Колку е стара микропластиката во Тихиот океан?

13.06.2023 12:23
Колку е стара микропластиката во Тихиот океан?

Последниве години бројни научници се занимаваа со проценки за количината микропластика во океаните, но колку всушност се стари овие честички?

Одговорот на ова прашање ни го донесуваат истражувачите од Универзитетот Кјушу од Јапонија и хемиската корпорација Асахи Касеи. Тие го анализирале нивото на оксидација на пластиката на северот од Тихиот океан, а во комплексните пресметки ги вклучиле и факторите на животната средина како што се изложеноста на ултравиолетовите зраци и температурата.

Заклучиле дека староста на микропластиката во површинските слоеви на водата во крајбрежните подрачја се движи од нула до пет години, додека во малку пооддалечените региони микропластиката е стара помеѓу една и три години. Примероците ги собирале на оддалеченост од десет до осумдесет километри од јапонскиот брег, а потоа и од средината на северниот Пацифик и Филипинското море.

„Претпоставуваме дека причина за староста на крајбрежната пластика од нула до пет години е тоа што честичките често се таложат на брегот па така 'преживуваат' подолго“, изјави Рие Окубо, коавтор на истражувањето.

Таа додаде дека на микропластиката од подалечните делови од океанот ѝ треба подолго за да пристигне таму. „Згора на сè, таа најверојатно тоне подлабоко во водата“. Со потонувањето на микропластиката се објаснува отсуството на постари микропластични честички во зоните кои се наоѓаат на поголема оддалеченост од крајбрежјето.

Во претходната студија од 2021 година, Универзитетот Кјушу процени дека на површината на океанот плутаат 24,4 илјади милијарди парчиња микропластика.

„Меѓутоа, сè уште знаеме малку за нејзиното влијание врз животната средина и живите битија“, рече професорот Ацуико Исоба. „Уште едно големо прашање е колку долго плови микропластиката по океанот.“

Проблемот со пластичниот отпад станува сè посериозен и се прогнозира дека неговите количини ќе се зголемат тројно до 2060 година.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.eurekalert.org/

ОкоБоли главаВицФото