1014 hPa
73 %
18 °C
Скопје - Сре, 19.08.2026 04:59

Единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје се отвора на 1 јуни во 20:30 часот во МСУ, со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ (Remembering Futures) на познатиот уметник Карол Раѓишевски. Фестивалот ќе трае од 1 до 13 јуни во Музејот на современа уметност, МКЦ и КСП „Центар-Јадро“, а овогодишниот тематски фокус е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. Проблемите што ќе ги адресира годинашното издание тргнуваат од мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања.
Карол Раѓишевски (1980, Полска) работи со филм, фотографија, инсталација, сликање и создава интердисциплинарни проекти. Методологијата, заснована на архиви, испресечува многубројни културни, религиозни, општествени и родови референции. Од 2005 година е издавач и главен и одговорен уредник на фагазинот ДИК, а во 2015 година го основа и Институтот за квир-архиви. Користи уникатни алатки при уредувањето на материјалите, при што комбинира факти со фантазија, компонира документи од парчиња сеќавања; нè насочува во поинаква насока за да прикаже алтернативни траги на сеќавањата. Не само што ги открива индивидуалните искуства туку и ги документира и историите на заедниците, при што не се ограничува единствено на Полска.

Karol Radziszewski, "AIDS" (Wallpaper), 2012
Неговите дела се поставувани во институции како што се Музејот на модерна уметност, Националната галерија за уметност Захета, Националната галерија за уметност, Центарот за современа уметност Замокот Ујаздовски, Варшава; Галеријата Вајтчепл, Лондон; Кунстхале Виена, Виена, Њу мјузиум, Њујорк; Видео Бразил, Сао Пауло; Музејот за фотографска уметност во Токио; Музејот за современа уметност Метелкова, Љубљана; Современиот музеј во Вроцлав и Музејот Штуки во Лоѓ. Учествувал во неколку меѓународни биеналиња, вклучително и ПЕРФОРМА 13, Њујорк; 7. Биенале во Гетеборг; 4. Биенале во Прага и 14. Балтичко триенале. Неговите филмови се прикажувани на Меѓународниот филмски фестивал Њу хорајзн на Т-мобиле, Вроцлав (2014, 2012); Филмскиот фестивал во Варшава (2022, 2019, 2013); ЛГБТИК+ филмскиот фестивал во Лондон БФИ Флер (2014) и Меѓународниот фестивал на кратки филмови Оберхаузен (2011); меѓу другите. Во 2021 година, „Стернберг прес“ ја издаде книгата „Моќта на тајните“ посветена на архивирањето на Раѓишевски.

Karol Radziszewski, Hiacynt, 2020
Изложбата исто така ќе ја претстави и неговата серија „Галерија на портрети“ (2020 – во тек). Серијата претставува продолжување на монументалното дело „Почет“ (2017), составено од дваесет и два портрета на потомци на нехетеронормативни ликови од Полска од минатиот милениум. Вклучени се лица од централна и источна Европа, кај кои повторно се истакнува настраноста во голема доза потисната или избришана од нивните биографии.
Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за поддршка, а се реализира во партнерство со ТрансФормА, Заедно посилни, Музеј на современа уметност - Скопје, КСП „Центар-Јадро“ и Тиииит!Инк., a благодарение на несебичната поддршка на Heinrich Böll Stiftung, Фондација Отворено Општество Македонија, Министерство за култура на Северна Македонија, Friedrich Ebert Stiftung и Transgender Europe. Изложбата на Карол Раѓишевски се реализира во партнерство со Заедно посилни, и е делумно поддржана од Европската унија. Перформансот на Малик Нашад Шарпе се реализира во партнерство со ТрансФормА, и е делумно поддржан од Transgender Europe. СРАМОТА! се реализира во партнерство со Тиииит!Инк. и е поддржано од Шведска и Фондацијата Kvinna till Kvinna.