Картони

13.07.2023 01:04
Картони

Судијата Рудолф Картлајн

Горе, на ложата, високо над мене, седи англиската кралица. И таа и уште деведесет илјади луѓе заедно со неа ја гледаат мојата драма. Моите помошници, Унгарецот Иштван Жолт и Швајцарецот Готфрид Дајнст, дотрчуваат до мене, јас им покажувам дека сум мирен и дека нема да се откажам. А себеси си велам: Рудолф Крајтлајн, ова ќе го пребродиш или нема да те биде, Рудолф Крајтлајн. Нема таков притисок под кој ќе ја промениш одлуката. Зашто служејќи ѝ на фудбалската игра постапи праведно. Поминува една минута, втора, трета, играчот не сака да излезе. Ми приоѓа, јас му велам, господине Ратин, вие сте исклучен, you’re ejected! Тој, црвен во лицето, нешто извикува, па нешто мрмори, сето тоа на шпански, јас не го разбирам. Тој не разбира германски, јас не разбирам шпански. Англиски можеби и разбира, но се прави дека не разбира. Еден од аргентинскиот штаб вика дека Ратин бара на теренот да дојде преведувач. Нема преведување, господине Ратин, you must leave the field! Во тој миг низ главата ми поминува нешто што знаев, ама сум го заборавил: на овој стадион Вембли дотогаш не е исклучен ниеден играч! Епа нека не е, овој сега ќе биде! Ќе биде, па нека се овде сите кралици и сите кралеви на светот! Овој Антонио Ратин, Аргентинец, не заслужува понатаму да го игра овој натпревар. Ова е четвртфинале на Светското првенство, стадионот е полн, сите играат и се однесуваат витешки, само тој, Антонио Ратин, приговара и навредува. Од почетокот.

Натпреварот Аргентина - Англија

Го опоменувам еднаш, тој ме гледа презриво и ми се внесува во лице. Малку подоцна страшно го фаулира Џеф Херст, со крши, со двата лакта му влегува сред грб, паѓа Херст и тогаш, божем, паѓа и тој. Долу, на тревата, Херст го прашува зошто го прави тоа, Ретин се прави луд. Го опоменувам заради прекршокот, тој кисело се смее, а потоа мрмори нешто, божем на својот соиграч. Повторно го опоменувам, тој одмавнува со раката, и повторно нешто ми ‘ржи на својот јазик, не знам што, но сигурно не ми рече дека сум еден баш добар Германец. А некоја минута претходно, досудувам слободен удар за Аргентина, покажувам растојание каде да застане англискиот жив ѕид, Ратин покажува дека тоа е прекратко. Потоа, веднаш по фаулот на Херст, се случува уште еден, близу до аргентинскиот казнен простор. Покажувам каде треба да застане аргентинскиот жив ѕид, а Ратин ми покажува дека тоа е предалеку и тргнува да мери со свој чекор. Му велам дека овде јас сум тој што мери и пресудува, тој повторно дроби. Изведуваат Англичаните слободен удар, топката оди покрај голот, голманот ја зема, ја додава на својот играч, а Ратин поминува покрај мене и ми го покажува, вака, средниот прст, а потоа показалецот на истата рака го става на слепоочницата, нели, дека сум луд! Е тука мерката беше премината, па и јас нему му покажувам нешто со прст: патот во соблекувалната! А тој не сака да излезе. Се прави турканица, скокаат и сите од аргентинската клупа, двајца влегуваат на теренот, расправање, викање. Притоа, среде сите што испоскокаа, здогледувам еден кој смирува: тоа е Кен Астон, мојот домаќин, задолжен да ми биде од помош за време на Светското првенство. Кен Астон беше големо судиско име, искусен, го судеше можеби најбруталниот меѓународен натпревар, во Чиле 1962, полуфиналето Чиле-Италија. Кен се расправа покрај аут линијата со Аргентинците и ги наговара да го вразумат Ратин да излезе. Пет минути, шест, Ратин не сака. Лесно би постапил јас, да стануваше збор за некој друг: ќе го викнев капитенот да га вразуми. Но капитен е токму тој, Антонио Ратин, човечиште од речиси два метри висина. Човекот своето капитенско звање го разбрал погрешно, како овластување да преговара. Јас одлучувам да чекам 15 минути и потоа, ако тој не излезе, да го прекинам натпреварот.

Антонио Ратин на натпреварот Англија - Аргентина

Исклучените играчи кои не сакаат да го напуштат игралиштето на тоа светско првенство се покажаа како тежок проблем. Се вжешти неколку дена порано, во Биргмингем, на натпреварот Аргентина-Германија, кога Вашиот земјак Константин Зечевиќ го исклучуваше Аргентинецот Албрехт. Исклучениот не сакаше да излезе, повеќе од пет минути траеше натегањето. Потоа, во четвртфиналниот натпревар на Германија против Уругвај во Шефилд, кој се играше истовремено со овој мојот на Вембли, исклучен е Уругваецот Хорасио Трохе, а траеше цели шест минути додека да биде оддалечен од игралиштето. Судеше Англичанецот Џим Фини. Не сака Трохе да излезе, а откако беше исклучен уште и театрално му удри шлаканица на Зелер! А Трохе е исто така капитен. Полицијата нема овластувања да влезе на теренот и да го изведе играчот. Го презема дури кога е надвор од границите на игралиштето. Ист случај беше и со другиот исклучен Уругваец, Силва. Сето тоа се случуваше истовремено додека јас го исклучував Ратин. За два часа беа исклучени тројца играчи, сите тројца Јужноамериканци.

Натпреварот Чиле - Италија (1962 година)

Утредента кај мене во хотелот дојде Кен Астон и во разговор заклучивме дека нешто мора да се стори за да се стави крај на таквото однесување. Кен ми раскажа како претходната ноќ, додека низ гужвата со автомобил се возел дома, семафорите со жолто и црвено светло му дале, можеби, некаков „патоказ“. Кен, инаку, сметаше дека фудбалското судење е пример на високо етичко мислење. Јас се надоврзав на неговото спомнување на семафорот и реков, да, жолт картон за опомена, црвен за исклучување. Ние и тогаш во џебот, еве овде на градите, имавме картони, но тие беа бели: на нив со пенкало ќе ги запишевме опоменатите играчи. Тогаш јас напишав писмо до ФИФА и го образложив „проектот“. Луѓето тоа го прифатија, но до воведувањето на тие невербални опомени во судењето потраја цели четири години. Денес луѓето толку се навикнати на картони, што многумина ќе кажат дека тие отсекогаш биле дел од судиската опрема. А воведени се дури на Светското првенство во Мексико, 1970 година. А таму беа покажувани само жолти, не беше покажан ниеден црвен. Во таа прва фаза арбитрите го држеа жолтиот картон на градите, а црвениот во задниот џеб на кратките судиски панталони. За да му биде на судијата полесно да се снајде во гужвата и гледачите веднаш да знаат дали играчот е опоменат или исклучен. На големите стадиони од далечина понекогаш тешко се воочува разликата меѓу црвен и жолт картон, а штом раката на судијата ќе тргне кон задникот, се знае. Кај нас, во Германија, заради тој џеб во кој бил чуван, црвениот картон веднаш е наречен шупачки (Arschkarte).

Судијата Кен Астон

Многумина новинари пишуваа, а и сега тоа мора да се случи, дека двата картона сум ги измислил јас. А јас ги измислив само до половина. Можеби дури и малку помалку од половина. А барем половина се дело на мојот англиски колега Кен Астон. Да имав јас при рака жолт или црвен картон кога го исфрлував Ратин, тоа ќе беше друга приказна. Таа хартија без зборови и него ќе го направеше без зборови. Неговото излегување би траело кратко, а не цели седум, можеби дури и осум минути. А за скандалозноста за целиот настан и да не зборувам. Па мене аргентинскиот печат можеби и дваесет години ме означуваше како непријател на Аргентина! И денес понекогаш ми доаѓа глас како Ратин сѐ уште не знае зошто сум го исклучил. Би сакал да го сретнам, да го каже тоа пред мене, па да му објаснам. Слушам дека е политичар, член на аргентинскиот парламент, можеби денес би се вразумил. Таков е животот на нас арбитрите: нѐ сакаат само оние кои нѐ знаат, а полните стадиони не нѐ поднесуваат.

За петнаесет години судење исклучив само пет играчи. Во Бундеслигата само еден: Јирген Бандура, од Хановер 96. На напревар во Келн, јас досудувам слободен удар, а тој вели дека ѕидот сум го поставил преблизу. И тргнува да ми докаже со свои чекори. Господине Бандура, немојте тоа да го правите, јас сум кројач, до 20 метри должина можам со око да мерам, а да не погрешам повеќе од 20 сантиметри. Тој на моето растојание додава уште пет свои чекори. И овде застанува. Јас му велам, повелете да продолжите понатаму, до соблекувалната!

Ете, јас и Кен Астон ги измисливме тие два картона, а никогаш не сме ги покажале, ниту сме ги имале во џебовите. А пред некој ден слушнав дека некој Бразилец, кој судеше на многу натпревари, напишал тестамент и во него желба, кога ќе умре, да биде закопан во кошулата во која судел, а таа има два џеба, па во едниот џеб да му стават жолт картон, а во другиот црвен. И така опремен да го положат во ковчегот.

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото