Промоција на книга и перформанс од Џемилиана Абдулова во студиото Приватен принт

30.06.2023 12:38
Промоција на книга и перформанс од Џемилиана Абдулова во студиото Приватен принт

На 3 јули 2023 година, со почеток во 19 часот, во студиото Приватен принт во Скопје, ќе се одржи промоција на книгата “A Small Roma Memory Book”, книга на Џемилиана Абдулова, во издание на студиото во рамки на активностите на студиото поддржани од фондацијата Принц Клаус од Амстердам. Книгата ќе се промовира со перформанс од авторката, со наслов „Кои сме ние?“

“A Small Roma Memory Book” од Џемилиана Абдулова е лична збирка текстови, изјави, слики и одбрана културна активност на ромската традиција со која авторката пораснала како млада културна работничка. Книгата содржи авторски текст на Џемилиана надополнет со изјави од уметници, дизајнери и музичари: Муамед Маликовски, Џамбо Агушев, Амет Јашар, Сами Осман, Симеон Атанасов, Ернест Ибраимовски, Фејме Мустафова и Хајдар Зекир, а вклучува и текстови од Севдија Демирова Абдулова, Мирдита Салиу и Љатиф Демир, како и фотографска секција од архивите на Џемилиана Абдулова, Сами Осман, Театар Рома и Муамед Маликовски. Книгата е двојазична на англиски и ромски јазик.

Џемилиана Абдулова е млада културна работничка родена 1997 година во Скопје, каде што студирала новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Од 2016 година е претседател на Здружението на граѓани Ромски културен и медиа центар „БАРИКАНИПЕ”, каде што води повеќе проекти од областа на културата. Уште од најмала возраст учествува во културни активности за зачувување на ромскиот идентитет и збогатување на ромската култура. Таа е јазичен уредник на неколку печатени изданија на познати ромски автори во издание на „БАРИКАНИПЕ“. Како аматерска актерка учествувала на неколку аматерски театарски фестивали, како и на ораторски настани. Книгата “A Small Roma Memory Book”, е нејзин прв авторски проект во форма на книга.

Оваа публикација и перформансот се дел од активностите поддржани од партнерската програма на Фондот Принц Клаус од Амстердам (Prince Claus Network Partnership Programme). Студиото Приватен принт во 2020 година стана партнер на Фондот Принц Клаус во рамки на оваа негова програма. Како дел од проектните активности, студиото соработува со млади уметници и културни работници од различи делови на земјата и ги поддржува во развој на уметнички проект преку кој ќе бидат претставени на локалната и меѓународната сцена.Програмата има за цел да ги открие локалните специфичности и разлики на нашата културна реалност и да поддржи нови идеи во зародиш.

Приватен принт е независна издавачка куќа и студио за интердисциплинарни истражувања и практики во современата уметност и графичкиот дизајн од Скопје. Врз основа на премисата дека уметноста и издаваштвото се совршениот спој кога станува збор за демократизацијата на културата, особено во општества во кои на културата ѝ недостига добра системска уреденост и институционална поддршка, мисијата на Приватен принт е да ги прошири идеите за уметноста и да овозможи нивна поголема достапност, како и да овозможи платформа за подобра видливост и интеракција на новите уметници и уметнички практики.

ОкоБоли главаВицФото