Политиката не е пазар на идеи

07.07.2023 01:16
Политиката не е пазар на идеи

Меѓу клучните обележја на современиот партиски живот спаѓа третманот на „гласачкото тело“ како пазар. Вообичаено партиите ангажираат агенции за истражување на пазарот и потоа тие им соопштуваат што мислат гласачите за одредени теми. Програмите се формулираат и позиционираат на пазарот земајќи ги предвид размислувањата на гласачите. Таквиот пристап на Пи Ар фетишизмот страда од клучен проблем кој би можел да се дефинира и како напуштање на политиката: се откажуваме од можноста со своето дејствување и пропагандата да го обликуваме мислењето на гласачите. И се претпоставува дека тие мислења се обликуваат самите од себе во некаков социјален балон во кој политичките партии не смеат да влегуваат зашто веројатно на тој бачин би биле премногу политички. Луѓето нека одлучат што е подобро за нив: сè останато смрди на тоталитаризам.

Но, таквата автономија на гласачкото тело сепак е со ограничена природа. Не е можно да се има каков било став. Се знае што може, а што не може. Па дури и во ситуација во која инфлацијата значајно ги редуцира домашните буџети. Пред извесно време беа објавени резултати од анкета во Обединетото Кралство во која граѓаните одговарале на бројни прашања од политичко-економскиот домен. Па така одговарале и на прашањето дали се сложуваат Владата да воведе ограничувања на цените на есенцијалните стоки за полесно да се преброди кризата предизвикана од инфлацијата. Дури 67 проценти од испитаниците мислат дека Владата би требало да воведе такви ограничувања, а само 10 проценти биле против таков потег. За жал, понудиле погрешен одговор: ни конзервативците ни лабуристите не помислуваат на таква опција. Нивните експерти велат дека заострувањето на конкуренцијата - со зголемување на каматните стапки - е единствениот реалистичен одговор на инфлацијата. Не знаеме кого обвинуваат за падот на гласачите на испитот кога на располагање немаат „социјалистички менталитет“, но знаеме дека кога тогаш толкавиот расчекор помеѓу ставовите на гласачите и партиите ќе дојде на ред за наплата.

А наплатата предизвикана заради сличен расчекор се ближи во Германија. Како што веќе можеше да се прочита во бројни текстови кои се занимаваат со повторниот раст на радикалната десница ширум Европа, Алтернатива за Германија (АфД) според последните истражувања досегнува рекордна популарност до 19 проценти и со тоа поединечно ги надминува сите партии кои се на власт во моментов: Зелените, СПД и ФДП. Резултатите од истражувањето одново ја активираа индустријата за објаснување на популизмот која најпрвин, како што пишува историчарката Катја Хојер во инструктувниот новинарски прилог, се занимава со прашањето: кој е виновен? Според некои, виновна е владејачката коалиција и нивните меѓусебни препирки, други за подемот на екстремната десница ја обвинуваат главната опозициска сила Христијанско-демократската унија (ЦДУ), а повеќе или помалку сите бараат засолниште во „диктаторската социјализација“: имено, АфД е позначајно популарна во источна Германија. Последнава интерпретациска основа не може да издржи неколку банални фактички предизвици: на првите избори по обединувањето гласачите од истокот на земјата масовно гласаа за партиите од центарот; АфД забележа значаен раст и на западот од земјата, особено во индустриските центри како што е Северна Рајна-Вестфалија; мошне голем број гласачи на истокот социјализацијата ја доживеаја во демократијата.

Значи, загрижувачкиот тренд очигледно не може да му се припише на некаков недостаток на демократска култура, а ни на поединечни виновници во партискиот живот. Хојер смета дека проблемот е во тоа што останатите политички партии и слободните интелектуалци не го поставуваат прашањето зошто дваесет проценти од електоратот го одбиваат статус кво-то, туку ја претпоставуваат нивната заблуда предизвикана од цела низа надворешни проблеми. Речиси никој не претпоставува дека можеби нивните политики не ги адресираат проблемите кај овој дел од електоратот. Или, како што сугерира Хојер, не станува збор дека гласачите со изборот на АфД ја отфрлаат демократијата туку дека мислат дека на располагање немаат друг начин за искажување на своето демократско право. Секако, меѓу нив постојат и одреден број уверени фашисти, но ваквиот пораст покажува дека останатите опции едноставно не нудат канали за изразување на проблемите и фрустрациите.

Таквиот исход често е резултат на почетокот на споменатата политика која се води од истражувањата на јавното мислење. Ако своето дејствување им го препуштиш на пазарните сигнали за преференциите на гласачите, а не на работа со нив за градење заеднички ставови, тогаш е сосема извесно дека во еден момент гласачите ќе „згрешат“. Делегирањето голем број социјални проблеми на економскиот пазар едноставно ќе доведе до рушење на замислениот политички пазар. Или да го прифатиме пазарниот жаргон докрај: ограничувањето на политичкиот пазар со економскиот пазар ќе доведе до нерамнотежа - побарувачката за политички идеи ќе ја надмине понудата. А тогаш растат цените.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Dean Stuart

Извор: https://www.bilten.org/