1026 hPa
53 %

7 °C
Скопје - Пон, 10.02.2025 17:59
Нееднаквоста во приходите веќе со децении расте непрекинато во речиси сите делови од светот. Според едно неодамнешно истражување, глобалната нееднаквост е иста како и при кулминацијата на западниот империјализам од дваесеттиот век. Концептот на општествена хомогамија, односно кој со кого стапува во брак, веројатно не е првото нешто што ни паѓа на ум во објаснувањето на овој тренд. Меѓутоа, данско-американскиот истражувачки тим предводен од Бенџамин Фридрих од Универзитетот Нортвестерн во Илиноис, покажа дека таканареченото брачно сортирање има една од клучните улоги во растот на нееднаквоста.
Истражувачите тргнале од претпоставката дека улогата на тој фактор е потценета заради застарената методологија. Во претходните истражувања на нееднаквоста за мерење на „брачното сортирање“ се користел само степенот на образование на партнерите. Фридрих и неговиот тим сметаат дека тоа можеби некогаш бил добар индикатор за класниот статус, но дека денес двајцата партнери кои имаат исто ниво на образование (на пример, диплома по социологија или информатика) не мораат да имаат сличен финансиски статус. Затоа за проценка на класниот статус на брачните партнери го користеле и образованието, кое потоа го групирале во четири категории „образовни амбиции“ кои се темелат на почетничката плата и можноста за зголемување на платата во одредени занимања. Користеле податоци од Данска во периодот од 1980 до 2018 година - во просек повеќе од три милиони лица годишно - и вклучиле повеќе од 1 800 образовни програми. Програмите во таканаречената најамбициозна група вклучувале неколку дипломски програми (како што се правото, бизнисот и медицината), како и преддипломски програми по претприемништво. Нивото на пониската амбициозност вклучувало архитектонски програми, како и стручни дипломи за медицински сестри и столари, каде почетните плати вообичаено биле повисоки од просекот, но не било веројатно дека ќе растат исто како и процентот на оние во највисоката група. Третата категорија опфаќала шаренолика мешавина на програми - дипломи од средни училишта специјализирани за бизнис, како и оние од стручните програми за обука на канцелариски службеници и банкарски советници. Овие занимања имаат потпросечни почетни плати и релативно висок раст на платите. Категоријата со најниски амбиции опфаќала програми кои донесуваат најниски почетни плати и зголемување на истите - како оние кои се подготвуваат за административни работни места во јавниот сектор.
Моделот во кој истражувачите го користеле само нивото на образованието покажал дека од 1980 до 2018 година влијанието на брачното сортирање на растот на нееднаквоста останало непроменето, но новата категоризација открила јасен образец: во текот на последниве четириесет години паровите станувале сè понаклонети да стапуваат во брак со партнери со иста категорија на амбиции. Во тој период брачното сортирање се зголемило за околу 25 проценти, односно луѓето биле многу понаклонети да склучуваат бракови со партнери со сличен класен статус. Истражувачите процениле дека на тој начин може да се објасни зголемувањето на нееднаквоста од 40 проценти од 1980 година, па наваму.
Истражувачите забележале дополнителни обрасци кои придонесуваат за растот на нееднаквоста - склучувањето бракови во рамки на сопствената класна група е најприсутно меѓу оние со најголеми амбиции, а оваа група се зголемувала во периодот кој го опфатило истражувањето. До тоа дошло делумно и заради влегувањето на жените во работната сила, па така и во категоријата на оние кои заработуваат најмногу, што довело до зголемување на бројката парови со два изразено високи приходи, кои истражувачите ги нарекуваат финансиски моќни парови, односно „power couples“. Исто така, приходите на најбогатите се зголемиле во однос на 1980 година, и тоа побрзо од останатите три категории, што самото по себе го објансува растот на нееднаквоста, а брачното сортирање го продлабочува дополнително.
Главниот истражувач Бенџамин Фридрих коментираше дека брачното сортирање станува сè поважно затоа што ја продлабочува и онака растечката нееднаквост помеѓу различните занимања. Додаде дека брачното сортирање можеби има и многу поголемо влијание на општествениот пренос на богатството од трансгенерацискиот пренос, односно наследувањето. Неговиот тим во моментов работи на продолжување на проектот во кој се занимаваат со влијанието на родовата распределба на платената и неплатената работа кај паровите со различен класен статус на нееднаквоста.
Превод: Алек Кузмановски
Скулптури: Isabel Miramontes
Извор: https://www.bilten.org/