Голем фудбал

28.06.2023 23:58
Голем фудбал

Андреј Старостин

Оние кои ја читале книгата на Јуриј Олеша „Тројца дебелковци“ сигурно се сеќаваат на ликот Тибул, кој другарува со оружарот Проспер. Во книгата Тибул е гимнастичар и убавец кој ги штити сиромашните, а знае да оди по челично јаже оптегнато над плоштадот со име Ѕвезда. Јуриј Олеша на филмската екипа која снимала филм според книгата ѝ кажал дека модел за ликот на Тибул му бил Андреј Старостин. А ова е еден од браќата Старостин, за кои зборувавме во претходниот број. Роден е 1906. во Москва, трет брат по старост, играч на фудбал во неколку клубови, на почетокот напаѓач, а потоа центархалф или либеро, како што некогаш и некаде се викаше. Играше најдобро и најдолго во Спартак, освои три првенства и два купа на СССР, четири години беше капитен на Спартак. Играше и за репрезентацијата на СССР, вкупно десет натпревари, сите десет против Турција, која единствена сакаше да игра со Советите (играше вкупно 15 пати) во триесеттите години. Тогаш ФИФА им забрануваше на своите членки да играат против СССР и затоа што советската екипа беше дел од Црвената спортска интернационала.

Но Андреј Старостин беше и писател. Напиша четири книги  за фудбал, секоја имаше голем тираж, две се продадени во 50 000 примероци, една во 100 000, а една со наслов „Големиот фудбал“ (Болшой футбол) во 200 000. Штетата што неговите книги ги нема на други јазици освен на руски би можела, се разбира, да се надомести единствено со нивно преведување. За мене Андреј Старостин е незаобиколен писател на книжевниот вид фудбал, во друштво на луѓе какви што се Освалдо Сориано, Едуардо Галеано, Алекс Белош, Хорхе Валдано и Пауло Пердигао. Андреј Старостин не е заштитник на сиромашните и бранител на убавината само во книгата бајки на Јуриј Олеша, туку и во секоја своја книга. Притоа, тој е и господин и отмен на единствен начин. Во книгата „Големиот фудбал“ својата деветгодишна робија во Норилск, најсеверниот голем сибирски град, не ја прикажува како робија туку како работа со играчите, како тоа да е негов избор и завет. Зашто тој таму е и тренер на екипата на Динамо од Норилск. Причината за својот престој во градот на меќави и мразови тој речиси и не ја спомнува. Но тоа не го прави за да се „самоцензурира“, не, тој тоа го прави од вродено џентлменство. Оние две-три нафрлени „типично советски фрази“ за народниот непријател тој ги испишува онака, од самоиронија, и како доказ дека неговата „работа на себе достигнала оптимум“. Други нека пишуваат за логорите однатре, Андреј Старостин е во власт на топката која му е, како што зеугматски ни кажува самиот, „во нозете и во срцето“.

Во поларната област, во градот Норилск, заробеникот на Норилаг Андреј Старостин осознава дека календарот на првенството се регулира со работа во текот на краткото лето. И дознава дека во првенството на градот учествуваат 36 сениорски екипи. Во тоа сознание некогашниот лигашки играч и советски репрезентативец запишува дека фудбалот се играл дваесет години пред стотици илјади гледачи во многу градови, но дека никако не можел да претпостави дека таа игра има толкава распространетост. И запишува: „Ете, тоа е тој, големиот фудбал!“ Играл Старостин секаде, од Сахалин до Талин, од Ужгород до Норилск и дури во овој последниов сфатил дека страст за оваа игра има насекаде колку што има и на кој било московски стадион. На првиот тренинг со норилските играчи тој гледа дека сите ја знаат неговата спортска биографија и разбира дека од него очекуваат да им покаже и да ги научи на чудесни нешта. Па горчеливо се шегува со себе: „Јас, заслужниот мајстор на спортот, играч на сборној СССР!“ На играчите постојано им повторува да не ги преувеличуваат знаењето и моќта на оние кои се прочуле по големо умеење со топката, но играчите не го разбирале, зашто „не сакале да разберат“! Во Нордилск сознава дека ткивото на фудбалските легенди е неуништливо и дека се храни од граѓата на бајките за убиствените голмански паради, за неповторливата сила на ударите по топката, со кои се кинат мрежите и се кршат стативите.

Незаборавен е описот на тренеровите настојувања да ги отстрани грешките кои ги прават неговите поларни ученици при удирањето на топката. Тој, значи, забележува дека кај повеќето играчи стоечката нога не приоѓа до висината на топката, туку останува зад неа, при што кај шутот за последица има непрецизност заради која топката оди високо над голот. Вербалната подука не помага, па мајсторот на спортот мора сам да покаже, со свои нозе. И покажува. Од гледиште на технологијата на ударите тој сѐ прави прописно и правилно, но географската ширина му причинува незгода: во мигот кога треба да удри по топката, поларниот ветер ја одвлекува топката напред, стоечката нога останува позади, а удрената топка оди превисоко. За да се оправда, тренерот потиштено им вели на играчите дека им покажал како не треба да се прави, на што некогашниот голман на репрезентацијата на СССР во ватерполо, а во Норилск голман на фудбалската екипа, стариот поларник Валериј Буре, додава: „Како не треба да се прави, дури и зад поларниот круг!“

Градот Норилск

Андреј Старостин признава дека учењето на тренерската работа му било тешко, дека немал никакво тренерско образование и дека го стекнал станувајќи тренер на момчињата од Норилск. Читајќи ја неговата искрена и чиста исповед, на читателот на ум му паѓа мислата на Сенека Помладиот од Писмата до Лукилиј дека се учи со подучување на другите (Docendo discimus). Андреј Старостин изведува цели расправи за поединечни поими, кои кој било тренер или писател едвај би ги забележал. Така, внимателно и темелно се занимава со статусот и историјата на поимот „игра на еден допир“ па покажува како многумина млади играчи знаеле да се „изгубат“ и да влезат во тешки недоумици пред тој израз, сметајќи го за „прогресивна тактика“, а не гледајќи во него само еден од тактичките елементи. Укажувајќи на тоа каква штета кај младите луѓе може да направи догматското сфаќање на нештата, Андреј Старостин се покажува како одговорен педагог и психолог, кој појавите ги гледа однатре, а не одозгора. За да стави крај на верувањето што постоело во поларните краеви дека алкохолот е добар како „лек“ и како „профилакт“, тој пред еден натпревар, откако во соблекувалната на својата екипа осетил здив на алкохол, го откажал натпреварот! И тоа функционирало, веќе ниту еден играч не доаѓа со „профилакт“.

Целата книга Болшой футбол на Андреј Старостин е исповед за постојана и непотрошлива љубов кон фудбалската игра. Се чита во еден здив, а кога ќе се дочита, се сака уште. Овде нека биде објавен дел од разговорот на тренерот со едно момче чии родители погинале во војната, а тоа, инаку навивач на Спартак, дошло да праша дали може да тренира?

- Може ли да се запишам во фудбал?
- А каде работите?
- Не работам никаде.
- Зошто?

На миг се замисли. Стана сериозен. Моќно и надмено одговори:

- Јас сум крадец.
- Како тоа крадец? Тоа Ви е занимање или потесна специјалност?
- Не. Јас по природа сум крадец. Џепчија.

Парада на стадионот на Динамо Норилск во 1945 година

Незаборавно е сѐ во таа книга, описот на брзаницата на играчите на Динамо од Норилск со тренерот, по меќава и по урагански ветер, да стасаат во спортската дворана за да слушаат радио-пренос на натпреварот кој московскиот Динамо го играл во Англија на 13. ноември 1945. и да мечтаат за тоа и самите да станат славни како Бобров.

Или ова: „Лете во Норилск е удобно: сонцето свети дваест и четири часа. Ја надоместува долгата разлика за време на поларната ноќ. На стадионот е живо. Група играчи тренираат со топка на двата гола. На трибините навивачите се расправаат со ништо помала страст отколку на источната трибина на московскиот стадион на Динамо. На синото небо црвено сонце, како јаболко на чинија. Во два часот. Мислите, во два дење? Никако. Во два ноќе. Поларни ефекти.“

Тоа е Андреј Старостин, човек со висока култура, кој стаса да го запознае Мајаковски, да се дружи со писатели и уметници, цел живот со Јуриј Олеша, а за кого Евгениј Јевтушенко рече: „Колосален е впечатокот кој го оставаа браќата Старостин, особено Андреј. Сјајно ја познаваше книжевноста. Беше тоа човек полн со достоинство. И необично убав.“

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото