1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Во четврток (20.07.23.) во Бруталиск (Илинденска 38) во 20 ч. - промоција на антологијата Скопски раскази. По повод промоцијата на Окно пренесуваме еден расказ од книгата, од неодамна починатиот наш пријател Сашо Стефановски (кој се потпишуваше и како Џанго Помалиот).
Нешто убаво сабајлево. Станав околу 6. Не се спие. Не знам како ми се чувствуваат другарите, ама јас бајаги растревожен, еве 3-4 дена. Не поминуе.
Зиам точакот и прво на бурек, на Чешма, а после ќе фатам путот. Нее... не работат. Први мај. Океј. По пат некаде.
Облачно, студеникаво. Не дува. Тамам. Улиците се празни. Живо пиле нема, кола нема. Тоа! Можеш да правиш кристијании среде „Илинденска“. И правиш. Џандари нема, пошо сеа деноноќно се зафатени со чување згради. Празно Собрание и Влада. „Добиле наредба“, конечно.
Мислев да влезам у парк, а после низ него... и излегувам некаде кај Палас, а после? Па, не е важно. Ќе видам кај е отворено за кафе. Рано е. Некаде кај фонтаната, џогерка. Се глеа дека не е од овде. Застана, ме глеа и ми даде знак да запрам. Излезе дека зборува македонски, ама пак не сум сигурен дали е родена овде или само го научила јазикот.
– Во кој правец возиш?
(Ѝ го кажав планот.)
– Би сакал километар-два да возиш покрај мене?
– ??
– Ме фаќа криза во првите неколку километри. Само друштво.
(Вчудовиден сум, ама не покажувам.)
– Колку километри трчаш?
– Обично околу петнаесет.
– Абе, ај?
– Да, зошто?
(Она тоа мене најнормално ме прашува еј... ха-ха-ха.)
– Па, и ја отприлика толку, ама со точак.
– Нема врска, исто е. Треба само да почнеш.
– Ахам.
Извозевме заедно колку што извозевме. После некое време само ми мавна и се изгуби на една споредна патека.
Треба само да почнеш.
* * *
И така една вечер...
Вечерта сасвим океј. Пријатна. Роденден некој, на најубавата улица. Најубава, додека имаше калдрма и дрворед ко од филм. Не сакам жешко. Најмирниот пут коа идеш од рампа у грат, а сенка? Батерија ти требе на пладне. Сенка!
И роденденот океј. Среќаваш луѓе кои можда си требал да ги сретнеш и порано. Нема врска.
Дома, многу пред полноќ. Очи ти се склапаат и си викаш, што да не? Заеби и ФБ и све. Тонеш.
Најзаебано, ко и увек, заебанциите отпосле доаѓаат. Се будиш у триипол сабаље. Душа ти спие, ама очи пет банки. Болка те буди. Грч у нога.
Стално ќе ти текне нешо супер у вакви ситуации, да излезеш од глупо стање.
Празни улици. Подзасушени. Аута нема. Палам точак. Скоро 4 сабаље е.
Си ги повторуем у себе аутоматите за кафе кај шо можеш да се уџипиш по пут.
Почеток на Илинденска. Не ми се веруе. Не. Истана џогерка. Малце незгодно ми падна. Сакав сам да се збрлавам. Нејќев да ме види, ама немаше каде. Се праам будала, ја шишам у стодвајспета брзина. Коа...
– Хеееееј.
Е јебга. Јебга! Морав да застанам. За малце ќе се оплескав. Уше мокро, чат-пат, а тркалоно цајканска праи. Е праи, ко ќе стиснеш само на едната ручица, со сета сила. Океј. Супер шизички. Да се оплескав, додуша, немаше баш да биде. А ми се случуе.
– Хеј... Шо вака рано? Ти глеаш колку е сат?
(Знаев дека е глупо прашањето, ама мораше нешо.)
– Не можев да заспијам, а супер е. Нема никој.
– Е сеа има.
(Се смеши, оноа...)
– Да да, супер што помина.
– Ахам, супер. Станат сум ниедно време и не знам шо со себе.
– Ај вози со мене.
(Си викам, шо да не? Не ми е прв пут со нездравава. Оваа и така не е со сите, ама добра си е. А ја не сум. Ама ич не сум. Иаме слушалици, не мора муабет. Това е одлично.)
– Идеме. До каде овој пут?
– Па, не знам, шо ти е гајле уствари?
– И не ми е.
* * *
Сабаљево, први јануар, после луда и проспиена ноќ. Натнуем ѕиврите, поклон шо ми се. Трењерките шо се за минус. Капа вунена. Оноа за на врат и уста, за минус шо е. Рукавици, ко шо е ред. Точакот од подрум.
Позната путања, кратка овојпут. До парк и кроз него.
Негде кај матично, познат профил. Џогерката. Хеланки, за минус шо се. Без рукавици. Прстите мраз... највероватно. Капа лефтерна. Јакна, полефтерна здравје.
Исто ко прошли пут, се праам мутав и убрзавам, ама касно, исто ко прошли пут.
– Хееееј!
(Кочам со предна и за малце јајцата у гидан.)
– Хеј ти... шо вака?
– Да истрчам за денеска.
– Абе ладно...
– Е добро де. Ти кај си тргнал?
– Ми јави некој, тука си.
– Ајде?
– Да бе.
– Ќе возиш со мене?
(Пак истиот филм.)
– Наравно. Имам избор?
– Немаш! До Зоолошка само, а после ќе видиме...
У јеботе, до Золошка. Лабуди ќе глеаме? Среќа затворено беше, па назад у Идадија. Вруќа ракија даваа.
Стрип панели: Fletcher Hanks
Сашо Стефановски (1965-2023) ‒ под псевдонимот Џанго Помалиот објавил книга со куси маалски раскази „Намали малце чалам“ (2018). Проза објавувал на порталот „Окно“. Автор е на наградуваниот драмски текст „Модерна алхемија“, што на крајот на осумдесеттите самиот го режираше во МКЦ. Расказот Само друштво е од книгата „Намали малце чалам“.