1025 hPa
63 %
17 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 10:08
Зак Голдсмит
Минатата недела британското Министерство за надворешни работи, Комонвелт и развој остана без министер за животна средина: Зак Голдсмит поднесе оставка затоа што е разочаран во скорешните залагања на Обединетото Кралство кога станува збор за борбата против климатските промени и заштитата на животната средина, разоткривајќи ги на тој начин поделбите помеѓу владејачките „ториевци“.
Во своето писмо до премиерот Риши Сунак, кого го обвинува дека е „незаинтересиран“, Голдсмит ги пофали досегашните успеси на својата земја, но смета дека актуелната влада е апатична во однос на најголемите предизвици со кои се соочува светот.
Како што пишува, Обединетото Кралство го предводеше човештвото во воспоставувањето на договорот од Монтреал за заштита на една третина од копното и океаните. А британските политичари помогнаа да се придвижи приказната за донесување меѓународен договор за запирање на загадувањето со пластика и креираа програми за финансирање на зачувувањето на биодиверзитетот.
Ако е така, тогаш што тргнало наопаку?
„Нашите напори на широкото поле на еколошките проблеми едноставно застанаа“, нагласува Зак Голдсмит.
Тој контстатира дека е „ужаснат“ зашто Британците полека ги напуштиле своите обврски на национално и светско ниво.
Според зборовите на Голдсмит, секоја анкета, без исклучок, покажува дека луѓето многу се грижат за природата и добробитта на другите видови, како и дека сакаат планетата да ѝ ја предадат на следната генерација во подобра состојба.
Министерот во оставка спомена дека Британците премногу често се отсутни од клучните форуми. Потсетуваме, малку недостасуваше премиерот Риши Сунак да го пропушти минатогодишниот Климатски самит во Шарм ел Шеик, но во последен момент ја промени својата одлука да не замине во Египет. Заради најавеното отсуство објаснето со фокусот на домашната економија, Сунак се соочи со бројни критики.
Риши Сунак
Треба да се има предвид дека позицијата министер во владата на Обединетото Кралство не е на исто ниво како на нашиве простори. Власта е поделена на 24 министерски департмани со кои раководат секретари, а во чиј состав, под самите раководни места, се наоѓаат министрите. Зак Голдсмит му припаѓаше на Министерството за надворешни работи, Комонвелт и развој во кој, меѓу другото, беше задолжен за климата, животната средина, енергетиката и прекуокеанската трговија.
Меѓутоа, тоа не ги намалува интензитетот и сериозноста на неговата порака. Бројни зелени активисти ја поздравија оставката на Голдсмит, а меѓу нив и Шон Спирс, директор на истражувачкиот центар Green Alliance.
„Зак Голдсмит долги години неуморно се бореше за животната средина и имаше значајно влијание како министер“, рече Спирс за британскиот медиум „I“.
„Но без силна поддршка од врвот, министерот има ограничен досег“.
Повлекувањето на Голдсмит од владата се случи само два дена откако беше објавен годишниот извештај на тамошниот Комитет за климатски промени кој оцени дека оваа земја го губи статусот на глобален лидер во климатската акција.
Иако Обединетото Кралство беше прв член на групата седум најбогати нации (Г7) која во 2019 година ги усвои целите за достигнување нето нулта емисии кон средината на векот, заедно со стратегијата која во моментов е на сила тоа нема да биде остварено, стои во извештајот.
Дополнително загрижува тоа што кон крајот на минатата година беше одобрено отворање на рудниците за јаглен, првпат во последните 30 години. Комитетот за климатски промени пресмета дека така ќе се емитуваат околу 9 милиони тони гасови кои ја загреваат атмосферата секоја година.
Згора на тоа, во октомври беше започната првата рунда издавање дозволи за проекти за нафта и гас по 2019 година за да се зголеми домашното производство и да се намали завинсоста од фосилните горива од Русија, наместо, во контекст на растечките температури, да се намалува зависноста од фосилните горива, независно од потеклото.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://klima101.rs/