„Големи и мали“ – куси размислувања за христијанството и европските вредности

01.06.2023 12:28
„Големи и мали“ – куси размислувања за христијанството и европските вредности

 

Изразот „европски вредности“ се користи толку често што веќе почнува да го губи своето значење. Би навел еден интересен пример за тоа што содржи во себеси овој израз, а кој со мене го споделија мојот драг професор Георги Каприев и неговата животна сопатничка проф. Антоанета Дончева. Точно го помнам местото и времето на разговорот – Летната школа на EGSAMP во Берлин 2017 година.

Зборувавме за тоа каков треба да биде односот во една хиерархиска структура како што е универзитетот, но исто така може да се однесува и на семејството и на другите сфери на општественото живеење. Појдовна тема беа конфликтите кои може да настанат на различните степени на хиерархијата, но и меѓу нив. Главната поента беше дека има суштинска разлика меѓу оние конфликти што се одвиваат на исто или приближно хиерархиско рамниште од една страна и конфликитите меѓу сосема различни хиерархиски рамништа од друга страна.

Во вредносните системи кои често, оправдано или не, го носат пејоративното име „ориентални“, таа дистинкција избледува или сосема се губи. Па така, критиката, нападите или навредите кои доаѓаат од пониско хиерархиско рамниште се доживуваат на идентичен начин како и оние кои доаѓаат од истото или од повисоко хиерархиско рамниште. Наспроти тоа, европската вредносна перцепција на ова прашање е во многу нешта поинаква. Таа се темели врз фундаменталната евангелска идеја за водството како служење: „кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга“ (Матеј 20,26). Тоа воведува една суштествена асиметрија меѓу односите во хиерархијата – оној што е „долу“ ќе добие повеќе права од оние што се „горе“.

Особено впечатлив пример за оваа разлика меѓу вредносните перспективи кон општествените хиерархии е статусот на малцинствата. „Ориенталните“ вредносни системи по дефиниција ги поставуваат малцинствата во подредена позиција наспроти мнозинството (не само во етничка, туку и во секоја друга смисла). Според природата на нештата, би рекле тие, оние што се малку на број треба да имаат и помалку права од оние што се побројни. Но, европската вредносна перцепција е дијаметрално различна: оние што се помалубројни треба да уживаат најмалку исто онолку права колку и мнозинството, а пожелно е да имаат и повеќе од тоа. Имено, на тој начин би се намалил јазот меѓу нив.

Би се согласил дека ова е „спротивно на природата на нештата“ – само што „природата“ за која тука говориме не е богосоздадената природа како таква, туку „начинот“ на кој таа природа постои во овој свет и век. Тој начин на постоење е несовршен, а ние христијаните би рекле – гревовен. Тоа е логиката на еволуционизмот што европската христијанска култура се труди да го надмине. Затоа што, основниот принцип на еволуционизмот е, имено, привилегијата на посилните над послабите, на многубројните над малубројните, на поинтелигентните над помалку интелигентните итн. Низ вековите, христијанството постепено го деконструира ваквиот поредок на нештата и тоа го транспонира на ниво на општественото устројство. Оние што се „долу“ ќе имаат повеќе привилегии од оние што се „горе“.

Ќе дадам уште еден пример од универзитетската менза во Келн, која редовно ја посетував за време на мојот летен студиски престој минатата година (значи сеќавањата ми се доволно свежи). За секое јадење има различни цени за студентите и професорите. Погодете која цена е пониска. Секако, онаа на студентите. Професорскиот оброк (сосема истиот како оној што го зема студентот) чини 30-40% повеќе. Или, еве друг пример: таму не постои обичај по успешно одбранетата докторска дисертација да чести кандидатот што докторирал, туку доколку се оди на заеднички ручек, поканата е од менторот. Необично, нели?
Ќе се вратам сега на темата за конфликтите. Оној што стои на повисоко хиерархиско рамниште е должен да биде толерантен кон оние што се подолу. Пониско стоечките може да си дозволат повеќе, вклучително и да бидат дрски, „неблагодарни“, критички настроени и т.н. Едноставно, нивниот степен на одговорност во хиерархијата е поинаков од степенот на одговорност на оние што стојат повисоко. Да бидеме на јасно, тука не говорам за толерирање на законски престапи, бидејќи законот е над хиерархијата и нејзините структури. Пред законот сите треба да бидат еднакви. Кажаното е исклучиво во доменот на етиката и поведението. Доколку процениме дека некое поведение не е адекватно, пред да реагираме, треба прво да се запрашаме – дали се наоѓаме на исто рамниште со оние што постапуваат така или не? Колку е поголема разликата, толку поголема треба да биде не само толерантноста, туку отвореноста да се сослуша другиот, да се вложи напор да се разбере и да му се одговори.


Тука допираме и една важна психолошка тема, имено, дека конфликтноста многу често знае да биде апел за нешто сосема друго – потреба за внимание, грижа, помош и сл. Вистинското значење на некои непријатни зборови или постаки може да биде нешто сосема различно, па дури и спротивно на нив. За да може да проникнеме во тоа значење не ни е доволно да бидеме воздржани и толерантни, туку потребна ни е љубовта. Затоа е и дадена онаа навидум необична заповед за љубовта кон непријателите (Матеј 5,44). Всушност, прашање е дали оној што го доживуваме како непријател навистина ни е непријател. Можеби тоа е само привид. Можеби тоа е само пријател со грдо лице, пријател кој бара помош, пријател кој бара внимание, пријател кого не сакаме да го сослушаме, пријател кој можеби сака и нам да ни помогне, кого Бог ни го праќа за да нѐ смири и да нѐ научи да љубиме безусловно како што Тој Самиот нас не љуби.

Ќе завршам со темата со којашто почнав, темата за „европските вредности“. Површноста е искушение што треба да го надминеме. Површниот однос кон зборовите што ги слушаме и ги користиме го замаглува нивното значење. Независно дали ќе се препознаеме како поборници за „европските вредности“ или нивни критичари – ние треба овој израз да го изведеме од маглата на неразбирањето и да го расветлиме од сите негови страни. Една од тие страни е културно-историската. Ако фрлиме доволно светлина на неа, ќе видиме дека носечките начела на оваа вредносна концепција доаѓаат од сопствената европска христијанска традиција. Друга е темата што тие начела со текот на времето почнуваат да се апстрахираат од нивниот оригинален христијански културен, цивилизациски и духовен контекст и постепено да се оградуваат од него. Ако постои простор за критика кон оваа вредносна концепција, тогаш ова е темата од која ќе треба да се почне и за која, чинам, ќе има многу што да се рече. Истовремено, наша задача како теолози и философи е да ги препознаеме скриените референци на световната аксиологија кои упатуваат кон нејзините христијански основи, та преку нив, конечно, да се погледнеме и самите себеси. Можеби ќе откриеме нешто што до сега не сме можеле да го видиме.

Слики: Anne Siems

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија
Општество / Култура / Теорија
Општество / Култура / Теорија
Општество / Став / Живот / Теорија
Стрип / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото