Клатат златна врата, јадат мрсна плата

14.06.2023 23:17
Клатат златна врата, јадат мрсна плата

Се тресеше гората, ама ни глувче не се роди и карванот замина, а само кучињата останаа да лаат. Ова е епилогот на најбесрамното покачување на функционерските плати, откако со претставка до Уставниот суд, на 21 март беше укината замрзнатата основица, па тие пораснаа за фантастични 78 отсто. Актот почна со наводна изненаденост на функционерите од одлуката на Судот, па дел од министрите се снебиваа дека не е во ред среде економска, енергетска и каква ти не криза тие да добијат максимално покачување на месечните примања, друг дел од функционерите добија напад на благородност и најавија дека ќе го донираат покачувањето, па потоа опозицијата викна еднаш „уа“, вториот пат викна само „у“, а Владата која експресно се залета да ветува пред граѓаните дека итно ќе преземат мерки за да „ја анулираат“ одлуката на Судот, уште поекспресно замолчи откако премиерот Димитар Ковачевски со смирен глас, сталожено сите не’ поучи дека тоа е одлука на Уставниот суд, таа е конечна и мора да се почитува! Оттогаш Владата си го почитува судот, нит предлага нит менува ништо. Собранието исто така си почитува, во судовите, обвинителствата, претпријатијата, секаде каде има избрани и именувани функционери кои „строго го почитуваат законот за плати“ зашто, познато е, функционерите почитуваат закони! И наместо итна измена, се случи стандардната измама и функционерите се омрсија со платите за април и за мај, зголемени за околу уште четири минимални плати, па сега една функционерска плата изнесува колку осум минимални.

На здравје! Ним платата, нам нервозата од помислата дека 307 илјади работници во Македонија од вкупно 520 илјади вработени работат за помалку од 500 евра месечно, а за преживување на месецот во четиричлено семејство се потребни минимум 900 евра! Од нив дури 45 илјади работници земаат минимална плата од 330 евра и помалку, а со две минимални плати не е загарантирано преживувањето на семејството, иако правото на живот е внесено во Уставот. За семејство со една минимална плата, пак, е несфатливо како се снаоѓаат и како поднесуваат што децата им легнуваат гладни, а тие јадат секој втор или секој трет ден!

А функционерите, ако сакаат, можат да јадат колачи по секој оброк! Да се засладат по тешките функционерски обврски и одговорности што ја носат Македонија во Европа, како да минува низ златна врата. Оти, според нивната логика, потешко е да ја однесеш земјата во ЕУ, отколку да oбезбедиш народот да не е гладен. Евроинтеграциите се комплицирани, потребна е кондиција, здрав разум, а секако и голема саможртва, па затоа се потребни и пари за колачи.

И граѓаните, исто така, не спијат од грижа. Ама тие не се грижат за евроинтеграциите, туку за економските проблеми, за животниот стандард, ниските плати и пензии, за криминалот и корупцијата што цветаат насекаде и за зголемувањето на цените. Како што покажа најновата анкета на јавното мислење на НДИ, дури 56 отсто од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока. Речиси 40 проценти веруваат дека економската состојба, животниот стандард и висината на платите и пензиите ќе се влошат во наредните 12 месеци.

Владините политики не го даваат посакуваниот резултат за граѓаните. Во приватна форма, ако нема резултати, сопственикот не ја зголемува платата, туку дава отказ. Во државата, избирачите, односно граѓаните, не само што не можат да им дадат отказ на функционерите што не ги исполнуваат очекувањата, туку ќе продолжат и да им ја даваат покачената плата. Наместо за нови училишта, игралишта и паркови, парите ќе одат во џебовите на министрите, пратениците, градоначалниците, судиите директорите, раководителите… Никој точно не знае ниту колку функционери има, ниту колкави им се сега платите, за да се пресмета колку милиони евра месечно ни се одлеваат во нивните џебови. На истите тие што се колнат во транспарентност на „патот кон Европа“!

Слики: Pawel KUCZYNSK

Извор за текстот: Слободен печат