Тоа ќе го срози, верувај ми.
Софија го фрли цвеќето во кантата и ја искина картичката на милион парчиња.

-Еве вака тој ме искина мене, како јас оваа картичка. На милион парчиња. А вака ме фрли, како јас овој букет што го фрлив во кантата за отпадоци. И сега ако ја залепам картичката, може ли да биде иста? Никогаш! Ако го земам букетот повторно од кантата за отпадоци, може ли да биде ист? Никогаш!

Викаше гласно и плачеше.

-Ах, Филип, повторно успеваш да ме расплачеш! Само тоа и можеш по онаа вечер.

Друго ништо не можеш кај мене да предизвикаш освен бес, гнев и лутина...

-Добро Софија, смири се ајде. Ќе ти направам чај и ќе одиме на воздух, може?

-Може!

Додека Сара правеше чај, Софија го зеде телефонот и му напиша порака на Марко:

-Добив букет цвеќе со посвета! Во канта се и двете инаку ќе ги сликав да ги видиш. Ај погоди од кого се, следува награда за погодок од прв обид.

 

Претходните извадоци на романите во конкуренција за наградата „Роман на годината“ од 2022 можете да ги најдете овде.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото