Пенал врз Шеки

21.06.2023 23:23
Пенал врз Шеки

Драгослав Шекуларац

Кога левиот крилен од среден ред Мирослав Реде ја заврши својата приказна за Шекуларац, збор зеде центархалфот Драган Милановиќ.

Шеки првпат го видов во живо 1961, датумот е 19, а месецот единаесетти. Како јуниор на Динамо, бев еден од собирачите на топки на Максимир, на натпреварот Југославија-Австрија. Ме распоредија покрај аут линијата. И меѓу играчите го гледам Шекуларац. Како нам собирачите некој бог од небото да ни слегол на игралиштето, така го гледаме. Ја сум онаа гнерација на која митската мантра ѝ беше Беара-Станковиќ-Црнковиќ-Чајковски-Хорват-Бошков-Огњанов-Митиќ-Вукас-Бобек-Зебец. Целото детство мене тоа ми беше песна низ сите годишни времиња. Е потоа доаѓаат Милутновиќ-Шекуларац-Јерковиќ-Галиќ-Костиќ. Овие последниве се исто така митски, но мене ми се падна не само да ги видам, не само да ги гледам и да им ја дофрлам топката кога ќе излезе надвор од игралиштето, туку и да играм против нив! Значи, Шекуларац игра против Австрија и ние ја победуваме Австрија, два еден за нас, двата гола за Југославија ги даде Дражан Јерковиќ. Сите ние момчињата, кои тогаш ги видовме тие големи играчи, сме маѓепсани со тоа што сме ги виделе одблизу. Му ја враќаш топката на Шошкиќ, а тој ја дофрла преку центарот, му ја додаваш на Васовиќ, тој изведува аут, пред тебе на пет метри излегува Галиќ, а влегува Мујиќ, ало. Сметаш како самиот ти да играш со нив, тоа на детството му дава повисока смисла.

Поминаа оттогаш седум години и дојде годината 1968, и во таа година денот 31. август. Јас во тие седум години од Динамо отидов во Локомотива, па од Локомотива ме зеде Загреб и тој мој добар и драг НК Загреб тој ден игра натпревар на Карабурма против ОФК Београд. И јас сум во екипата на тој Загреб центархалф, имам 22 години. Имам и двесте натпревари во втората лига, а во првата сѐ уште сум неискусен. А нападот кој против мене и моите на Карабурма треба да игра, гласи: Турудија-Милутиновиќ-Сантрач-Шекуларац-Петковиќ! Тешко нам, сите мислиме, понекој и гласно кажува. Шеки и Милош беа заминати од земјата уште пред некоја година, но се вратија, и тоа на наша мака, во ист клуб и сега треба да се игра против таа машина. Сите под око ги гледаме нив двајца, останатите немаме кога ни да ги погледнеме, ни да ги разгледаме. А јас цел во небрано грозје: треба да се договорам со себе кого од нив двајца ќе чувам, како Сантрач и самиот да не ми е доволно опасен.

Милош Милутиновиќ

Почнува натпреварот, ние држи, тие не дај, како што веќе оди. Јас сум постојано помеѓу Милош и Шеки. Милош беше поголема непознаница, непредвидлив, брз, подвижен, елегантен, сѐ знае со топката, а како игра со грб, нешто од тоа денес може да се види кај Ибрахимовиќ. Размислувам, не е трагедија дури и да ти избега Милош, па и ако изгубиш од неговата екипа, но играчите се плашат да не доживеат фијаско на отворена сцена. А Шеки светнат, ситно провоцира, дрибла и на ситно и на крупно, може секој чувар да го направи смешен. Така си оди тоа, така си е, но ние во 34 минута поведуваме со 1:0. Голот го дава нашиот единствен Киќо, односно Златко Драчиќ, какви само голови даваше Киќо, мајко моја! Три минути по нашиот гол, судијата Допуѓа од Сараево ни го исклучува десниот бек Стипе Илиќ, некоја безвезна ситуација и Илиќ лета надвор. Некаде при крајот на полувремето, Милош оди со топката и јас го фаулирам, така на триесеттина метри од голот, ништо грубо, дури ми паѓа во прегратка. Судијата свири фаул, јас станувам, му пружам рака на Милош, тој ми ја стиска десната рака, Шеки во трк со топката, дури тогаш Милош ми ја пушта раката и јас трчам по Шеки, го стигнувам во шеснаесетникот, лизгам, ја исфрлам топката во корнер, Шеки паѓа да го да го удрил трамвај, паѓа на грб, ги шири рацете, а Допуѓа свири пенал. Ви се колнам на сите, и денес и овде, дека пенал немаше, Шеки не го ни допрев. Го чувам сѐ уште извештајот за тој натпревар од Спорт, има и слика во четири слики, цела фото-студија, како лизгам и како Шеки паѓа. Под тие слики пишува: имаше пенал, ама никој не знае да падне како Шекуларац. Штом така пишува, се знае каков пенал бил. Сантрач го изведува пеналот, нашиот голем и генијален голман Мушиќ ја одбива топката, јас одбиената ја избивам во корнер. Така завршува полувремето со наша предност од 1:0.

Драгослав Шекуларац и Драган Милановиќ

Второ полувреме, на играчите од ОФК Београд им е јасно дека ќе биде тарапана ако не нѐ победат. Зашто тие уште тогаш го полнеа секој стадион, доаѓаа толпи луѓе заради Шеки и Милош. И тргнува веднаш фронтално ОФК на нас. И по пет минути тие 11 против нас 10 даваат гол. Шекуларац! Ја поткопува топката и таа над прстите на Мишиќ капнува во мрежата. И тогаш се јавува ѓаволот во Шеки: дотрчува до нашата клупа и му вели на нашиот тогашен тренер Фрањо Гласер: „Фрањо, виде ли сега како се даваат голови!“ Тоа и сега понекогаш го слушам, како го кажува тоа, луд, а голем играч Шеки! Да беше кој било друг тренер на нашата клупа, Шеки не би го ни погледнал, но тој знаеше колку беше Гласер големо име и голем голман, па на тој великан му дотрча мангупскиот великан.

По изедначувањето тргнаа офковците да гинат. Покрај Милош и Шеки, се разигра и Степановиќ. Ни даваат уште два гола, Вукашиновиќ и Сантрач, а потоа тргнуваат да танцуваат со топката, и Милош и Шеки. На крај ќе нѐ закова Степановиќ, 4:1 за нив, но и денес тврдам, да не ни беше исклучен Стипе Илиќ, ќе им беше густо, можеби нема да можеа да нѐ победат.

Помина можеби половина година, можеби малку повеќе, стигнуваме ние во Белград, ми се чини, да играме против Партизан, се сместивме во хотелот Балкан, кога, ете ти го Шеки. Го бара Драчиќ. Седнуваме на маса, а Шеки го прашува Киќо како оди со договорите таму во Јужна Америка. Вели, ме викаат од Колумбија, клубот Индепендиенте Санта Фе од Богота, да играм за нив, па не знам какви се, дали ќе ме измами газдата. А Киќо беше во Аргентина, играше за Индепендиенте од Буенос Аирес, па имаше искуство. И Киќо ги спушти вака дланките на маса и му вели на Шеки: ја гледаш оваа десна дланка, во неа ќе го земеш пенкалото и ќе го ставиш на договорот, а левата ќе ја отвориш и ќе ја испружиш кон газдата на клубот да ти даде пари истовремено додека потпишуваш, ништо на збор, на образ, парите и потписот заедно и одеднаш. Ете, како утрово да беше тоа во хотелот Балкан, спроти Москва.

Златко Драчиќ

Тоа беа моите три средби со Шекуларац додека беше играч. Јас рано престанав со играње, во најдобрите години престанав, со наполнети 26, недоразбирања со тренерот, решавам да одам во војска, па студирав, ете и дипломирав. И потоа минаа многу години, почна војна, јас престанав стварно да следам фудбал, онака по малку, со едно око, весници, телевизија, стадиони ич. И така, како претставник на Хрватската економска комора добивам позиција во Белград. И таму почнувам да се дружам со Шеки. Оваа слика, која ја сликаше мојата сопруга Тања (ми почина пред еден месец) е единствена од тие дружења. Ние не се сликавме, ние се дружевме и се смеевме и разговаравме, добро, и карти игравме, а овие денешниве главно се сликаат и се селфуваат.

Така, во Белград Шеки го гледав и седев со него повеќе во старост отколку кога бевме играчи. Во кафулето на Булеварот на револуцијата, па во Македонска, во локалот Секонд Стар. Разговаравме за минатите времиња, за големите натпревари и патувања. За славата знаеше да каже: имав слава, но немав глава за слава. Тој своите грешки ги признаваше и се каеше.

Ете, така се зближив со ловекот од кого се плашев дека на терен ќе ме направи смешен. А тој беше таков, сакаше да игра, но сакаше и да си поигрува со противникот. Затоа неговите противници дополнително се плашеа од него. Да не те направи Шеки смешен па цела Југа да раскажува за тоа, тоа на некои бекови и халфови им беше поважно отколку самите да се покажат како играчи. Јас против Шеки не испаднав смешен, не испаднав ни против големиот Милош Милутиновиќ, но мојата екипа изгуби. Ќе бев многу позадоволен, и тогаш и денес, мојот Загреб да го добиеше натпреварот, па тамам и повеќепати да испаднев смешен на утакмицата.

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото