Промоција на „Црна книга“

09.02.2011 14:42
pokana-crna-kniga-web.png

Почитуван/а,

Чест ни е во името на ФИООМ и Центарот за развој на медиуми да Ве поканиме на промоцијата на изданието „Црна книга“, коe всушност претставува запис, документирање на промените кои се случуваа на јавната сцена во текот на 2009 година. Документирањето на настаните е направено од дискурсот на употребата на јазикот/говорот кој го употребуваа сите учесници во јавниот живот, кои се изразуваа во и преку радиодифузните и печатените медиумите како и сите учесници во новите медиуми и социјалните мрежи на Интернет.
Во книгата, која се состои од цитати и транскрипти од медиуми, ќе најдете и стереотипи, и пропагандна техника и лични вербални напади, кои сите не спаѓаат во говор на омраза, ама, сепак, или претставуваат насилен говор или се обични дисквалификации насочени кон уривање на правото на изразување на одредена личност или, пак, група. Од тој аспект, оваа книга има за цел да предупреди дека нивото на јавната дискусија во Македонија е на опасно ниско ниво и дека под тоа ниво, веројатно, останува само голото насилство како комуникациско средство.
Ви го доставуваме предговорот од уредникот Роберто Беличанец во прилог на поканава за кој се надеваме дека ќе Ве поттикне да земете активно учество во дебатата при нејзината промоција.

Промоцијата на „Црна книга“ ќе се случи во петок 11.02.2011 година во 12 часот во ГЕМ клубот (поранешна „Менада“) во старата скопска чаршија.
Ќе ни биде чест ако и Вие со Вашето учество го збогатите овој настан.

(Во прилог е предговорот на уредникот)


Со почит,

ФИООМ и ЦРМ

 

ПРЕДГОВОР

Оваа книга, пред сè, е документ за тоа што се случуваше во 2009 година на јавна сцена. Таа година беше маркирана од два насилни инцидента во чијашто суштина лежеше обид со насилни средства да се спречи слободата на изразување на две групи граѓани. Прво, насилно беше спречено одржување трибина на „Граѓани за европска Македонија“ во Струга од страна на организирана група луѓе, а веќе наредниот месец беше насилно спречен протестот поради изградба на црква на централниот скопски плоштад организиран од група студенти по архитектура – „Прва архибригада“. Во вториот настан, за првпат во историјата на самостојна Македонија, со реално физичко насилство беше спречен мирен протест од страна на друга организирана контрагрупа.

Овие два насилни настана во краток период покажаа дека нешто со јавниот дискурс во Македонија е крајно проблематично. Годината што следуваше само го потврди тоа со серија ексцеси и со притисоци врз различни групи и поединци.

Имајќи предвид дека физичкото насилство е секогаш подготвено од вербалното, се обидовме да направиме избор на „бисери“ од македонскиот јавен дискурс. Имајќи предвид дека линијата меѓу слободата на изразување и говорот на омраза е танка, имајќи предвид дека говорот на омразата секогаш мора да се разгледува во контекст и, што е уште побитно, како составен дел на тој контекст неизбежни се и последиците што ги предизвикува, материјалот што следува е организиран на два начина. Прво, се обидовме да се фокусираме на неколку настани и во форма на „студија на случај“ и на читателот да му ги ставиме на располагања медиумските подготовки, но и релативизирањето на тие настани во медиумите и преку интернет-заедницата. Второ, кога се работи за стандардните стереотипи, кои имаат забавен и кумулативен ефект, а се насочени кон одредени ранливи групи, исто така се обидовме да извадиме некои карактеристични изјави.

Имајќи предвид дека новите генерации сè повеќе се вртат кон новите медиуми на крајот од овој материјал е поместено цело поглавје посветено на дискусиите на интернет. Македонскиот кибернетски простор стана Cloaca Maxima на јавниот дискурс и низ него, во суштина, можат да се следат реалните одеци од пораките што се испраќаат преку најзастапените медиумите и од официјалната јавна сцена.

Оваа книга нема амбиција да го исцрпи бунарот на бедата на македонскиот јавен дискурс, ниту, пак, има амбиција сите поместени примери да ги маркира како говор на омраза. Тука ќе најдете и стереотипи, и пропагандна техника и лични вербални напади, кои не спаѓаат во говор на омраза, ама, сепак, или претставуваат насилен говор или се обични дисквалификации насочени кон уривање на правото на изразување на одредена личност или, пак, група. Од тој аспект, оваа книга има за цел да предупреди дека нивото на јавната дискусија во Македонија е на опасно ниско ниво и дека под тоа ниво, веројатно, останува само голото насилство како комуникациско средство.

Оваа книга функционира само како еден документ, кој преку фрагменти за состојбата на јавниот говор во Македонија во една одредена временска отсечка 1.1.2009 – 31.12.2009 година се обидува да предупреди дека нивото на јавната дебата е проблематично и претставува ограничувачки фактор во остварувањето на човековите права во земјата. И пред овој период во Македонија постоел ваквиот говор и по овој период ќе постои. Но, секогаш треба да се има на памет дека говорот на омразата и говорот на насилството некогаш зборуваат со јазикот на љубовта... Љубовта кон водачот, кон татковината, кон семејството, кон децата... И тој говор, исто така, е застапен во оваа книга.
Пред секое поглавје ќе дадеме минимален контекст во кој се продуцирал материјалот што е пред вас, а потоа следуваат извадоци од медиумски материјали и тоа во форма во која се објавени во медиумите или, пак, на интернет или, пак, е верен транскрипт на изреченото во ТВ-емисии. Текстовите се предадени во изворна форма, така како што се напишани. Ова особено важи за материјалот што е собран од блогови и од „фејсбук“. Тој материјал ја следи структурата на веб-страница и на прв поглед може да изгледа збунувачки, особено што огромен дел од коментарите се напишани на латиница. Латиничните коментари се оставени намерно и како сведоштво за очајното ниво на писменост на тие што ги напаѓаат другите за уништување на македонскиот идентитет. Пред транскриптите на емисиите стои ознака за часот и минутата во која почнува делот што е извлечен во транскриптот.
Заклучоците извлечете ги сами.

Слични содржини

Е-библиотека

ОкоБоли главаВицФото