Да не бидеме наивни

05.06.2023 12:44
Да не бидеме наивни

 

Пренесено од Дојче веле

Сведоци сме на драматични настани во регионот, кои се производ на глобалната геостратешка криза. Прекршувањето на копјата помеѓу Русија и „западот“, повторно, во значаен дел, се одвива преку Балканот. Во обид да го стабилизираат регионот, да спречат понатамошни ескалации и проблеми, НАТО и ЕУ се во (релативно) координиран обид да ја забрзаат евроинтеграцијата на земјите-кандидати. Од друга страна, во обид да им создаде дополнителни проблеми, и да одвлече димпломатски и други ресурси од главното воено поле, и да ги држи зафатени, Русија се обидува да го спречи овој процес. Во оваа борба на дипломатско-воени светски сили, кога се случуваат децениски поместувања или се отвораат единствени шанси, работа на нашите политички елити е да ги препознаат тие текови и да ги искористат сите можности кои за нас се кријат во овие глобални настани. Во време на вакви тектонски поместувања, не смееме да си дозволиме да бидеме наивни или емотивни, туку напротив, рационално, би рекол и себично, да ги искористиме сите шанси кои ни се на располагање.

Нашето залажување

Прво, наивно е да мислиме дека ние ќе се заинаетиме, ќе се „вкопаме во ров“, и САД или ЕУ ќе престанат да притискаат за забрзана евроинтеграција. Тоа е за нив веќе безбедносно прашање, што значи ѓаволот ја однесе шегата. Оттаму, особено за САД, кои во Европа гледаат нова фронт-линија на втора Студена војна во најава, нема зошто да очекуваме било какво разбирање или симпатија за нашите романтични емоции или национално-етнички фрустрации. Досега, нашите евроинтеграции беа само прашање на наша иднина и меѓународен принципиелен стратешки интерес, но сега е веќе прашање и на нивна безбедност – тука нема ракавици. Затоа, да не се залажуваме дека некој нас ќе не разбере или ќе ни попушта. За ЕУ, пак, ова е можност за пробив кон евроинтеграциите кои веќе подолго време се заглавени во европската сопствена интроспектива. Ескалацијата на оваа тема на безбедносно ниво е можност за забрзување на тој пат, без премногу гледање во детали – што за нас, знаејќи го нашиот капацитет за испорака, е исклучително добра вест. Затоа, немаме луксуз кон оваа можност да се поставуваме лаконски или со ситни локално-политички калкулации.

Понатаму, наивно е да очекуваме подобар европски предлог, различна рамка или било какво подобрување на условите за членство во иднина, и покрај засилениот интерес на ЕУ за регионот. Во оваа фаза, сметам дека единствена можност повторно да „преговараме“ за Преговарачката рамка, е еднострано да ги прекинеме преговорите (што мислам дека би бил гамбит од епски размери), но некои велат дека рамката може да се смени и без таков радикален чекор. Но, што со тоа? Рамката, ако се менува, нема да се отвори само за нашите забелешки, туку по автоматизам, и за нови барања од Бугарија. Имајќи предвид колку тешко дојдовме до ова решение, страв ми е дека ново отворање на тој пакет, би било само идеален нов изговор за Бугарија повторно да не блокира. Дополнително, рамката не е полица на супермаркет: ова ми се допаѓа и ќе го земам, а ова не. Таа е токму пакет од решенија, некои слатки, некои горчливи, за сите страни. Оттаму, избегнување на некоја обврска (како измените на Уставот), сигурно ќе донесе нова контра-отстапка, која можеби ќе биде уште потешка, зашто решението ќе мора да се балансира. Затоа, не треба да негуваме илузии дека одбивањето на овој пакет би донело подобра понуда.

Стравот од бугаризација

Потоа, сметам дека особено е наивно, па дури и опасно, да правиме паралела меѓу процесот на измени на Уставот, и стравот од бугаризацијата преку издавањето бугарски пасоши на македонски државјани. Да сме на јасно: првото е политичко барање на земја членка поврзано со членството во ЕУ (го сметале ние фер или не), а второто е индивидуална одлука на македонски граѓани за решавање на сопствената економска состојба. Тие два процеса не се поврзани, бидејќи првото е ново барање, а претходното се одвива најмалку две децении, и секој обид да се поврзат, не носи на територијата на параноја. Внесувањето „делови од бугарскиот народ“ како синтагма во Уставот, точно се однесува на оние македонски граѓани кои овде, во Македонија, се декларираат како Бугари, а тие се во моментот 3,500 на број, и ништо повеќе. Со други зборови, нема никаков доказ или логика, дека оние наводни стотици илјади македонски граѓани кои земале бугарско државјанство, овде би се изјасниле како Бугари. Тие земале пасош од економски побуди, како што многу бугарски државјани земале, на пример, германски пасош од истите економски побуди, пред Бугарија да стане членка на ЕУ. Не очекуваме, белким, дека тие Бугари, се декларираат како Германци дома, во Бугарија? Односно, ако Македонците кои земале бугарско државјанство, одлучат да се декларираат како Бугари во Македонија, неменувањето на Уставот тоа не може да го спречи. Односот на Бугарија кон нив не е меродавен, туку само нивниот однос кон сопствената држава. На крајот, многу едноставно, ако бугарските пасоши нè плашат, треба да знаеме: што подолго сме вон ЕУ, тоа повеќе бугарски државјанства ќе има. Што побрзо влеземе во ЕУ, толку побрзо тие ќе станат излишни.

Но, сосема на крајот, најмногу е лаконски да одбиеме тежок пат кон ЕУ, без прецизен план Б. Тоа одбивање не може да се прави без јасна визија за тоа како понатаму, а особено не со апстрактни најави, национална мистика или политичко инуендо – алтернативата мора да биде прецизна и конкретна, за да знаеме кои ни се опциите. Во ваков суштински геостратешки амбиент, стратегијата „ние сега да си одбиеме, па после ќе му ја мислиме“ е едноставно… премногу наивна.

Слики: Kaye Blegvad

ОкоБоли главаВицФото