Фетишизмот на Пи Ар политиката

19.06.2023 01:41
Фетишизмот на Пи Ар политиката

Една од значајните одлики на современата политика е речиси непоколебливата вера во истражувањата на јавното мислење. Тие ни кажуваат каква е објективната состојба на нештата, ги корегираат нашите заблуди и нè изведуваат на вистински пат. Експертите за истражувања на јавното мислење и комуникација со јавноста преку ТВ екраните ни ги толкуваат комплексните општествени процеси и на неуките им објаснуваат зошто во политиката нешто е можно, а нешто не, како закон на физиката.

Истражувањата на јавното мислење, фокус групите и слично, наводно покажуваат какви навистина се ставовите на граѓанството, а потоа задачата на политичките партии е да ги уважат и особено да посветат внимание на сопственото „гласачко тело“. Ваквата логика на политиката е симптом за важната трансформација на политичките партии која се случи изминативе триесетина години, за што пишува политикологот Питер Меир во својата книга „Rulling the Void“.

Масовните партии од дваесеттиот век беа важни, не само како политички институции, туку во голема мера ги обликуваа и секојдневниот живот и своето членство, барајќи константен ангажман и политички активизам. Со текот на времето партиите се трансформираа во catch-all опции, а потоа и во картелски организации. Наместо масовното членство, со овие партии доминираат професионални политичари и нивните блиски медиумски консултанти.

Важен момент во овие трансформации претставува и сосема поинаквата логика на политичкото организирање и функционирање. Наместо масовното членство кое на различни места агитира, пропагира но и ја дефинира партиската програма, со текот на времето оваа обврска премина на разни експерти - тие со својата експертиза одредуваат како би требало да изгледаат партиските пораки кои се емитуваат преку масовните медиуми.

Еден од проблемите кој се појавува е тоа што партиите на тој начин му се прилагодуваат на „средниот гласач“. Ако сакате вашата порака да биде што поефикасна, треба да се прилагоди на најголем можен број луѓе. Не е случајно тоа што многу западни партии од левицата своите програми во изминативе триесетина години во голема мера ги менуваа прилагодувајќи се на пазарната логика на политиката.

Исто како и на економскиот пазар, партиите и на политичкиот пазар им се прилагодуваат на барањата на купувачите/гласачите. Па така програмата или производот би требало да се прилагодат за да бидат поконкурентни во однос на другите. Секако, во современите општества одвреме навреме е неопходно да се консултираат истражувањата на јавното мислење за да се дојде до рамковен пресек на состојбата. Но, кога политиката на актерите и клучните политички одлуки им се прилагодуваат на побарувачката на политичкиот пазар, тогаш добиваме речиси идентична понуда која се разликува само во нијанси.

Истражувањата можат да бидат само еден од аргументите кога се дефинира правецот на дејствување, но не и клучен елемент кој ги одредува програмите. Покрај тоа, голем дел од луѓето чии ставови отскокнуваат од вообичаените, остануваат настрана, додека апстиненцијата расте.

Ставовите на граѓанството се земаат како дадени и како производ на автономните размислувања на индивидуите. Сепак, почесто се работи за идеолошко обликување преку разни институции како што се школството, семејството и медиумите, па тогаш се појавува магичен круг - партиите ги промовираат оние вредности кои веќе се „всадени“ кај поединецот преку институциите на системот.

Особено важно прашање е поставувањето на агендата. Еманципаторската улога на политичките актери би била да се занимава и со оние теми и прашања од аспектот кој не е моментално доминантен, а не само да реагира и да им се прилагодува на постоечките уверувања.

Затоа е важно политиката да се врати во политичката арена, во смисла на преиспитување на темелите на поредокот во кој живееме, особено во кризни времиња кога темелите се помалку стабилни. Ако политиката се сведува на конкретни, јавни политики, ќе добиеме само локални верзии на блеристички и шредеровски партии.

Историзацијата и анализата на програмите дури и на многу западноевропски партии од пред само педесетина години, покажуваат дека ние денес не сме осудени на јалова центристичка политика која од изборен циклус до изборен циклус во прв план става нов кул технократ со шарени чорапи.

Масовната едукација на членството, политичката субјективизација на оние чиј глас не се слуша и враќањето на довербата во понепосреден политички ангажман се долгорочен и напорен труд кој не се фокусира само на четиригодишниот изборен циклус. Но, без таков ангажман со нашите општества ќе владејат дежурните аналитичари на јавното мислење и предупредувачите за растот на популизмот.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Ryan Struck

Извор: https://www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото