Репресија и голема сила

05.06.2023 00:58
Репресија и голема сила

Реџеп Таип Ердоган со добиени 52,18 проценти од гласовите победи во вториот круг на турските претседателски избори одржани на 28 мај и влезе во третата деценија од своето владеење - на власт дојде уште во 2003 година како премиер. Кандидатот на здружената опозиција Кемал Киличдароглу од кемалистичката ЦХП освои 47,82 проценти, а изборите ги карактеризираше како „нејнечесни“. Ердоган во победата го впрегна целиот државен апарат, а контролира и најголем дел од медиумите во земјата. Извештаите велат дека јавната телевизија ТРТ во текот на април емитувала 32 часа од настапите на Ердоган, а од настапите на Киличдароглу само триесетина минути. И покрај оваа нерамноправност, заради својот неуспех Киличдароглу се соочува со остри критики од своите следбеници. Имено, земјата се наоѓа во голема економска криза, инфлацијата во октомври 2022 година изнесуваше 85 проценти, а многу луѓе беа гневни заради неадекватната реакција на разорниот земјотрес во кој загинаа 50 000 луѓе. Накратко, тоа беше најдобрата шанса опозицијата да го смени Ердоган и неговата конзервативно-популистичка АКП. Самиот Киличардоглу, промислен политичар чии настапи беа умерени, одредено време водеше на анкетите. Но можеби од глава му се одби инсистирањето на сопствена кандидатура - истражувањата покажаа дека градоначалниците на ЦХП на Истанбул, Екрем Имамоглу и Анкара, Мансур Јаваш имаат повеќе шанси за победа (додуша, првиов судски е осуден заради навредување државни службеници со цел да се спречи во кандидатурата). А помеѓу двата изборни круга почна да кокетира со железна тупаница, што е тешко помирливо со истовремениот премолчен сојуз со прокурдскиот блок.

Последиците од победата на Ердоган најгрубо ќе ги почувствуваат ЛГБТ популацијата и сите жени во Турција. Имено, турскиот претседател сè повеќе манипулира ширејќи нетрпеливост помеѓу сексуалните малцинства. На парламентарните избори на 14 мај беше избран најдесничарскиот и најмизогин парламент во турската историја, а во партискиот блок на Ердоган се наоѓаат и ултраконзервативните застапници на родовата сегрегација во училиштата и државните служби, како и укинувањето на законот против насилство врз жените. Во 2021 година Турција се повлече од Истанбулската конвенција, а минатата година организацијата која се бори против фемицидот беше осудена за противморално и противзаконско дејствување. Репресијата ќе продолжи и кон Курдите, како и цивилното општество и сите либерални и лево ориентирани граѓани на Турција воопшто. Историчарот Сонер Чагаптај во списанието Forein Affairs предвидува дека овој мандат на Ердоган ќе го доврши преминот од она што се нарекува „либерална демократија“ кон автократија од путинов тип.

Судејќи според сè, надворешнополитичкиот Ердоган ќе го продолжи балансирањето, позиционирањето на Турција како сè понезависна голема сила, па и оддалечувањето од Западот. Иако одржува блиски односи со Москва, кои очигледно ќе продолжат, заради стратешкото значење Турција се толерира како членка на НАТО. Војната во Украина на Анкара ѝ отвори широки можности за јакнење на своето влијание - што се гледа и по тоа што на Ердоган побрзаа да му честитаат Путин, Бајден и Макрон - преку посредување на Киев и Москва и преку проекција на моќта на Кавказот и другите области во кои Русија веќе нема доволен капацитет. Зависно од преговорите со Асад можно е и продолжување на операциите во Сирија против тамошните Курди. Турција сè почесто би можела макар и реторички да зазема конфронтациски став кон источномедитеранските членки на Европската унија, значи Грција и Кипар. Повторно би можела да ја уценува ЕУ и преку прашањето со бегалците. Иако Анкара и досега беше исклучително тежок партнер, таа би можела да станува сè понепријатна за западот.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.portalnovosti.com/