1026 hPa
49 %

8 °C
Скопје - Вто, 11.02.2025 16:59
направив сè да ја убијам зимата
но ме дочека ироничната пролет
од негушкање ми се направија грутки
во мускулите
меланхолична дистрофија
контракциите се оневозможени, остана само
мускулната меморија
дијагнозата звучи злокобно
но премногу романтично за да се поверува:
тромбоза на осаменоста
нешто не е во ред со кожата
црвенилото насекаде
потврдува
ја мијам
толку пати дневно
конечно отстранив сè
секоја трага дека некој некогаш ме допрел
мојата кожа е фабрички совршена
дијагноза заверена со црвени печати:
бесконтактен дерматит
стотици азурни вени и крвни садови
и твоите две клучни коски
пејзаж што можеби би ме утешил
само да можеше да ми пријдеш поблиску
јас можам сè
но на неодлучните веќе не им ги подавам
своите долги раце за спас
направив сè да станам имуна
на туѓата воздржаност
антителата се непостојани
сега ја знам
точната дијагноза: минливост
подобро да не се навикнуваме на гушкање
Превод: Љупка Евроска