Земјотресна недела во Скопје отворена со промоција на „Скопски раскази“

21.07.2023 13:45
Земјотресна недела во Скопје отворена со промоција на „Скопски раскази“

Вчера (20.07.23.) во културниот центар Бруталиск се одржа промоција на антологијата „Скопски Раскази”. Издавач е  Темплум", а книгата е објавена како 138 издание во едицијата Магма. Во антологијата, на 500 страници, се застапени раскази од 66 автор(к)и. Изборот го направија Никола Гелевски и Лидија Капушевска Дракулевска.

На промоцијата говореа уредникот и приредувачот Никола Гелевски и новинарот и писател Ѕвездан Георгиевски (застапен во антологијата).

Меѓу седумдесетината гости во публиката беа присутни и дел од застапените автор(к)и. 

Во рамките на промоцијата беше прикажан и извонредниот краток филм „Тајните архиви" на Скопје од Катерина Габунија, составен од приватни видео материјали на граѓани кои Габунија со години ги собирала.

Никола Гелевски зборуваше за принципите според кои е составена антологијата, за местото на книжевноста во современата култура и за потребата од градење сцена/сцени („и самата антологија е своевидна сцена, и тоа прилично обемна, на која стојат 66 различни пристапи и поетики“).

Беше искористена и можноста да им се оддаде почит на неодамна починатите автори застапени во антологијата: Владимир Плавевски, Сашо Стефановски и Марко Петрушевски (застапен во друга скорешна антологија „Темплум", „Џинџуџе во земјата на афионите").

„Новата антологија се надоврзува на Ден во Скопје, првата книга скопски раскази објавена во 1998 година, исто така во издание на „Темплум" и со истите приредувачи. Во таа дамнешна антологија беа застапени 24 автор(к)и, од кои повеќето го задржаа своето место и во актуелнава антологија. Целта на антологиите е да направат моментна снимка, преглед на актуелниот распоред, личен, пристрасен, се разбира, според вкусот и знаењето на приредувачите. Антологиите се и своевидни прегледни архиви, и затоа нивната важност е поголема, а и одговорноста на уредниците и антологичарите расте поради таа ем историска ем современа важност на антологиите. Со Лидија се трудевме да бидеме одговорни, но и компетентни, принципиелни и креативни, нудејќи наш специфичен поглед на расказите пишувани овде последниве шеесетина години, а чија главна тема е Скопје“.

Извор: https://trn.mk