Што ни донесе порнографијата

09.02.2011 11:54
Што ни донесе порнографијата

Порнографијата многу често се прикажува како едно од најголемите зла на денешнината и главен виновник за состојбата на моралот во нашето општество кој, според критичарите, се наоѓа на најниско ниво. И сето тоа благодарение на дигиталните камери и интернетот.

Меѓутоа, вистината е сосем поинаква – денешната порнографија е попитома од она што се случувало во минатото кога немало ни видеа ни фотографии. Многу стручњаци сметаат дека еволуцијата ги предиспонирала луѓето да уживаат во визуелното возбудување. Кога и да и’ се приближат на оваа тема, едно е сигурно, порнографските материјали за време на нашата историја укажуваат само на едно нешто – луѓето отсекогаш биле заинтересирани за секс. За многу секс.

„Сексот отсекогаш имал исклучително важна улога за човечките суштества и нивните меѓусебни врски. Што прават луѓето, кога станува збор за сексот, отсекогаш го привлекувало вниманието на другите“, смета сексологот Сет Простерман.

Самата дефиниција на порнографијата е многу субјективна зашто, на крајот на краиштата, Милоска Венера за некој е уметничко дело вредно за восхит, додека за друг може да биде сосем корисно визуелно средство за помош при самозадоволување. Меѓутоа, повеќето истражувачи порнографијата ја дефинираат како содржина наменета исклучиво за сексуално надразнување, без никаква уметничка заднина.

Ако нештата ги гледаме на тој начин, првите еротски прикази на човекот не можат да се сместат меѓу порнографијата во традиционална смисла. Пред речиси 30 000 години палеолитскиот човек во пештерите цртал слики на жени со големи гради и полни тела, но археолозите не сметаат дека овие цртежи, и бројни други дела од дрво и камен со слична тематика, биле наменети за сексуално возбудување. Многу поголема е веројатноста дека овие предмети служеле за верски обреди, или едноставно претставувале симбол за плодноста.

Ако скокнеме десетици илјади години во иднината, во античка Грција и Рим, ќе наидеме на бројни фрески и скулптури кои прикажуваат хомосексуални призори, орален и анален секс. Во Индија книгата Кама Сутра се претставувала како сексуален водич и како прирачник за одржување на врската. Народите на древно Перу сликале призори на секс на грнчарија, додека аристократијата од Јапонија во 16-от век била исклучително приврзана за еротскиот материјал кој бил насликан на дрвени блокови.

Француските револуционери биле меѓу првите кои своето незадоволство го искажувале со помош на бројни памфлети набиени со сексуална сатира на сметка на аристократијата.

На Запад, многу рани експлицитни дела имале политичка заднина и не биле исклучиво наменети за порнографска употреба, тврди Џозеф Слејд, професор на катедрата за визуелна уметност од Универзитетот во Охајо.

Раѓање на порнографијата

На почетокот на 19-от век идејата за порнографија во својот „најгол облик“ постепено почнува да се шири. Еротската сатира се печатела уште од средината на 17-от век, но првиот вистински еротски роман на англиски јазик не е објавен сè до 1748 г.

Наспроти почетната резервираност на јавноста во врска со сексот, тогашните порнографски романи оставале малку фантазија. Авторот на првиот порнографски роман „Memoirs of a Woman of Pleasure“ (Мемоари на жената на задоволството) покрил бројни сексуални пракси како групен секс, воајеризам и бисексуализам. До 1888 г. авторите за сексот пишувале со јазик кој денешните цензори би ги натерал да заплачат.

Со напредокот на технологијата напредувал и порнографскиот жанр. Во 1839 г. Луј Дагер го претставува дагеротипот, примитивен облик на фотографијата. Речиси истиот миг порнографите завладејуваат со новата технологија, а првата порнографска слика, за која денес се знае, се појавила 1846 г.

Слично се случило и со развојот на видео технологијата. До 1896 г. француските синеасти снимале многу кратки неми филмови во кои главните ликови главно изведувале стриптиз. Потврдо порно почнало да се снима од 1900 г. Овие филмови се прикажувале на исклучиво машки собирања и во споредба со денешните филмови биле прилично „невини“.

Подемот на порнографијата

Доста долго време порнографските дела стагнирале, како во содржината така и во квалитетот. Ваквата состојба на мирување е прекината во 1970 г. благодарение на бројните социјални промени кои ги отвориле вратите за јавно прикажување на филмовите со експлицитна содржина. Интернетот и дигиталните камери дополнително ги намалија постоечките пречки и овозможија создавање безброј интернет страници кои се посветени на претставување исклучиво аматерски порнографски видео снимки.

Сè поголемиот број видео изданија, како и побрзата интернет врска, го овозможија придвижувањето на рамнотежата од јавните прикажувања на порно филмовите кон повторното осамување на гледачот. Приватноста на домот на многумина им овозможи да експериментираат со својата сексуалност низ бројни филмови со фетиш тематика.

Истражувањата од 1994 г. покажаа дека речиси 48% од бараниот порнографски материјал на интернет не спаѓа во сексуалниот мејнстрим, додека само 5% е посветен на класичниот, вагинален секс. Ова делумно може да се објасни со големиот број списанија и видео снимки кои го преплавија пазарот со стандарден секс, додека, од друга страна, интернетот на луѓето им овозможи преку него да дојдат до снимки кои не им се достапни на пошироката јавност и медиумите.

Денес слободно можеме да кажеме дека порнографијата преовладува на интернет, но вистинската сила на самата индустрија во суштина е многу мизерна. Според одредени податоци кое ги презентираше списанието Adult Video News, вкупната продажба на порнографски содржини во САД во 2010 г. изнесува 10 милијарди долари, што не е некоја голема бројка ако се спореди со, на пример, увозот на играчки од Кина во вредност од над 12 милијарди долари за истата година.

Од друга страна, економски гледано, сигурно е дека овој пазар ќе расте, зашто моментално само во Калифорнија, дом на најголемите компании кои се занимаваат со порнографски содржини, во оваа индустрија работат над 12 000 луѓе, што во државнта каса слева над 36 милиони долари. Ова покажува дека иднината на филмовите за возрасни е сигурна, поради растечкиот интерес – што значи дека порнографијата постепено од споредните патишта се преместува во главната лента.

Судејќи според вртоглавиот напредок на технологијата, останува да се види колку брзо содржините за возрасни ќе го најдат својот пат до мобилните телефони и останатите уреди кои ни се наоѓаат во џебовите.

Едно истражување спроведено во 2008 г. покажа дека 87% од мажите и 37% од жените користат порнографски содржини.

Контроверзни содржини

И, на крајот, што можеме да кажеме дека порнографијата ни прави на сите нам? Ова прашање е како чепкање во осино гнездо. Додека поголемиот дел мејнстрим порнографски интернет страници не можат да се споредат со оние дистрибуирани преку разните форуми на почетокот, критичарите сметаат дека натпреварувањето меѓу бројните порнографи доведе до вербални злоупотреби на жените во филмовите кои се наменети за мажи.

„Многумина сметаат дека постојано треба да се исфрла нешто ново на пазарот, нешто интригантно кое повторно би ја заинтересирало публиката. Агресијата и деградацијата претставуваат нешто што можете да го создадете, нешто доволно поинакво и вон сите шаблони за да ја заскокотка фантазијата на корисникот“, смета Чинг Сун, професор на катедрата за истражување на медиумите на Њујоршкиот универзитет.

Анализирајќи ги најпродаваните порно филмови, Сун открил дека физичката и вербалната агресија се присутни во дури 90% од нив. Филмовите режирани од жени, наспроти општото мислење, исто така содржат вакви сцени.

Дебатите кои во својата срж ја имаат темата порнографија се актуелни стотици години, и нема да стивнат уште долго, ниту луѓето ќе престанат да бараат и гледаат порнографски содржини.

Повеќето луѓе сакаат да имаат секс, но подеднаков дел исто така сака само да го гледа, и тоа е она што индустријата го нуди денес. Бидејќи, како што кажавме на почетокот, луѓето отсекогаш биле заинтересирани за секс. Многу секс.

Извор: b92

Стрип: Мило Манара

ОкоБоли главаВицФото