Што значи зборот стрип

30.06.2023 12:39
Што што значи зборот стрип

 

Терминот и поимот стрип: етимолошка и номинална анализа

Онтологијата на стрипот мора да започне со одредени терминолошки, поимни и структурални разјаснувања, оти тие можат да имаат влијание врз препознавањето и одредувањето на естетичката природа на стрипот. Во многу ситуации етимологијата (или потеклото на терминот) може да ги предочи и доближи содржината на поимот и суштината на феномен што поимот го означува.

Во југословенската популарна култура, под влијание на англискиот јазик, се одомаќини терминот strip. Со оглед на меѓусебната поврзаност на македонската и југословенската популарна култура, и во нашиот јазик широко се употребува и користи терминот стрип. (Во 80-ите во колоквијалниот говор беше популарен и пејоративниот термин романчиња, а деминутивната форма упатуваше на претпоставената пониска вредност на стрипот во однос на книжевноста и го рефлектираше ставот на тогашната културна и општа јавност, дека стрипот во вредносна смисла ниска културна продукција, шунд и евтина забава. Терминот романчиња денес е речиси исчезнат од употреба.)

Терминот стрип во македонскиот јазик е директна кирилична транслитерација од англискиот збор strip или strips кој има многу значења и широка употреба. Во нашиот контекст strip значи релативно подолга праволиниска лента од ткаенина, хартија, пластика или друг материјал. При крајот на 19 век кога во весниците и другите форми на печат се појавиле кратки праволиниски надоврзани сатирични илустрации, тие хоризонтално надоврзани слики, налик на ленти (анг. strips), се нарекувале comic strips (мак. шегобијни ленти). Овие стрип-ленти денес може да се сретнат и под терминот стрип-каиши или новински стрип.

Историски гледано, стрип-лентите (анг. comic strips) кон крајот на 19 век најчесто биле со хумористични и сатирични цртежи. Затоа често биле нарекувани и смешки (анг. funnys). Хоризонталната форма налик на ленти (анг. strips), заедно со хумористичните содржини, овозможиле терминот comic strips (мак. шегобијни ленти) да доминира во англискиот јазик. Овој назив станува толку влијателен и широко прифатлив што и денес сите форми на (с)ликовно раскажување преку надоврзани илустрации, иако нужно не мора да содржат хумористична содржина, се нарекуваат комикси (како во рускиот или бугарскиот јазик - рус. kомиксы, буг. kомикс) или стрипови како во јужнословенските јазици, вклучувајќи го и македонскиот јазик; хрв. strip, срп. стрип, бос. strip, сло. strip).

Во македонската популарна култура најпознат и највлијателен новински стрип беше серијалот Пецко на авторот Дарко Марковиќ коj излегуваше како дневен новински стрип во дневните весници Нова Македонија и Време.

Стрип лентите и во почетоците и денес во основа се серијализирани, излегуваат дневно, неделно и месечно во рамките на дневни весници, неделници, месечници, магазини и специјализирани списанија. По потреба во стрип лентите се користи наменска филактерија (анг. phylactery) како илустративна алатка за денотирање на говор, песна, звук и сл.

Денес стрип лентите се сметаат за подвид на стрипот како медиум и се разликуваат од стриповите во облик на книга (анг. comic books). Вториве исто така раскажувачка форма со посредство на надоврзани слики и вметнати текстуални алатки, но за разлика од стрип лентите кои се најчесто во еден раскажувачки ред, стрипот како comic book е (с)ликовен расказ кој има пообемна визуелно раскажана содржина. Има повеќе од една страница (стрип табла) или повеќе од еден раскажувачки ред (анг. tier) на стрип квадратите или панелите. Стрипот како comic book е најчесто во форма на стрип серијали, едиции или други форми на периодична публикација.

Под влијание на американската стрип култура, покрај comic strips и comic books позачестено се говори и за трета стрип форма, графичкиот роман (анг. graphic novel). Графичкиот роман или графичката новела е литературна форма која ги обединува текстот и сликата на начин најсличен до стрипот. Таа има стриповска иконографија, книжевно-графичка форма која овозможува (с)ликовно раскажување (анг. graphic storytelling) со помош на надоврзани слики и стилизиран текст. Во американската стрип култура под графички роман се подразбира стрип креиран како комплетна приказна и објавен во една книга, наспроти вообичаениот стрип (анг. comic book) кој преставува периодично издание во серии и продолженија.

Надвор од американската култура под поимот графички роман се подразбираат различни (с)ликовно-наративни дела: илустрирани книги, дел од јапонските манги, француските стрип албуми, графички адаптираните класични литературни дела, графичките мемоари, авторските и уметничките стрипови, новинарските стрип хроники и други форми на графичка литература.

Оваа широка одредница ја отежнува прецизната одредба на поимот графички роман. Најголем број теоретичари на книжевноста и уметноста сметаат дека графичкиот роман по формата на раскажување е литературно-ликовен израз кој се служи со надоврзани слики и стилизиран текст; затоа е несомнено неговото генеричко одредување како еден вид стрип.

Во оваа смисла, графичкиот роман претставува вонсериски стрип од поголем обем. Ннајчесто не е ориентиран кон младата читателска публика и не носи со себе разонода и забавен карактер. Се обраќа на возрасни читатели способни да го вреднуваат неговото семиотичкото единство на кинематографска динамика, цртеж и соодветна приказна.

Стриповите и стрип албумите прераснуваат во графички романи во средината на 80-ите години на 20 век со една делумно маркетиншка, делумно естетичка намера, на одредени стрип остварувања да им се придодаде призвук на сериозност и обемност, како и своевидна интелектуална тежина во однос на претходно потценетите раскажувања во слики. Со други зборови, поимот графички роман е дел од обидите за легитимација на стрипот како уметност. Во смисла дека графичкиот роман е нешто комплетно поразлично од стриповите кои беа сметани за евтина нискокултурна појава одговорна за негување на лошиот литературен вкус на младите.

Графичкиот роман како форма се појавува во 1950-та со издавањето на криминалистичкиот роман во слики насловен како It Rhymes with Lust на тимот Арнолд Дрејк (Arnold Drake) и Лесли Валер (Leslie Waller) како текстописци, Мет Бејкер (Matt Baker) како цртач и Реј Осрин (Ray Osrin) како одговорен за сенчењето и тушот.

Но првото издание за кое авторот го користи името графички роман за да го опише сопственото дело и издание, и да посочи на разликата од стандардните стрипови, укажувајќи на својата книжевна ориентација, е изданието The Contract with God на американскиот стрип уметник Вил Ајснер (Will Eisner) од 1977 година.

По објавувањето на автобиографскиот графички роман Maus на Арт Шпигелман кој ја доби Пулицерова награда за книжевност 1992 година, еден графички роман не само што се најде на листата на американските најпродавани книги, туку го овозможи и заклучниот легитимитет на графичката литература и стрипот како уметност под реден број девет.

Графичкиот роман претставува склоп од текст и слика, при што текстот му дава значења на цртежот, а цртежот на текстот. Графичкиот роман може да има и форма во која нарацијата се изразува со графички интервенции врз самиот текст или визуелно третирање на текстуалниот контекст со создавање нов наративен контекст. Па дури и форма во која комплетно е изоставен текстот, а раскажувањето е само преку цртежот и сликите. Графичкиот роман по својата структура се развива по композициските законитости на книжевноста. Затоа жанровите во графичките романи се идентични со жанровите во книжевноста. Од акција и авантура, преку биографии, автобиографии, документирана и (с)ликовна проза, до разните форми на фантастика, вестерн и сл.

Во францускиот јазик и француската стрип култура и творештво за стрип се користи терминот bande dessinée (на македонски: нацртана лента). Во Италија за стрип се употребува терминот fumetti, изведен од терминот fumo - облак од чад. Облакот визуелно потсетува на текстуалните или говорни облачиња (анг. speech bubble) во стриповите кои како текстуални алатки го репрезентираат дијалогот на протагонистите. Затоа во италијанскиот јазик и култура токму оваа визуелна карактеристика на стрипот е земена да биде негово генеричко име. Во Шпанија се употребува терминот historieta o cómic или tebeo (изведен од истоимената историски прва шпанска ревија за стрипови). Во Јапонија се користи терминот manga што изворно значи слики во движење Во германскиот, рускиот, грчкиот и други јазици се користи транслитерацијата на англискиот збор comics.

Да заклучиме, поимот стрип (анг. comics) е генерички или родов поим. Тој како апстрактна замисла на суштинските карактеристики ја содржи целокупноста на неговите супстанцијални одлики. Додека поимите стрип лента (анг. comic strips), стрип книга (анг. comic books) и графички роман (анг. graphic novel) се видови поими или differentia specifica. Нивниот логички однос на компатибилност е во релација на суперординираност и субординираност. Во смисла дека родовиот поим стрип ги опфаќа видовите поими: comic strips, comic books и graphic novel. Исто онака како што, на пример, содржината на поимот триаголник ги опфаќа во својот обем значењата на поимите: рамностран триаголник, рамнокрак триаголник и разностран триаголник. Поконкретно, секој графички роман е стрип, но не секој стрип е графички роман.

Избор и уредување: П. Вулкански

Извор за текстот: Бошко Караџов - Естетика на стрипот (Стрип квадрат, 2022)

Извор за стрип кадрите: Comically vintage

ОкоБоли главаВицФото