Универзалноста на бакнувањето

02.06.2023 01:38
Универзалноста на бакнувањето

Новите истражувања покажуваат дека историските докази за бакнувањето досегнуваат 4 500 години во минатото, односно повеќе од илјада години порано од она што се сметаше досега. Научниците Троелс Панк Арбол и Софи Лунд Расмусен неодамна објавија статија во угледното списание Nature.

Врз основа на прочување записи со клинесто писмо на глинени плочки тврдат дека бакнежите биле вообичаени во древна Месопотамија, односно на териториите на денешните Ирак и Сирија. Бакнувањето уште тогаш било дел од интимноста на брачните парови и изразувањето сексуална желба на невенчаните лица, но и знак на несексуална наклонетост. Истражувањето е значајно затоа што претходните најстари докази за бакнувањето беа индиски манускрипти од Бронзената доба. Уште позначаен е фактот дека, иако и досега се сметаше дека бакнувањето било распространето во повеќе човечки општества, доминантен став беше дека не станува збор за универзално, туку културално условено однесување.

„До денешен ден се сочувани илјадници глинени плочки кои содржат јасни примери дека бакнувањето се сметало за дел од романтичната интима, исто како што било дел од пријателствата и односите помеѓу членовите на семејствата. Значи, бакнувањето не треба да се гледа како обичај кој настанал на одредена територија, туку се чини дека е практикувано во бројни антички култури повеќе илјади години“, за британски Гардијан изјави Панк Арбол, стручњак за историја на месопотамската медицина од Универзитетот во Копенхаген.

Интересно е што досегашните истражувања покажуваат и дека пријателското или роднинското бакнување е сеприсутно без оглед на историскиот период или географскиот регион, а романтично-сексуалните бакнежи доминираат во стратифицираните општества. Сепак, тезата дека се работи за еволуциски условено однесување ја потврдува и фактот дека бакнувањето го практикуваат и приматите како што се шимпанзата и бонобоите. Станува збор за животински видови кои се најблиски роднини на човекот и кои подеднакво ги користат бакнежите и во сексуални и платонски цели, односно за да ги регулираат друштвените односи.

Некои научници претпоставуваат дека бакнувањето го применувале и неандерталците пред повеќе од 100 000 години. Меѓутоа, Панк Арбол и Лунд Расмусен укажуваат дека со бакнувањето се ширеле и патогените како што е вирусот херпекс симплекс (ХСВ-1) или бактеријата дифтерија.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Polly Verity

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото