1010 hPa
64 %

20 °C
Скопје - Пет, 25.04.2025 11:21
Реакција на текстот на г. Коста Милков со наслов „Црквата како глас на надеж и пророчки знак?“
Со внимание го исчитав текстот напишан од раката на мојот долгогодишен пријател и драг соговорник од редот на протестантските теолози, г. д-р Коста Милков, со наслов „Црквата како глас на надеж и пророчки знак?“ Ќе морам да признаам дека читајќи го текстот се најдов затечен, бидејќи очекував дека ова е последното прашање околу кое би спорел со неговиот почитуван автор. Не затоа што изнесените ставови радикално се разликуваат од моите – сѐ уште сум цврсто уверен дека не е така – туку затоа што структурата и содржината на аргументите што ги наведува му се туѓи на дискурсот што самиот го застапува.
Обидувајќи се да се позиционира како своевиден арбитер меѓу две некритички спротиставени страни, тој со леснотија посегнува по добро познати клишеа преку кои се обидува да ја обесмисли настанатата тензија, а со тоа и потенцијалната општествена дискусија што би требало да произлезе од неа. Никако не би можел да се согласам дека тоа е вистинскиот пристап.
1. Така, во делот во кој авторот се обидува да упати критика кон настанот именуван како „Сенароден собир против законот за родова еднаквост и законот за матична евиденција“, тој вели дека настанот е предводен од МПЦ-ОА, а на истиот се приклучиле „верниците од разни протестантски заедници“. На тој начин, тој прво го минимизира учеството на неговата сопствена деноминација, што не соодветствува на реалната слика, бидејќи поддршката на евангелско-протестантските Цркви е институционална, а не само индивидуална. Имено, зад протестот официјално застанува „Евангелско-Протестантската Иницијатива“, чии потписници се 11 регистрирани протестантски Цркви. Понатаму, не се спомнува ниту официјалното учество на Католичката Црква на самиот настан, што остава слика дека единствената верска институција што стои зад него е МПЦ-ОА.
2. Понатаму, во текстот се наведува дека „протестот покажува една долгорочна слабост на организираната религија: наместо да го следи Бог кој во принцип е на страната на слабите и сиромашните, религиозниот естаблишмент често ја зема страната на богатите и на моќните“. Овој исказ би го определил како типична реторска дистракција, која конечно може да се сведе на веќе здодевниот стереотип за „поповите и џиповите“. Независно од тоа дали ќе ги прифатиме или ќе ги отфрлиме, аргументите против двата проблематизирани нацрт-закона воопшто не задираат во темата за класната раслоеност. Напротив, двете страни во спорот се на овој план мошне хетерогени, па така останува нејасно по која основа Црквата така јасно и еднозначно се идентификува со страната на „богатите и моќните“, а иницијаторите и апологетите на оспорените закони како „слаби и сиромашни“. За потсетување, во повеќе наврати организаторите на настанот јасно прецизираа дека тој не е насочен против лицата од ЛГБТИ заедницата, туку против конкретните предлог-закони. Всушност, ова е можеби првиот пат во историјата на македонската демократија, религијата јавно и експлицитно да повика – и тоа во неколку наврати – на почитување на личните права на наведената популација (на пр. на прес конференцијата на МПЦ-ОА од 27.06.2023).
3. Констатацијата на г. Милков дека во Македонија има евидентен проблем со корупцијата во најважните сегменти на општествениот живот, на ниту еден начин не му дава за право да ја прозива Црквата околу нејзиниот избор на приоритети во општественото дејствување. Црквата и воопшто верските заедници немаат „службена должност“ да решаваат проблеми што некој друг ги создал. Тие имаат право да изберат кои општествени прашања во даден момент ќе се најдат во нејзиниот фокус. Од аспект на православната вера, оние прашања за кои се смета дека директно или индиректно задираат во областа на светотаинскиот живот на верните ќе имаат приоритетно значење. Со оглед, пак, на тоа дека прашањето за „родот“ стои во непосредна врска со светата тајна брак, таа ќе има предност пред другите општествени теми. Веројатно, од перспектива на некоја социјално фундирана идеолошка парадигма, како на пример идеолошкото левичарство, приоритетот би паднал на темите што г. Милков ги посочува. Но, во случајов перспективата е поинаква и тој избор е повеќе од легитимен.
4. Но, постои уште една причина зошто верските заедници реагираат токму на ова прашање. Ако првата го црпи својот легитимитет од светотаинската стварност на црковниот живот, втората се темели врз призивот на Црквата да ја сведочи богообјавената вистина за светот и човекот. Никој нема да ни замери ако говориме против нечесноста, ако повикаме на зачувување на животната средина, на подобро здравство, на подобра економија и на другите теми на чија актуелност нѐ потсетува авторот на коментираниот став. Но, ако верниците посакаат јавно да го посведочат евангелското учење за бракот и семејството – тогаш тие може лесно да бидат обележани како конзервативни, ретроградни, и напросто „верски затуцани“. Така, индиректно, преку прашањата од родовиот тематски спектар, во центарот на вниманието всушност се поставува прашањето за можното ограничување на правото на религиозните луѓе јавно да ја сведочат својата вера. Секако, не смееме да бидеме слепи пред присуството на експлицитен говор на омраза во јавноста, пред сѐ на социјалните мрежи, на што исто така бевме сведоци изминатиов период. Но, тоа е нешто што треба сите заеднички да го отфрлиме и искорениме, без притоа да ги користиме ваквите ексцеси како „аргумент“ против спротивната идејна позиција, или, од друга страна, истите да ги релативизираме или рационализираме.
5. Би се осврнал и на тврдењето на г. Милков дека ниту една верска заедница не се произнела против отворањето на рудници во околината на Струмица, Дојран и Гевгелија. Рака на срце, авторот вели дека „самиот тој не наишол на таков повик“, но формулацијата имплицира дека таков повик најверојатно немало. Тоа не е точно. Уште во 2017 г. претставници на надлежната православна епархија повикаа на учество во тогашниот Референдум против изградбата на овие рудници. Секако, тоа не е единствениот случај кога Црквата дала поддршка во вакви и слични иницијативи. Црковни ставови можеа да се слушнат и прочитаат и во врска со оспоруваната „Концепција за основно образование“, а исто така и за резултатите од Пописот во 2021 г.
6. Загриженоста на г. Милков поради опасноста од „увезување на културните војни од Америка“ ја споделуваме и ние, на што јасно посочивме во интервјуто за ТВ Алфа од 27.06.2023, како и во ТВ дебатата на 24 Вести од 31.05.2023. Меѓу другото, тогаш нагласивме дека по никоја цена не смееме да си го дозволиме луксузот на фрагментирање на општеството по идеолошка основа: „она што го гледаме во денешото современо општество е дека постои многу голема поларизација по идеолошка основа и дека средбите меѓу различните страни се исклучително продуктивни и добри за нашето општество“. Потоа, на повеќе места посочивме дека критичкото произнесување на верските заедници треба да се разбере како „подадена рака“ и „повик за дијалог“ – затоа што плуралистичко општество не може да се изгради со маргинализирање на верските заедници од јавниот дискурс (Службен весник на МПЦ, 2023, бр. 1, стр. 47-48), туку преку градење на култура на дијалог и поттикнување на толеранција меѓу различните чинители и групи во општеството.
7. Конечно, би се осврнал на една философска тема што г. Милков ја начнува во заклучните пасуси од неговото писание, каде стои: „И моето уверување е дека полот, а со тоа и родот, не смее да се сведе на ниво на есенцијализам – нешто што човештвото го дефинира по суштина“. Верувам дека на авторот му е познато дека концептот за суштината во источното христијанско предание надалеку ја надминува схоластичката метафизика на средновековниот христијански Запад. Она што примарно ја одредува половата специфика на личноста не може да биде даденоста на биолошкиот пол, а уште помалку може да биде акциденталната категорија на „родот“ (според неговото денешно разбирање). Она што според овој светоглед нѐ дефинира како мажи и жени е логосот на суштината што ја носиме, а кој се пројавува во секоја посебна личност на уникатен и совршено слободен начин. Со оглед на актуелниот modus existendi кој ни од далеку не е совршен ниту завршен, слободната личност има потешкотија да го препознае тој логос и да го усогласи сопственото природно дејствување со него. Тука се отвора темата за личната аскеза како егзистенцијален непокор и радикален метод на надминување на природните дадености. Поимот „суштина“, во сета своја многуслојност, не само што не може да се стави во заден план, туку истиот има челно место во дискусијата, секако, доколку сакаме да пристапиме кон дадената проблематика од перспектива на христијанската философија.
Извор за стрип панелите: Pappy's Golden Аge