Ајакс и УДБА

02.06.2023 01:31
Ајакс и УДБА

Освен претседател на држава, потпретседател на влада или нешто такво, денес е најдобро да се биде писател кој пишува за животот во тоталитаризмот. Со тоталитаризмот нема неизвесност. Уште ако темата е животот во комунизмот, е тогаш, што и да напишеш, тоа е просто осудено на успех. На преведувања, на просветлувачки турнеи, на гламур! Ние, децата на југословенскиот социјализам, не сме ни знаеле дека живееме во комунизам, никој никогаш тоа не ни го кажал и да го немавме тоа што го имаме, сѐ уште не би знаеле. За среќа, денес ги имаме нашите западни писатели, тие наши примерни сини шлемови, што стојат помеѓу нас и нашето комунистичко минато (и сеќавањето на него!), за ние на него и тоа на нас да не отвора оган. Ни ги отвораат видиците тие писатели, зашто ние живеевме во мрак. Тоа што си бил во партија или во нејзините структури не се важи, ќе откриеш во своето битие дека однатре си го подривал комунизмот, дека си бил неслободен или дека тажните очи секое утро си ги насочувал кон слободниот Запад и, работата е завршена. На Западот не му е важно што си бил и колку плати си примил за да го чуваш комунистичкиот јарем, битно е достоинствено да објавиш дека си живеел за негово уривање, па си го доживеал и си го преживеал. И дека потоа написмено и акрибички инспирирано си се исповедал.

А има и западњаци кои тоа го прават наместо нас. Еве, на пример, Џим Шепард. Тоа е писател од Америка, оваа година ќе наполни 60 години, а пред 13 години го просветли антитоталитарниот свет со приказна од 25 страници текст „Ajax Is All About Attack“. Приказната по светот е преведувана и вклучувана во антологии, во Италија предизвика лудило. Ајакс од насловот не е митскиот јунак и параноик кого ние генитивните зависници го нарекуваме Ајант, туку фудбалскиот клуб од Амстердам за кој, тоа може да се дозне од интернет, навива и писателот Џим Шепард. Приказната преку интернет може да се добие за помалку од два долари. Кому не му се даваат два долари, нека ми се јави, јас ќе му го пратам текстот.

Протагонист на приказната е Велибор Васовиќ, чудесниот фудбалски центархалф, играч на Партизан од Белград и на Ајакс од Амстердам (половина година беше и во Ѕвезда, па се врати во Партизан). Писателот Шепард го пушта Васовиќ сам да раскажува: „Се викам Велибор Васовиќ, играв фудбал единаесет години, прво во Партизан од Белград и во репрезентацијата, а потоа во Ајакс...“ Од тоа исповедање на Васке пред Шепард дознаваме дека Васовиќ најпрво играл фудбал со шест-седум момчиња во некоја штала од три квадратни метри, во Жагубица, а кравата која преноќувала во таа штала зачудено ги гледала стоејќи на дожд. Во Жагубица, ни кажува писателот Шепард, се сметало за граѓанска непослушност која некој што паднал пијан би се опирал да биде подигнат. Дознаваме и дека Васовиќ на пат за Амстердам, од железничката станица до белградскиот аеродром со воз го испратиле родителите, инаку партизани, кои Втората светска војна ја поминале во словенечката бригада „Иван Цанкар“, а во војната мајката, некаде во Штаерска, изгубила два прста од раката. Па дознаваме дека братот на Васовиќ на светското првенство во 1954. играл за Југославија против Унгарија, онаа во која играа Пушкаш, Кочиш и Хидегкути, и дека Југославија изгубила со 2:8, а братот добил дрес од Пушкаш. Па дека Велибор Васовиќ, кога и во Ајакс да видел некој од долгите Кројфови пасови во трк, се сеќавал на утакмицата на брат му против Унгарија. Следуваат описи на дедото и бабата на Васовиќ, па на стрикото кој се обидува браќата да ги воведе во катехизам. Таткото е постојано насмеан и сите се чудат што еден таков човек можел да пука во Германците. Па Велибор Васовиќ кажува како татко му, ете, само заради верноста кон еден идеал, конструирал таков живот во кој подоцна самиот себеси ќе се закопа. Зашто светот на тоа живеење бил заснован на лажни идеали, а децата го имале прифатено како единствена можна стварност.

Потоа следува спомнувањето на Ајаксовата фудбалска умешност која ја изведува дружина како пуштена од синџир. Кројф, Пит Кајзер, Бери Хулсхоф, Руд Крол, Гери Мехрен, секако со нив и Велибор Васовиќ, во магливата вечер на 7 декември 1966 година ѝ нанесуваат тежок пораз на екипата на Ливерпул од 5:1, во реваншот е 2:2. Пит Кајзер му кажува на Васовиќ дека Кројф е неговиот Џон Ленон, а Васовиќ го прашува Кајзер: „А кој е Џон Ленон?“ Потоа се открива врската која братот на Васовиќ во Југославија ја има со жената на некој Тасо, инспектор на Удба. Братот не добива дозвола да го посети брата си во Амстердам, па братот од Амстердам илегално патува во Белград. Го наоѓа братот во некое гратче во близина на Жагубица, живее во соба со некој муслиман од Босна, по занимање ковач. Братот се жали на немаштија, и своја и на родителите. На враќање, на белградскиот аеродром, некој службеник го прашува играчот на Ајакс зашто не игра во татковината, туку во странство, па га прашува и дали татко му е чесен човек. Од Амстердам, Васке му пишува на братот дека обидите да го извлече напредуваат, брат му не одговара. Наместо братот, му одговара татко му, ништо не прашувајќи, само опишувајќи како се чувствувал во деновите на ослободувањето. Па Кројф се распрашува за тоа зошто братот на Васовиќ не може да дојде да го посети брата си. Па за тоа дека Васовиќ, очигледно погоден од неправдите, одлучува веќе да не игра и дека, по многукратни убедувања, и Кројф конечно му кажува на тренерот Михелс: „Остави го, нека оди.“ Потоа на братот играч во странство повторно му пишува братот од татковината и му вели дека му пишува од најтажниот од сите затвори – од своето срце. И потоа Велибор Васовиќ наоѓа нова работа во некое мирно кафуле, па на родителите им пишува колку е среќен, зашто среќата ја определуваат внатрешните сфери.

Сето тоа ни го раскажува Џим Шепард, професор по креативно пишување на колеџ. И сѐ во неговата приказна е лага. И фактички и намерно. Велибор Васовиќ нема никаква врска со Жагубица, таму никогаш не шутнал топка, можеби никогаш не ни бил. Роден е во Пожаревац, а фудбал почнал да игра дури кога семејството се преселило во Белград, во 1950. Ниеден брат на Васовиќ не играл за Југославија, ни Миодраг, ни Петар, ни Милан. Само Петар играл фудбал, за белградскиот Дорќол. Југославија не играла против Унгарија во 1954 и никогаш не изгубила со 2:8. Родителите на Васовиќ не биле во партизани: таткото Живојин, даночен чиновник, во 1942 бил заробеник на Германците, а мајката Јелка, моминско Лаушевиќ, домаќинка, ги пораснала осумте деца. Никаков проблем од политичка природа немал ниту еден од браќата Васовиќ. Разговарав за Васовиќ овие денови со Владица Ковачевиќ, негов соиграч од Партизан и од репрезентацијата: вели дека Васовиќ бил музички најобразован во својата генерација, страшна измама е дека не знаел кој е Џон Ленон. Разговарав, долго, и со вдовицата на Васовиќ, глумицата Бранкица Зориќ Васовиќ: за своите девери кажува дека биле примерни во секоја смисла и апсолутно моногамни. Сите деца од сиромашната куќа на Васовиќи, тие осуммина, завршиле факултети, Васке бил правник, адвокат. Ми кажа дека никаков Џим Шепард никогаш не разговарал со Васовиќ. Инсинуацијата за љубовна врска со нечија жена за кого било од тројцата негови браќа ја нарече гнасна подлост. Татко му на Васовиќ не можел да му пишува на син му во 1966, зашто умрел тринаесет години порано, во 1953! Измислицата со изопштувањето на братот во земјоделската задруга е главород на Џим Шепард. Минатата година за Васовиќ разговарав и со Фахрудин Јусуфи и со Мирослав Раде, негови соиграчи од Партизан: двајцата ја негираат приказната на Шепард. Таа, признавам, ме вознемирува еве веќе десет години. Зашто, Васовиќ во мојот живот е важна појава, моето растење без него би било пустина. Џим Шепард својата приказна ја објави една година по смртта на Велибор Васовиќ. Така се осигури Васовиќ да не му се јави и да не му каже дека не играл ниедна од оние натпревари против Ливерпул. И дека до белградскиот аеродром не може да се стигне со воз, зашто нема пруга. И дека во три квадратни метри не може да собере ниедна крава, ниту во толкав простор можат фудбал да играат шест-седум момчиња. И да не го побара можеби (можеби!) во својство на правник и бранител на својот живот и своите спомени.

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото