1015 hPa
100 %
10 °C
Скопје - Саб, 08.11.2025 00:59

Републиканците се усовршија во создавањето кризи за свртување на вниманието на јавноста од реалната криза на нашата доба и фактот дека малубројна дружина на врвот ги цеди приходите, богатството и моќта на повеќето Американци.
Да ги погледнеме лажните стравови што ги разгоруваат републиканците:
Воук
Гувернерот на Флорида и претседателски кандидат Рон Десантис објави „војна против воук културата“.
Непосредно по избрзаното лансирање на својата претседателска кампања, Десантис за Fox News изјави дека „вирусот воук во основа е форма на културален марксизам“.
Што?!
Што точно е воук? Терминот стекна популарност на почетокот на движењето Black Lives Matter во 2014 година, по убиството на Мајкл Браун во Фергусон, државата Мисури, кога многу Американци - вклучувајќи ги и белите Американци кои за првпат ги согледаа размерите на проблемот - се разбудија за реалноста на полициската бруталност кон црната заедница.
Советникот на Десантис го дефинираше терминот воук како „уверување дека во американското општество постојат системски неправди и потреба тие да се решат“.
Во право е. Сите мораме да бидеме будни.

Транс луѓе
Поранешниот претседател Доналд Трамп вели дека ако повторно биде избран во 2024 година, еден од неговите главни приоритети ќе биде „општо намалување на правата на трансродовите лица на федерално ниво“.
Последниве месеци Десантис и другите републикански гувернери потпишаа низа закони кои се на штета на трансродовите лица.
Најмалку десет држави ја забранија родово-афирмативната здравствена нега за малолетници, а уште во дваесет и една држава на маса е предлог закон за таква забрана, иако бројни студии покажуваат дека пристапот до родово -афирмативна нега го намалува ризикот од депресија и самоубиства кај транс децата.
Преку други закони на мета е грижата за родово-афирмативната здравствена нега на возрасните. Усвоени се и неколку закони за забрана на драг настапи (drag shows).
Зошто републиканските законодавци целат кон трансродовите лица како опасност за општеството? Не постојат ни најмалку докази дека транс луѓето претставуваат закана за некого.
Ваквиот напад на транс лицата служи за додворување на евангелистите. Исто така, тој е средство за насочување на огорченоста на гласачите; луѓето кои отстапуваат од пропишаните норми историски се користат за мобилизација на фашистичките движења.
.jpg)
Критичка теорија на расата
Со извршна наредба уште на првиот работен ден, гувернерот на Вирџинија, Глен Јангкин ја забрани наставата за критичка теорија на расата. Десантис и Грег Абот, гувернерот на Тексас, исто така ја забранија во училиштата.
Меѓутоа, ни во овој случај нема докази за загрозување на јавноста. Критичката теорија на расата едноставно ги подучува децата и младите за американската историја на расизмот, која треба да ја разберат за да бидат информирани граѓани.
Забраната е тактика на заплашување која ѝ се обраќа главно на белата, културално конзервативна гласачка база.

Безделници
Во борбата за зголемување на горната граница на долгот, републиканците од долниот дом на боновите за храна и социјална помош додадоа услов за вработување, тврдејќи дека има премногу „безделници“ кои уживаат државни бенефиции.
Во контекст на изјавата на Роналд Реган за таканаречените „кралици на социјалата“, митото за „безделникот“ е суров расистички сигнал. Условувањето на помошта со вработување ќе оптовари многу граѓани соочени со проблемот да најдат доволно платена работа.
Едноставен факт е дека повеќето сиромашни корисници на јавни давачки веќе работат исклучително напорно.
Освен тоа, доказите укажуваат дека условувањето на социјалната помош со вработување не доведува до долгорочно зголемување на вработеноста ниту до постабилно вработување. Повеќето луѓе кои подлежат на ова условување сè уште се сиромашни. Некои стануваат посиромашни.

Државната потрошувачка излезе од контрола
Впрочем, дискрециската потрошувачка опадна за повеќе од 40 проценти во последните 50 години како процент од БДП (од 11 проценти на 6,3).
Во последно време растечките дефицити се зголемени заради социјалното осигурување и Медикер (што можеше и да се очекува, бидејќи бумерите одат во пензија). Дефицитите исто така ги зголемува и потрошувачката за одбраната.
Но главната причина за големиот долг на САД се наоѓа во огромните намалувања на даноците за време на администрацијата на Џорџ Буш помладиот и Доналд Трамп, кои главно одеа во корист на богатите и големите корпорации - а тоа до крајот на фискалната 2023 година на долгот ќе додаде 8, односно 1,7 трилиони долари.
Републиканците во парламентот дури предлагаат да се намали финансирањето на Даночната управа, што на даночната агенција би ѝ ја отежнало истрагата на даночите затајувања на богатите и последично би го спречило намалувањето на долгот.
Сите овие таканаречени кризи ги создаде Републиканската партија. Тие се измислени.
Зошто? За да се сврти вниманието од речиси рекордниот удел во националниот приход и богатството кое сега оди кај најбогатите Американци.
Додека супер богатите и џиновските корпорации вбризгуваат пари во политиката - особено во Републиканската партија - не сакаат остатокот од Америка да забележи дека ја местат економијата во своја корист, ниту колку нивната незауздана алчност ја отежнува климатската криза и ја поткопува демократијата.
Одвраќањето на вниманието со измислени кризи е главен адут на републиканците и нивните донатори - со расизам и лаги прикриваат што всушност се случува.
Авторот е професор на Беркли и поранешен американски министер за труд.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.theguardian.com/