Принцот на поезијата врз проклета почва

08.02.2011 14:44
Bранко Миљковиќ

Читајте ги песните на Бранко Миљковиќ! Овој натпис, отпечатен на бел лист А4 формат и залепен на вратите на антикварницата „Јесенски и Турк“ во Прерадовиќевата улица во Загреб е единствениот видлив потсетник дека се ближи датумот кој ќе ја означи педесетгодишнината од смртта на големиот, еден од најголемите јужнословенски поети. Авторот на некои од најубавите и најцитираните стихови од животот се испиша во ноќта меѓу 11 и 12 февруари 1961 година, во 27 година од младоста. Се обеси на една ниска врба на Ксавер, но неговиот глас не стивна во смртниот час. Над Загреб остана одекот на стиховите „Среќен е оној кој својата песна нема да ја плати со главата“ и „Конечно сум доволно мртов за ништо да не ме боли / Дрвото се наведнува над заборавот нема што да се сака / Нека никне цвеќе од проклетата почва...“

Во „проклетата почва“ веднаш по неговата смрт корен фати приказната дека поетот Бранко Миљковиќ го убиле двајца агенти на Удба, кои со цел да ја извршат оваа мрачна задача дошле од Белград. Ова во својата книга „Хрватскиот Орфеј“ го забележува и писателот Златко Томичиќ, притоа пишувајќи дека неговата мајка била Хрватка од Задар, па неретко тој знаел да провоцира тврдејќи дека е усташка.

И Тито го сакаше

Втората теорија за самоубиството на Миљковиќ зборува дека поетот смртно бил ранет од невозвратена љубов, а во прилог на ова пријателот на поетот Петар Џаџиќ го објави последното писмо на Миљковиќ во кое пишува: „Без Неа јас сум целосно и директно изложен на космичката бесмислица и на ноќта. Сега мојата осаменост е апсолутна. За мене не постои област на чисто значење и пеење. Сега моите песни ја бараат мојата глава.“

На книжевното небо Миљковиќ официјално се појави во 1957 година, со збирката поезија „Залудно ја будам“. Велиме официјално, зашто и пред првата објавена збирка Миљковиќ беше присутен со своите песни, кои наизуст ги кажуваше белградската младина. Неговата популарност прв ја забележа Оскар Давичо, кои пет песни на Бранко објави во угледното списание „Дело“, каде службуваше како главен и одговорен уредник.

Кога конечно беше објавена првата збирка на Миљковиќ, веднаш беше јасно дека неговата ѕвезда сјае посилно и поинакво од другите од неговата генерација. Критиката го нарече принц на поезијата, со полно право вклучувајќи го во редот на големи поети. Стиховите на Миљковиќ, тврдат сведоците на времето, не ги кажуваа само вљубениците во поезијата и уметничките души – како смола се лепеа за секој кој ќе ги допреше.

Во еден од своите есеи писателот Мирко Ковач ќе напише дека во тоа време се зборувало дека и самиот Јосип Броз Тито сака да го (ре)цитира најпознатиот стих на Миљковиќ: „Дали слободата ќе умее да пее онака како што потчинетите пееја за неа“. Овој стих, ќе напише Ковач, „ги осветлуваше лицата на разочараните од тогашната недоволна слобода, како што со својата острина предизвикуваше воодушевување кај барем оној мал поинтелигентен слој во политичките тврдини на комунистичкиот свет“.

Недораснатите книжевни современици Миљковиќ ќе го наречат режимски поет, а како повод ќе им послужат неколку слаби родољубиви стихови, односно неговата „Песна за Тито“, но поетскиот гениј не успеаја да му го оспорат. Како еден од главните адути за тезата дека станува збор за човек на режимот, неговите противници едвај дочекаа да го искористат аргументот дека поетот во 1960 година, една година пред смртта, ја доби престижната Октомвриска награда на Белград, дотогаш резервирана исклучиво за режимските писатели. Мирко Ковач, пак, забележува дека тоа беше преседан во културната политика и начинот на вреднување на поезијата. Всушност, ниту на режимските догматичари не им беше мило што проблематичниот поет го гледаат овенчан со октомврискиот венец. Сметаа, се присетува Ковач, дека тоа е „прво кобно поместување во бегството оф социјалистичките критериуми“.

За живее југословенскиот мрак!

Додека едните го величеа, а другите настојуваа да го фрлат во кал, поетот сè посилно се оддаваше на боемските пороци. Утрата ги дочекуваше во белградските кафеани, без да се стеснува ги соблазнуваше слугите на режимот со изјави кои се толкувани како антирежимски. Од тоа време ќе остане забележан и податокот дека Бранко во милоста на Кралот алкохол не баш малку пати знаеше да испровоцира тепачки, во кои речиси редовно го извлекуваше подебелиот крај.

– Да живее југословенскиот мрак! – во една пригода викна на Теразије, симнувајќи ја од главата својата црна шапка, а овој инцидент брзо се расчу на местото кое дознава сè. Поетот малку по малку паѓаше во немилост кај важните луѓе, но тешко дека тоа можеше да му биде важно. Тој веќе се наоѓаше на патот резервиран само за оние кои ќе се најдат во посебната милост на музите и боговите на поезијата – на патот кон вечноста.

Од Ниш, каде што е роден на 29 јануари, патот преку Белград на крајот во 1960 година го однесе во Загреб. Го чекаше работа како уредник во редакцијата за култура во Радио Загреб. Во Загреб Миљковиќ со Бранко В. Радичевиќ разговараше за белградското списание „Дуга“, а во тој разговор рече дека се одрекува од своите стихови и сите награди кои ги добил, вклучително и онаа највредната – Октомвриската. До денешен ден ќе остане неразјаснето зошто го направи тоа: заради оние кои му се потсмеваа и го нарекуваа режимски писател или станува збор за некои сосема други причини.

Миљковиќ ќе го продолжи својот боемски живот и во Загреб, а гласиштата со проблематична веродостојност – исто толку проблематични како и оние што во својата книга ги запиша Златко Томичиќ – зборуваат дека во загрепските кафеани сакал да провоцира истакнувајќи го своето српство. Сигурно е дека го сакал пијалакот и женското друштво, во кое наводно се наоѓал кобната ноќ меѓу 11 и 12 февруари. Друштвото го напуштил со објаснување дека мора да се најде со некого, а потоа се упатил кон Ксавер, каде што вечноста го чекала. На таа средба писателката Ирена Вркљан ќе ги посвети следниве стихови: „И дрвото рече немој / Утро мое бело...“

Како епитаф зад Миљковиќ остана стихот од збирката песни „Извор на надежта“: „Ме уби пресилниот збор“.

Во продолжение ја објавуваме позната песна на Миљковиќ „Залудно ја будам“

Залудно ја будам

Ја будам
заради сонцето кое се објаснува себеси преку растенијата
заради небото распнато меѓу прстите
ја будам
заради зборовите кои го печат грлото
со ушите ја љубам
треба да се оди до крајот на светот
и да се најде роса врз тревата
ја будам заради далечните нешта
кои личат на овдешните
заради луѓето
кои без чела и имиња минуваат по улицата
заради анонимните зборови, плоштади
ја будам
заради мануфактурните пејзажи, заради јавните паркови ја будам
заради оваа наша планета која можеби
ќе биде мина на раскрвавеното небо
заради насмевката во каменот
на другарите заспани меѓу две битки
кога небото веќе не беше голем кафез за птици
туку аеродром
мојата љубов полна со другите е дел на зората што ја будам
ја будам
иако тоа е позалудно отколку да се повикува птица засекогаш слетана
сигурно рекла: нека ме бара и нека види дека ме нема
таа жена со раце на дете, која ја сакам
тоа дете што заспало без да ги избрише солзите кое го будам
залудно, залудно, залудно
залудно ја будам
зашто ќе се разбуди поинаква и нова
залудно ја будам
зашто нејзината уста не ќе може да и` каже
залудно ја будам
ти знаеш, водата тече, но ништо не кажува
залудно ја будам
на изгубеното име треба да се вети нечие лице во песокот

Ако не е така отсечете ми ги рацете
и претворете ме во камен.


Извор: novossti.com

ОкоБоли главаВицФото