
„Ние“, Ана Стојаноска, „Арс Либрис“
„Тој не е за тебе“, гласот му се пробиваше низ попладнето. „Зошто“, не успеав да го изговорам прашањето докрај зашто ме прекина и пред да ја дозатворам устата во обид да го формулирам прашањето.„Едноставно e помал од тебе дванаесет години“. „Да беше обратно немаше да биде проблем“, одговарам додека отпивам од кафето. „Да, да беше обратно може немаше да биде. Ама ние не сме во Њујорк, во Скопје сме и тука сѐ е поинаку“. Пак го држеше својот аргумент посилно од сите други оправданија. Седиме наутро во неговата канцеларија, додека имавме време да се видиме меѓу сите негови и мои патувања. Оливер, мојот издавач, повеќе другар од издавач, решен дека секогаш е најважно јас да сум сакана и среќна, решен да ми докаже дека постои љубов, како што ја има тој со жена му веќе петнаесет години. Не знам зошто се обидувам да се оправдам иако никогаш не се правдам за сопствените постапки. Сепак имам доверба во Оливер. Предобрo ме познава сите овие десетина години, откако првпат влегов во неговата канцеларија и му реков дека имам книга што него ќе го направи богат, а мене позната писателка. Заедно студиравме, меѓутоа тој никогаш не пишуваше, благодарение на некое наследство отвори издавачка куќа и мала привлечна книжарница во центарот на градот. Пиејќи го нашето традиционално понеделничко кафе, наутро пред тој да почне со работа, место за новата книга, разговорот го почна со коментарот за разликата во години меѓу мене и Марко. Причина беше тоа што нѐ виде претходната вечер низ град и сметаше дека има право да ми каже мислење. Не беше само мој другар и издавач, во некои побогати земји ќе беше и мојот промотивен агент. Секогаш мислеше на тоа каде треба да дадам интервју, на кој настан да се појавам.Се грижеше за мене. И неговите аргументи сега беа дека тоа не е сликата што сакам да ја имам во јавност. „Знаеш дека Скопје е село, ќе почнат сите да зборуваат.И, да, знам дека тебе уво те боли за тоа, ама мене ме боли, зашто си читана и купувана писателка, мисли на тоа“. Се насмеав толку гласно што келнерот се сврти кон мене во обид да открие што е толку смешно во девет наутро во понеделник, меѓу неговите единствени гости. „Немој да се смееш“, продолжи Оливер, едноставно, тој не е за тебе.
„Оли, не треба ти да го кажуваш тоа. Го знаеш тоа? Мое е. Мој живот. Ќе правам што сакам. А Марко ме сака и јас го сакам. Тоа е.“
Ме гледаше со негодување, не сакаше да ми се спротивставува, затоа само дополни „Знам дека нема да ме послушаш, само размисли“. Немаше што да размислувам. Во овие три месеци колку што бевме заедно јас повторно се открив себеси, и како жена и како писателка. Мојот нов роман стигнуваше за многу брзо, можев да работам и да бидам поактивна отколку порано. Тоа што Марко и јас бевме заедно, за мене беше благослов, ако може да кажам така. Знаев дека нѐ гледаат чудно кога сме заедно. Не дека се забележуваше многу таа разлика. Сепак, за моите години изгледав одлично, колку и тоа вака напишано да звучи глупаво. Меѓутоа, забележував погледи по улица кога се држевме за рака или кога се бакнувавме.Некогаш и јас размислував за тоа, колку и да не ми беше важно. Јас сум го родила моето дете, кога тој завршил средно училиште, јас сум поминала и брак и кариера, тој сега почнува.Знаев дека кога ќе бидеме постари тоа нема да се забележува толку многу, меѓутоа сега се гледаше. И знаев дека девојките на негова возраст и помали беа љубоморни кога ќе нѐ видеа заедно. Марко е убав маж. Од тие што сите ќе ги забележат каде и да влезат. Висок речиси 190 сантиметри, сјајни сини очи, убаво граден, со светлокостенлива коса. И секогаш свесен за својата убавина. Затоа и можеби постојано флертуваше наоколу. Му се смеев дека е предвидлив со своето однесување, иако ме боцкаше понекогаш малку љубомора, што ако не сум му доволна. Што ако се вљуби во друга? Што ако ме остави и мене како неговата поранешна девојка? Да, смешно е да се мисли за тоа. Посебно од позиција на жена што поминала многу нешта низ животот. Меѓутоа, јас се променив во однос на него. Имав чувство дека летам, лебдам, дека нема ништо тешко, дури ни некои тековни домашни проблеми. Доволно беше што јас и тој бевме заедно. Не дека немавме проблеми. Седејќи сега вака со Оливер сите тие прашања затскриени од мене самата си го наоѓаа излезот во свеста и се осветлуваа додавајќи уште некои нови потпрашања.
„Овириyм помеѓу светови“, Агрон Усеини, „Паблишер“
Тајниот храм на знаењето беше името на домот во кој живееше Токсис. Храм кој беше засолниште за Другите, оние со прекар Оракула, но храмот беше дом и за воините на кои им прошло времето за борба. Засолниште за оние кои боговите на војната повеќе не ги сакаа.Тајно засолниште и за жената која се сметаше за семоќна, со очи кои гледаа низ повеќе светови, со раце кои можеа да стопат и железо. Се веруваше дека Оракулата е допрена од раката на божицата Хоринеа.
Верување кое беше преплетено во сечиј живот на оваа планета.Легендата за божицата Хоринеа, муза опејувана во песните, замислена убавина по која безумно трагаа... Легенда која имаше мала вредност за Алена, таканаречената Оракула, облечена во епитетите на божицата, а крунисана со неверие кон сѐ она коешто во себе го носеше називот Бог. Алена веруваше само во она кое нејзините очи можеа да го посведочат... А пишаните легенди не беа дел од тоа.
***
Токсис ѝ ја чешлаше долгата коса на Алена. Ѝ беше токму до половината на четиринаесетгодишното тело кое изгледаше многу позрело и повисоко за своите години. Додека Токсис внимателно ја чешлаше, Алена во рацете држеше пергамент кој ѝ беше подарок од Првосвештеничката Викторија, жена на седумдесет години, наследничка на претходната првосвештеничка на Тајниот храм. Молчалива, трпелива и понизна кон своите обреди, Викторија не можеше да не се чувствува почестена од фактот што во храмот повторно зачекори таа, семоќната Оракула. Пергаментот на себе имаше цртеж од престолнина за која се веруваше дека е изградена за првата Оракула.Таму сѐ беше изградено според нејзина заповед – секој камен, секој столб, секој прозорец. Алена гледаше во цртежот со восхит. Се замислуваше себеси како чекори таму, визуализирајќи го просторот толку сликовито што можеше да го погледне кога ќе ги затвореше очите. Мракот за неа беше светлина која ѝ откриваше многу нешта, но не и вистината.
„Возбудена си?“, Токсис ѝ ја прекина мислата.
„За вечерва? Не“ одговори Алена, муртејќи се.
„Е па, јас сум. И ти ќе бидеш. Камо среќа да полнев четиринаесет години“ продолжи Токсис.
„Камо среќа да бев нормална. Камо среќа да бев една од воините. Камо среќа мајка ми ...“ Алена очигледно беше нерасположена за настанот што ѝ го подготвуваа. Токсис престана да ја чешла, ја фати за рамената и ја сврти кон себеси. Седеа во големата соба на Алена од чија врата се излегуваше во градината од храмот.
„Мајка ти е со тебе, секогаш. Знаеш“ погледна кон Офидиа која беше замоткана во клопче и лежеше во нејзиното легло веднаш до креветот на Алена.
„Знам. И таа знае, исто така. И слуша во моментов, само се прави дека спие. Но понекогаш, кога ќе ја видам Селија како секој ден го минува со мајка ѝ, ух, во тој момент, а и сега, во мене се крши нешто.“ Селија ѝ беше најблиска и неразделна другарка на Алена, две години постара од неа.
„А јас што сум?Јас сум тука да ти бидам мајка, сестра, другарка, баба, што и да посакаш. Знаеш дека ти за мене не си само Оракула. Не сакам веќе да го кажувам тој прекар“, Токсис се смурти, а Алена почна да се кикоти.
„Да, навистина, преку глава ми е. Не би сакала да ме чуе некој, ама“, го стиши гласот, „не сакам сите да ми се поклонуваат. Види ги што прават!Подготвуваат цела церемонија, а јас само сакам да си седам во удобната тишина на одајава и да не излезам оттука“ негодуваше Алена.
Претходните извадоци на романите во конкуренција за наградата „Роман на годината“ од 2022 можете да ги најдете овде.