1033 hPa
93 %
-3 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 03:59
Наспроти арогантниот настап на Груби, кој отворено се сомнева во капацитетите на Антикорупциската комисија и со доза на потсмев вели дека „не ги бивало“, токму ДКСК е една од ретките институции за која има позитивно мислење во последниот Извештај на Европската комисија. Но, државните институции кои треба да овозможат да се постапи според наодите на ДКСК, се „јавнати“ од власта во која ДУИ, предводена од Али Ахмети, е речиси 20 години.
Истиот тој Ахмети чиј син Шкумбин е влезен во бизнисот со струја, едниот негов внук , Дрин Ахмети , има 39 отсто од уделот во деловниот објект „Соравија“, а вториот внук, Бесијан Ахмети, со само 10 месеци стаж е поставен за прв секретар во амбасадата во Брисел. Ама тие, како што вели Груби, биле „угледно семејство“, пишува Вистиномер.мк
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Првиот вицепремиер Артан Груби во синоќешното гостување во Централниот дневник на ТВ Сител (27.06.2023), изјави дека немал доверба во капацитетот на овој состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и притоа ја спинуваше вистината:
СПИН: ДЕНОВИВЕ ЈА ОТФРЛИЈА ПРИЈАВАТА ПРОТИВ МЕНЕ ВО ДКСК НА ПОДНЕСОКОТ НА ВМРО-ДПМНЕ. ОГРОМНО МНОЗИНСТВО ОД СЛУЧАЕВИТЕ СЕ ИЛИ ИЗГУБЕНИ ПО АДМИНИСТРАТИВНИ ПОСТАПКИ ИЛИ ОТФРЛЕНИ ОД СУДИИТЕ И СЕ НАДЕВАМ ДЕКА СЛЕДНИОТ СОСТАВ ЌЕ БИДЕ ПОСЕРИОЗЕН. НЕМА НИТУ ЕДЕН УСПЕХ. ЈАС НА ВРЕМЕТО ГИ ИНТЕРВЈУИРАВ И ОЧЕКУВАВ ПОВЕЌЕ. ВЕРУВАМ ВО ИНСТИТУЦИЈАТА, НО ИМАМ СОМНЕЖИ ВО КАПАЦИТЕТИТЕ НА ЛУЃЕТО. ВО МАНДАТ ОД ЧЕТИРИ-ПЕТ ГОДИНИ ДАЛИ ИМААТ ЕДЕН ЕДИНСТВЕН СЛУЧАЈ УСПЕШЕН ВО ПОСТАПКИТЕ., РЕЧЕ ГРУБИ.
[Извори: Фокус ; Јутјуб – ТВ Сител: Тема на денот со вицепремиерот Артан Груби (од 7 до 9 минута од видеото) – датум: 27.07.2023]
Контраспин: Овој став, кој првиот вицепремиер Артан Груби го искажа откако беше запрашан за мислење околу купувањето на деловниот објект „Соравија“ од страна на внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но и за вклучувањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црната листа“ на САД, е спинерски, дрзок, па дури и безобразен.
Груби во самиот настап е и контрадикторен. Тој, од една страна повеќепати во интервјуто вели дека „си има институции, меѓу кои ја посочува и ДКСК, па ако има нешто спорно, тие треба да си постапат веднаш“(6,02 и 2, 14 и 6,12 минута од видеото). А, од друга страна отворено се сомнева во капацитетите на Антикорупциската корупција и со доза на потсмев вели дека „не ги бивало“.
Но, наспроти ваквиот арогантен настап на Груби, кој и самиот беше прозван од ДКСК која утврди дека вицепремиерот неколкупати ги користел службените канцеларии на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, за партиски состаноци, токму Антикорупциската комисија е една од ретките институции за која има позитивно мислење во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија.
Во таа смисла на страница 6 од Извештајот на ЕК за 2022 година, објавен на веб-страницата на Секретаријатот за европски прашања, пишува:
ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА (ДКСК) БЕШЕ ПРОАКТИВНА ВО ДАВАЊЕТО НАСОКИ НА ЈАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ВО ПОЛИТИКИТЕ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ КОРУПЦИЈА И ОТВОРИ НЕКОЛКУ ПРЕДМЕТИ, ВКЛУЧИТЕЛНО И ПРЕДМЕТИ ПРОТИВ ВИСОКИ ФУНКЦИОНЕРИ. ЗАКЛУЧОЦИТЕ ОД НЕЈЗИНИТЕ РЕДОВНИ ИЗВЕШТАИ ТРЕБА ЦЕЛОСНО ДА СЕ РАЗГЛЕДААТ. НАПОРИТЕ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ФУНКЦИОНИРАЊЕТО НА ДКСК ТРЕБА ДА ПРОДОЛЖАТ СО НАТАМОШНА РАСПРЕДЕЛБА НА ФИНАНСИСКИ И ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ. ДОПОЛНИТЕЛНИ ЧОВЕЧКИ И ФИНАНСИСКИ РЕСУРСИ ТРЕБА ДА СЕ СТАВАТ НА РАСПОЛАГАЊЕ НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО, ИСТРАЖНИТЕ ЦЕНТРИ И ОРГАНИТЕ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗАДОЛЖЕНИ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ КОРУПЦИЈА.
А подолу во Извештајот (стр.26) се посочува:
ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА ПРОДОЛЖИ ПРОАКТИВНО ДА ЈА ИСПОЛНУВА СВОЈАТА УЛОГА И ГО ЗАЈАКНА СВОЈОТ КАПАЦИТЕТ ЗА ПРОВЕРКА НА ИЗЈАВИТЕ ЗА ИНТЕРЕСИ И ИЗЈАВИТЕ ЗА ИМОТНА СОСТОЈБА. МЕЃУТОА, ОРГАНИТЕ ТРЕБА ДА ВЛОЖАТ ПОГОЛЕМИ НАПОРИ ЗА ЦЕЛОСНО СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКЛУЧОЦИТЕ ОД ИЗВЕШТАИТЕ НА ДКСК. ЗАКОНОТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА И СУДИРОТ НА ИНТЕРЕСИ ТРЕБА ДА Е ЦЕЛОСНО СПРОВЕДЕН, А ДКСК ТРЕБА ДА Е ЗАЈАКНАТА, ПОДДРЖАНА И СООДВЕТНО СНАБДЕНА СО РЕСУРСИ.
Арно ама, токму органите – државните институции кои треба да овозможат да се постапи според наодите на ДКСК, се „јавнати“ од власта во која ДУИ, предводена од Али Ахмети, е речиси 20 години.
Истиот тој Ахмети чиј син Шкумбин е влезен во бизнисот со струја, а едниот негов внук од брат, Дрин Ахмети, има 39 отсто од уделот во деловниот објект „Соравија“ во центарот на Скопје, и тоа, како што самиот кажа пред медиумите, само поради претприемачкиот дух. Вториот внук на Ахмети, Бесијан Ахмети, пак, според ВМРО-ДПМНЕ, со само 10 месеци стаж е поставен за прв секретар во амбасадата во Брисел, откако претходно преку интерен оглас бил преземен од Министерството за економија во МНР.
Сопартиецот на Ахмети и негов близок долгогодишен соработник, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од неодамна (20.06.2023) е на црната листа на САД поради негова вмешаност во значителна корупција. Според наведеното во соопштението на Стејт департментот, градоначалникот на Струга злоупотребил средства и се мешал во судски и други јавни постапки, со што ја нарушил довербата на јавноста во демократските институции и функционерите на Северна Македонија.
Антикорупциската комисија пред повеќе од три години отворила случај против градоначалникот Мерко за купување луксузно службено возило од блокирсната сметка на општината, ама како што соопшти на 23 јуни претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, Судскиот совет го загубил предметот, иако тој бил уредно доставен.
Што се однесува до последниот настап на Груби на ТВ Сител, во текот на денот реагираа од ДКСК потенцирајќи дека квалификациите за капацитетите на Комисијата од страна на висок владин функционер за кој има отворено предмет, не се ништо друго освен притисок врз работата на Комисијата и оркестриран обид за дефокусирање на јавноста
ВО ПРАВО СТЕ Г. ГРУБИ, АНТИКОРУПЦИСКА НЕМА КАПАЦИТЕТ ДА СЕ ВОЗИ ВО СЛУЖБЕНИ ВОЗИЛА 24/7 И ЗА ПРИВАТНИ ЦЕЛИ, ДА ЗЛОУПОТРЕБУВА ДРЖАВНИ ПРОСТОРИИ, ДА КОРИСТИ РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА И СЛУЖБЕНИ ПЛАТЕЖНИ КАРТИЧКИ, НИТУ ДА СЕ РАСФРЛА СО БУЏЕТСКИ ПАРИ, НО БИДЕТЕ УВЕРЕНИ ДЕКА ИМА КАПАЦИТЕТ ДА ГИ ИСПОЛНИ СВОИТЕ ЗАКОНСКИ ОБВРСКИ И НАДЛЕЖНОСТИ И ДА ИЗРАБОТИ БРОЈНИ ИНИЦИЈАТИВИ И ПРЕПОРАКИ КОИ СЕУШТЕ ЧЕКААТ РЕД И ВРЕМЕ ЗА ДА СЕ ПОСТАПИ ПО НИВ“, ВЕЛАТ АНТИКОРУПЦИОНЕРИТЕ.
Инаку, синоќа веднаш по скандалозното интервју на Груби, во кое тој ја спинуваше вистината за капацитетот на антикорупционерите, а го величеше „угледното семејство Ахмети“, Ивановска му возврати со порака на социјалните мрежи во која напиша: „Кога сè е наопаку, дното е на површина“.
Извор: https://meta.mk/